Дозволата за градба на објект во парк – шумата Водно којашто во реалноста нема пристапен пат ја издаде градоначалникот Саша Богдановиќ непосредно пред неговото заминување. Богдановиќ ги игнорирал извештаите на Инстутутот за сеизмологија кои покажувале дека доколку се изгради пристапната улица, шумата на Водно ќе претрпи сериозни последици.
Со 13 гласови ЗА, советниците на Општина Центар ја стопираа изградбата на пристапната улица 5 предвидена со ДУП от за Градска Четврт Ј 07 која беше предвидена за пристап во зелениот појас на Водно. Со оваа одлука на советот, фирмата „Маркеза ДОО“ нема да има можност да гради во парк шумата.
Жителите од улицата „Питу Гули“ на Водно со месеци бараа начин како да спречат нова бетонска инвазија на падините планината, веднаш над нивните куќи, од каде започнува густата шума или белите дробови на Скопје. Користејќи ги сите механизми, тие испратија жалба и до Министерството за транспорт – со клучен елемент дека до плацот каде треба да се гради нема пристапен пат. Но министерството ги одби.
Општина Центар со одлука на советот, денесе решение со кое се стопираше изградба на пристапен пат, кој ќе значеше можност фирмата Маркеза да донесе багери на падините на Водно и да започнеше изградба на ново бетонско здание. Соседите од улицата „Питу Гули“, упорно институционално бараа начин да докажат дека пристап до плацот каде треба да се гради нема. По силните јавни реакции, градоначалникот на Општина Центар денеска објасни дека по премерот на теренските коти на улицата Питу Гули, податоците покажале дека наклонот за пристапната улица изнесува 30 проценти што не било во согласност со Правилникот за урбанистичко планирање.
„Најдовме начин како да спречиме да се сечат дрвја и да се уништува планината. Ова е решение во корист на сите Центарци. Нема потреба да го дискутираме со саати. Станува збор за доброто на сите“, рече Герасимовски
Советниците дискутираа околу тоа дали тие треба да го задолжуваат градоначалникот за донесување на вакви одлуки. На дел од нив не им беше јасно зошто воопшто оваа точка е приоритетна за расправање на седницата.
Раководителката на Секторот за урбанизам и урбанистичко планирање, Александра Марсениќ Крајчески објасни дека улицата не е во согласност со ДУП – от и со правилниците и дека во ниеден случај не може да се реализира сервисен пристап до плацот.
„Со ова ќе спречиме пат и за сите идни постапки. Се работи за 8 парцели на Водно. Улицата го надминува наклонот и нема логика тоа да се изведе на лице место“, изјави Александра Марсениќ Крајчески.
Советниците од партијата „Левица“ побараа пет минутна пауза за да се консултираат како да гласаат, по што одлучија да го поддржат предлогот на градоначалникот Герасимовски „бидејќи е за општото добро за Центар“.
Заклучоците од предложената точка се изгласаа од страна на 13 советници. 15 советници беа физички присутни, пет беа вклучени онлајн, а тројца отсуствуваа. За оваа точка од дневниот ред, никој од советниците не се изјасни дека е воздржан, ниту дека е против.
Со оваа одлука на Општина Центар, фирмата „Маркеза ДОО“ во сопственост на Филип Костиќ нема да има пристапен пат до парцелата во шумата на Водно. Но сепак Општина Центар нема да им го поништи одобрението за градба, но на инвеститорите нема да им остави простор преку кој ќе можат да пристапат до парцелата. Во последните неколку години, Костиќ влегува во деловен однос со градежната фирма „БИСИ ДООЕЛ“ во сопственост на поранешниот функционер на ВМРО – ДПМНЕ, Ивица Георгиевски – Фреди.
Според документите од Централниот регистер, во март минатата година склучен е договор за закуп помеѓу „БИСИ“ на Ивица Георгиевски – Фреди кој на 8 април подигнува кредит од Стопанска Банка во вредност од 4.300.000 евра, а гаранција за неговиот кредит се побарувањата за закуп што ги има од Филип Костиќ.
Дозволата за градба на објект во парк – шумата Водно кој во реалноста нема пристапен пат ја издаде градоначалникот Саша Богдановиќ непосредно пред неговото заминување. Богдановиќ ги игнорирал извештаите на ИЗИС кои покажувале дека доколку се изгради пристапната улица, шумата на Водно ќе претрпи сериозни последици. Деталниот урбанистички план за овој дел од Водно е донесен во јули 2014 година. Изгласан е со 11 гласови ЗА, 11 ПРОТИВ и еден воздржан. Во 2015 година, поранешниот лидер на СДСМ обелодени дека ДУП-овите („Тасино Чешмиче“ и „Капиштец – Водно“) каде што се наоѓаат овие парцели биле менувани со цел „да се задоволат мегаломанските афинитети на тогашниот премиер Никола Груевски“. Во соседство на парцелата на „Маркеза“ се и парцелите чии сопственици се фирмата „Ексико“, „Кара“ на Орце Камчев, „Манд Интернационал“ на бизнисменот и поранешниот кошаркар Пеце Наумовски. Маркеза е засега единствената од оваа дружина која добила дозвола за градба од претходниот градоначалник Богдановиќ.
Последно истражување: Кај ми е сонцето