Press "Enter" to skip to content

Повторно е одложено судењето на Нефи Усени, позитивен е на Ковид 19

Во судот во Охиди денеска повторно не се одржа рочиште во кое обвинети се Нефи Усеини и неговиот брат Ибраим Усеини. Претседателот на судот, Васил Баткоски, во изјава за ИРЛ рече дека поради здравствени причини судењето е одложено.

„Рочиштето се одложи бидејќи обвинетиот Нефи Усеини е позитивен на Ковид 19“, ни изјави Баткоски.

Освен денешното рочиште беше закажано уште едно за 3-ти декември, но поради позитивниот тест на Усеини ново судење е закажано во јануари.

Рочиштата во кои е обвинет Усеини повеќе пати за одлагаат поради разни причини. Во октомври тој не се појави во судот бидејќи бил на операција на синуси во Турција. Претседателот на судот Баткоски вели дека по враќањето од Турција Усеини доставил медицинска документација како течело лекувањето.

Нефи Усеини и неговиот брат се обвинети за насилство што се случи на 18 август пред хотел во Охрид, кога физички го нападнале  охриѓанецот Спиро Топаловски. На браќата им беше одреден притвор од осум дена, но тие шест дена беа во бегство по што сами се пријавија во затворот во Охрид.

Нефи и Ибраим Усеини понудија гаранција во висина од 30.000 евра во кеш за да им се укине мерката притвор или да им се замени затворскиот со домашен притвор или друга поблага мерка. Обвинителството не ја прифати првата понуда, па потоа браќата Усеини понудија гаранција од 850.000 евра во недвижен имот и беа пуштени да се бранат од слобода. Во притвор беа 16 денови. А, додека беше во притвор Нефи Усеини си отвори нова фирма во Битола за производство на градежни материјали – Бетон 2020 Н&О ДОО Битола.

Освен гаранцијата во недвижен имот други мерки за обезбедување не му се одредени на Усеини. Пасошот не му е одземен, па така тој минатиот месец замина на операцијата на синуси во Турција.

45- годишниот Усеини е советник на ДУИ во општината Охрид и истовремено бизнисмен кој гради и поседува дивоградби во градот и околината и кои досега не се урнати, освен бетонската база на влезот во Охрид која ќе биде дислоцирана на друга локација.

Нефи Усеини низ годините имал многу кривични пријави, но само една условна пресуда. Тој бил гонет за насилство, тешки кражби, предизвикување општа опасност, фалсификување патни исправи, загорзување на безбедност, но не одлежал ниту еден ден затвор.

Поврзани стории

Бетонизација на Маврово

Нефи Усеини од бегство си отвори фирма во Битола

Погледнете го видеото на ИРЛ од серијалот „Локални шерифи“ кое беше посветено на ликот на Нефи Усеини

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »