Press "Enter" to skip to content

Скопје-Прага-Шутка

Со растреперен глас долгогодишниот судија, Владимир Туфегџиќ, ја читаше пресудата за Сашо Мијалков во случајот „Тврдина– Таргет“.

„Ми се одзема гласот. Не знам што ми се случи. Јас не сум тремаџија, меѓутоа ми се одзема гласот. Водичка добро што имаше“, и’ рече судијата Туфегџиќ на неговата колешка Џанета Бегтовиќ кога мислеше дека микрофоните се исклучија.

Судиите Џанета Бегтовиќ и Владимир Туфегџиќ ја донесоа пресудата за најголемиот судски случај од независноста на државата во кој жртви на системот беа над 20.000 незаконски прислушувани граѓани во период од седум годни. Осудени се 12 луѓе кои добија 55 години затворски казни и 5 условни осуди.

Поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, е осуден на затворска казна од 12 години затвор. Во Кривичниот суд беше донесен од домашен притвор со полициско комбе, но на рацете немаше лисици, туку папка со документи. Во судницата најбројни беа новинарските екипи, а во делот за јавност седна постариот син Јордан Мијалков.

И тој можеше да ги слушне пораките кои на крајот на судењето ги прочита судијката Бегтовиќ упатени до осудените, до актуелните функционери, но и до граѓаните.

„Обвинетите кои биле високи функционери на власта, покажале став дека функционерите се над законот. Кога таков функционер со такви овластувања го прекршува законот, тоа ги урива темелите на правната држава. Тие целосно ја уништиле довербата на јавноста во институциите и власта, создавајќи слика за себе како недопирливи. Граѓаните кои биле предмет на прислушување се обесправени и изгубија секаква доверба во функционирање на иснтитуциите. Со самата судска завршница на овој предмет судот потврдува дека актерите се казнети за се она што го направиле. Нема недопирливи. Сите граѓани во оваа држава се еднакви пред законот“, рече судијката Бегтовиќ.

Началникот – под ова име стана познат меѓу граѓаните по објавувањето на прислушуваните разговори. Митот за ладнокрвен кој го изгради додека беше шеф на тајната полиција, уште повеќе го надгради додека неговиот глас се слушаше во т.н. „бомби“. Го задржа имиџот и денеска додека ја слушна висината на казната и не покажа никаква емотивна реакција.

На крајот на судскиот процес, единствено судијата Туфегџиќ почуствува потреба да им се обрати на присутните и да им објасни дека трепетот во гласот бил поради заштитната маска и сувиот воздух. 

Наредните 60 дена Мијалков ќе ги мине во притвор во Истражниот затвор Шутка. Обвинителката Ленче Ристоска рече дека осудениот има пари, моќ и имот во земјава и странство и постои опасност тој да избега.

Што претходеше на пресудата

Од завршните зборови минатиот петок до денешната пресуда, поранешниот шеф на тајната полиција цела држава ја вовлече во трилер сценарио во кое исходот се нагаѓаше се’ до денеска.

Целата јавност ја слушна пресудата, но институциите и државниот врв не обелоденија дали имало тајни разговори, преговори и услови за враќање на бегалецот Мијалков.

При денешното читање на пресудата судијата Туфегџиќ откри дека одлуката била донесена во средата во 12 часот во Кривичниот суд. Пресудата била донесена едногласно од сите членови на советот.

Мијалков сам се пријави во Обвинителството ден претходно.

Највисоки казни од сите дванаесет обвинети добија началниците вработени во УБК во време кога се случувало прислушувањето – Горан Грујевски и Никола Бошковки. Тие се осудени на затворски казни од 15 години, но тие нема да заминат во затвор затоа што се во бегство од јули 2017 година и се во Грција.

Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која одлежува четири годиншна казна затвор за случајот „Тенк“, со денешната пресуда доби уште четири години во Идризово.

Обвинетите се осудени за незаконско прислушување на околу 20 000 граѓани и уништувањето на опремата од некогашната УБК. . Биле следени 5827 телефонски броја за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Судењето почна на 22 декември 2017. Денес финишираше со пресуда која одбраната ќе ја обжали до повисокиот Апелациски суд.

Мијалков & компани

Сашо Мијалков во моментов не е сопственик, нити управител на ниту една фирма во Македонија. Според базите на податоци на регистарот во Чешка кои ги провери ИРЛ, тој таму има своја компанија „EFFICIENCY, S.R.O“, регистрирана уште во 1993 година со адреса во Прага. Мијалков во Прага има и свој стан и две возила регистрирани на негово име. Уште една чешка фирма во која Мијалков бил сопственик е „MYRTLANIS S.R.O“, но оваа компанија сега е во сопственост на фирмата „TASIGA CORP“ од Панама.

Во Македонија семејниот бизнис го води постариот син Јордан Мијалков, кој е сопственик на пет фирми. Фирмата „Бест веј инвестментс“ која е формирана во 2015 година, го најави влезот на семејството Мијалкови и во нафтениот бизнис. Покрај бензински станици, фамилијарната фирма управува со уште две компании поврзани со трговија на нафтени деривати. 

Мијалкови преку фирмите имаат удел во хотелот „Мериот“ млекарата „Здравје Радово“ и обложувалниците „Макс бет“.

Илустрација: Лука Блажев и Елена Митревска – Цуцковска

Поврзани стории:

Како ви избега?

Како ви избега?

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »