Никола Додевски со години бил најплатениот адвокат од државните институции. Тој не само што во суд ги бранеше ВМРО-ДПМНЕ и лично поранешниот премиер Никола Груевски, туку бил и на платниот список на повеќе државни компании. Најголем ќар имал од Ј.П. Водовод и канализација – Скопје, односно за три години (2016, 2017 и 2018 година) му се исплатени вкупно 272.876 евра.
Додевски бил водечкиот адвокат според исплатените суми и на државните фирми ЕЛЕМ и МЕПСО. Од ЕЛЕМ му се искеширани 158.000 евра за период од 6 години, а од МЕПСО за четири години наплатил 47.000 евра за адвокатски услуги.
Сите овие податоци ИРЛ ги доби според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Побаравме податоци од десетте државни компании кои имаат најголем буџет за исплатени суми за адвокатски услуги од 2007 до 2018 година. Добивме информации од шест – ЕЛЕМ, МЕПСО, Комунална хигиена – Скопје, ЈСП Скопје, Ј.П. Водовод и канализација и Ј.П. За државни патишта. Информациите ги побаравме на почетокот на март, но досега одговор не добивме од МРТВ, Ј.П. Македонски шуми, А.Д. Македонски пошти и М.Ж. Транспорт.
Во времето кога Додевски бил водечкиот бранител платен од државни пари, адвокатите се бираа на јавен тендер. Во 2017 се смени Законот за јавни набавки и оттогаш секоја компанија има ексклузивно право да ги бира адвокатите кои ќе ја застапуваат пред суд. Па со смената на власта се менува и адвокатскиот тим и Додевски отпаднал од МЕПСО.
„Согласно измената на Законот за јавни набавки, од средината на 2016 година, МЕПСО склучува договори со адвокатите и адвокатските друштва согласно потребите на компанијата од причина што, останатите закони го налагаат задолжителното постапување во одреден сегмент од постапката за нивно ангажирање. Договорите се склучуваат врз основа на рамка (предвидена во буџетот на друштвото), кој е согласно адвокатската тарифа и нивната (ad hok) ангажираност.“, изјавија од МЕПСО за ИРЛ.
Во МЕПСО до 2018 освен Додевски, секоја година била ангажирана и адвокатската канцеларија Чичевалиев и Илијовски. Нивната фирма е формирана во 2010, а од 2012 почнува нивниот ангажман во МЕПСО. Во тој период Илијовски беше советник на ВМРО ДПМНЕ во општина Центар, а денес е еден од реформаторите на оваа партија. Адвокатското друштво Чичевалиев и Илијовски од 2012 до 2018 зеле 42.000 евра.
ЕЛЕМ рекордер за исплатени пари за адвокатски услуги
Од 2007 до 2018 година ЕЛЕМ или сега ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) има исплатено најмногу пари за адвокатски услуги. Вкупно 1.176.000 евра, од кои 461.000 евра на домашни адвокати. Од нив една третина или 158.000 евра зел Никола Додевски. Најголемата сума исплатена од ЕЛЕМ за адвокатски услуги е во 2017 година на фирмата Curtis, Mallet – Prevost, Colt @ Mosle LLP во износ од 715.000 евра.
Миле Зечевиќ од лани е адвокат на „Водовод“ Скопје
Во Ј.П. Водовод – Скопје во 2016 двајца адвокати наплатиле вкупно 562.000 евра. И во ова друштво е Никола Додевски. Најмногу пари зел адвокатот Марко Димов од Велес 302.000 евра, а Никола Додевски искеширал 260.000 евра.
Димов за ИРЛ изјави дека бил избран со одлука на раководството на Водовод. Испратил барање за соработка и компанијата решила да го ангажира за да ја застапува пред суд.
Во 2017 година во Водовод биле ангажирани седум адвокати, а во 2018 година кога директор станува Душко Весковски од СДСМ бројот се зголемил на седумнаесет. Лани од оваа фирма биле исплатени вкупно 555.000 евра за адвокатски услуги.
Со смена на власта, постепено се менуваат и адвокатските тимови во државните фирми. Па, така еден од адвокатите на Водовод лани станал и Миле Зечевиќ, организационен секретар на СДСМ и надворешен соработник на премиерот Зоран Заев. Во 2018 Водовод на Зечевиќ му исплатил 77.000 евра.
Директорот Весковски за ИРЛ изјави дека сите адвокати што испратиле барање за соработка биле ангажирани. Тој објаснува дека Водовод има милионски побарувања од должници, а бројот на адвокати е голем бидејќи за секое побарување над 2.000 денари мора да се ангажира адвокат и затоа сумата за адвокатски услуги е над половина милион евра.
Според документите кои ги добивме од Ј.П. Комунална хигиена, од 2007 до 2018, најмногу пари зел адвокатот Мефаиљ Арслани 130.000 евра. Лани во ЈСП Скопје биле ангажирани двајца адвокати – Ивана Талевска Трендафилова и Јасминка Јованов Трајковска, како и адвокатското друштво „Ристовска и Вујиќ“. Во Државни патишта во изминативе години адвокати се ангажирале согласно потребите, па така лани оваа компанија нема склучени договори со ниту еден адвокат.
На списокот на државните институции со најголем буџет го нема двоецот Чукиќ и Марков, кои беа адвокати на многу сомнителни фирми и офшори поврзани со Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Никола Груевски и нивните бизниси. Но, затоа адвокатскиот тим Чукиќ и Марков со години беа адвокати на ЕВН, Балкан енерџи груп и Телеком.