Press "Enter" to skip to content

Мртва тишина

Наместо да ја штити фелата од „расипаните јаболка”, Лекарската комора спречува жртвите на лекарски грешки да добијат шанса за разврска и правда. Случајот на Дона Неделковска од Тетово која остана без матка покажува дека пациентите се жртви на системот којшто треба да ги контролира и казнува лекарите. Поради молкот на надзорните институции граѓаните не можат да покренат кредибилни постапки пред обвинителството. Дека Лекарската комора е непробоен бедем во патот до правдата, покажува и бројот на одземени лиценци на лекари во трите децении откако постои оваа еснафска организација. 

Известуваaт: Маја Јовановска и Деница Чадиковска/Илустрации: Лука Блажев

Секој 8-ми март Скопје буквално расцветува. Граѓани уште рано се растрчани по свежо цвеќе за своите мајки, баби, учителки, сестри, колешки. Меѓународниот ден на жената во Македонија традиционално се обележува со цвеќе и почесто во кафеана. Оваа година беше поинаку. По стишувањето на кафеанската еуфорија, во 18 часот поворка од жени протестира за правата на жените. Поводот е сѐ повидливото економско и физичко насилство врз жените. Слоганот е моќен: „Ќе преживеат ли жените овде“? 

Еден транспарент се издвојува од останатите: „Молкот убива“. Го носи млада девојка во раните 30-ти години. Таа сака нешто да порача од овој марш. Нејзиното име е Дона Неделковска и доаѓа од Тетово.

Јас сум девојката што за малку ќе го изгубеше животот, а ја изгуби матката поради негрижа”, Неделковска по втор пат ја раскажа јавно нејзината приказна, но овојпат пораката ќе одекне гласно.

Избледената жртва на неправди од некогашните малубројни новинарски написи ќе стане повторно актуелна, а илјадници граѓани ќе се солидаризираат со нејзината институционална борба. Трае година и половина, а повратните одговори се исти: „Работиме на предметот“.  

Многу крвав царски рез  

Триесет и едногодишната Дона Неделковска во ИРЛ дојде со папка во која имаше само неколку документи: барање за стручен надзор и две ургенции до Министерството за здравство. По година и половина откако остана без матка, таа сѐ уште не може да ја започне нејзината правна битка. Недостасува клучниот документ од извршениот стручен надзор за начинот на нејзиното лекување кој треба да го изготви Лекарската комора. 

30 јуни 2021 година

Во вечерните часови во Клиничката болница Тетово е хоспитализирана 29-годишната трудница. Докторката Олгица Сотировска која ѝ ја следи бременоста одлучува дека е најдобро да се породи со царски рез. Операцијата е закажана за утрото следниот ден. Дона во неизвеност и нетрпение ги одбројува часовите кога за прв пат ќе стане мајка. 

1 јули 2021 година

Царскиот рез се изведува со спинална анестезија. Дона е будна и свесна. Операцијата завршува брзо и во 7.40 раѓа здраво машко бебе. Очекува да ја сошијат, но чувствува дека нешто не е во ред. Медицинскиот персонал го фаќа паника. Не можат да го запрат крварењето. 

„Се вртам лево од мене и гледам цел куп гази со моја крв. Почнува да ми се врти и да ми се стемнува и плачам, ги молам да ме спасат да не искрварам. Слушам како трчаат и носат кеси крв од трансфузиологија. Хоророт траеше цели три часа. Бев будна, цел живот ми мина пред очи“. 

По три часа обиди да се спречи крварањето таа во полусвест ќе слушне: „Ајде затворај ја, не крвари веќе”. Откако ја сошиваат, ја сместуваат во шок соба. Ноќта ја минува во постоперативни болки, надевајќи се дека најлошото поминало.

2 јули 2021 година

Следното утро состојбата ѝ се влошува. Таа повраќа на секој половина час. На прашањето што ѝ се случува, персоналот ја теши дека повраќањето е вообичаена реакција од анестезијата. Викенд е, па комуникацијата со докторката Сотировска која ја породи се одвива преку СМС пораки. Неделковска добива терапија која што би требало да го запре повраќањето.

3 јули 2021 година 

Повраќањето не запира ниту третиот ден, а стомакот на Неделковска станува тврд. Таа се плаши дека можеби се работи за акутен абдомен. Бара помош. Докторката Сотировска ниту еднаш не ја посетува. Ѝ испраќа СМС порака во која ја уверува дека има гастритис и не е ништо сериозно. Ситуацијата ќе стане драматична кога девојката ќе почне да повраќа фекалии, ставаат назогастрична сонда (црево од нос во желудник) за да ја испрзнат содржината од желудникот и цревата да се нормализираат. Преку сондата вадат пет литри течност. 

4 јули 2021 година

Нејзиното семејство инсистира да ја префрлат на лекување во Скопје. Докторката ја советува мајка ѝ дека желудникот ѝ е мрзелив од анестезијата и смета дека треба да остане во Тетово. Лекарите одлучуваат да ѝ направат рентген снимки на абдоменот. На снимките сѐ е уредно. Ноќта Неделковска ја минува во молитви да го дочека утрото. 

5 јули 2021 година

Неделковска со возило на Итната помош е пренесена на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје. По извршена компјутерска томографија лекарски конзилиум од клиниката одлучува да се направи итна операција затоа што дијагнозата е постоперативен илеус (преплет црева). Среде операција повикуваат и хируг од Клиниката за гинекологија, бидејќи увидуваат дека матката е некротизирана или – органот е скапан и мртов. Матката мора да се отстрани. Животот ѝ е спасен, но ѝ е одземена можноста повторно да роди дете. 

На Клиниката за дигестивна хирургија останува една недела. Синот за прв пат го гледа две недели по породувањето. Закрепнувањето оди споро, но психичкото опоравување уште потешко. 

„Одев на психолог. Чувствував лутина и бес за тоа што ми го направија. Ми требаше време да се стабилизирам, за да ја почнам правната битка“, вели Неделковска.

Еден месец по породувањето Неделковска се уште го нема добиено отпусното писмо од Клиничката болница во Тетово. На нејзино инсистирање болницата ѝ го дава документот во кој како препорака пишува дека во консултација со анестезиолог и хирург таа е испратена на ургентна хирургија во Скопје.

21-ви декември 2021

По долг период на физичко и психичко опоравување од траумите, проследено со редовни посети на психотерапевт, Неделковска одлучува да ја започне битката за правда и да ја сподели својата приказна на социјалните мрежи.

„Ми требаше многу време за да се стабилизирам. Одев на психолог, но имав лутина која никако не поминуваше. Сите околу мене внимаваа и се обидуваа да не зборуваат за трауматичната случка. Јас само сакав сите да знаат што ми се случи.“ 

Иако КОВИД 19 пандемијата го добива главното медиумско внимание приказната на Дона Неделковска ќе допре во медиумите. Случајот го забележува и тимот на Македонското здружение на млади правници кои нудат бесплатна правна помош и веднаш ја контактираат. 

Патот до правдата ќе биде долг и поплочен со многу пречки поставени од надзорните институции. 

Ако те нема во медиуми, здравствениот инспекторат не те есапи

Во случајот на Дона Неделковска, првиот институционален чекор го презема Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), но дури откако нејзината објава на социјалните мрежи ќе стане вирална, по што ќе ја пренесат и медиумите. Ќе спроведат вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Тетово и во Клиниката за дигестивна хирургија, но ќе констатираат дека немало неправилности. 

Графички приказ на надлежностите на различни институции повикани да постапуваат во случаи на сомнежи за лекарски грешки

На 3-ти јануари 2022 година адвокатката Павлина Зефиќ ангажирана преку Македонското здружение на млади правници поднесува иницијатива за стручен надзор до Министерството за здравство. По еден месец, постапката ќе ја отвори тукушто назначениот министер Беким Сали. Тој од Лекарката комора ќе побара стручен надзор за лекувањето на Неделковска со назнака истиот да се спроведе во најкус можен рок. 

Најспоро до правда со Лекарската комора 

Минуваат месеци. Адвокатката до Министерството за здравство испраќа две ургенции. Последната е на 20-ти февруари годинава. Неделковска се уште нема информација од Лекарската комора дали воопшто е почната постапката за стручен надзор. 

Гоце Коцевски од тимот на „Македонското здружение на млади правници“ вели дека инсистираат на извештаите од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Лекарската комора, бидејќи имаат особено значајна улога во предистражната постапка кога постои сомневање за спроведување на истрага. 

„Тие сами по себе не се сметаат за вешт наод и мислење согласно Законот за кривичната постапка, меѓутоа во многу случаи се клучни за да Јавното обвинителство започне со поинтензивни предистражни дејствија вклучувајќи и барање на вештачење“, објаснува Коцевски. 

Судската статистика сугерира дека обвинителството навистина отвора многу малку случаи за лекарска грешка. Спората и недостижна правда ја потврдуваат и податоците кои ги добивме од најголемиот суд во државава – Кривичниот суд во Скопје. Во последните десет години за кривичните дела „Тешки дела против здравјето на луѓето“ и „Несовесно лекување болни“ има вкупно 13 правосилни пресуди. Затворска казна добил само еден лекар во траење од година и половина. Станува збор за гинекологот Николче Дамчевски, кој девет месеци лажеше пациентка дека е бремена. Освен затворска казна му беше изречена и забрана за вршење дејност во траење од осум години. 

Останатите случаи завршиле со мали парични казни, условна казна затвор, офрлање на обвинението, а дури во пет случаи била запрена постапката.

Статистички приказ на правосилни судски пресуди во Кривичниот суд Скопје за кривичните дела „Несовесно лекување“ и „Тешки дела против здравјето на луѓето“ за период од последните десет години

Случајот на Дона е еден од стотиците заглавени во Лекарската комора, која е надлежна за вршење на стручен надзор. Последната информација од Лекарската комора за случајот на Дона Неделковска е дека во наредните неколку денови комисијата која што вршела стручен надзор ќе го изготви извештајот. 

Новинарот Александар Динев кој што речиси две децении го следи секторот здравство, вели дека во Македонија е многу тешко да се докаже лекарска грешка или нестручно лекување. 

„Долг и исцрпувачки е патот за да се стигне до правдата и да се докаже лекарска грешка. Случаите на сомнеж за несовесно лекување со години заглавуваат во судските лавиринти. Постапката за докажување трае многу долго и се сеќавам дека само во многу мал број случаи е докажано ова кривично дело. И сите тие биле поради притисок на јавноста и медиумите. Од друга страна сведоци сме и какви пресуди,  речиси со минимални казни досега се донесени, а посочените лекари повторно продолжуваат да си ја вршат дејноста“, вели Динев.

Според законот, казна за лекар по утврдена лекарска грешка може да побара министерот за здравство или пак, по правосилна пресуда да ја изрече Лекарската комора. Казните се опомена, јавна опомена, времено одземање на лиценцата за работа или трајно одземање. 

Според официјалните податоци кои ги добивме од Лекарската комора, во последните 5 години нема случај на одземање на лиценца за работа на лекар по судска пресуда или по барање на министер за здравство. Лиценците кои се времено одземени во најголем број случаи се поврзани со неисполнување на законските услови за нивно продолжување поврзани со континуираната медицинска едукација.

Ниту го штитат угледнот на фелата, ниту даваат шанса за правдата

Мисијата на оваа еснафска организација е да ги штити и унапредува стручноста, етичките должности и правата на лекарите, како и нивниот углед и интегритет. Комората одлучува кој лекар исполнува услови да добие лиценца за работа, како и кој ги прекршил законските и етичките стандарди и носи одлука за одземање на лиценцата. Но, Лекарската комора ретко или речиси никогаш не се ослободува од „расипаните јаболка“ во фелата кои го нарушуваат нивниот углед и го доведуваат во опасност животот и здравјето на граѓаните. 

Нивната моќ е значајна за што сведочи и интересот на партиите на власт за членовите на раководството на Лекарската комора. Речиси и нема избор за претседател којшто низ годините не минувал со политички мешања. 

Од 2017 година претседателка на Комората е доктор Калина Гривчева Старделова. Таа е директор на Клиниката за гастроентерохепатологија, а ова и е втор мандат во Лекарската комора. Ретко се појавува во медиумите на интервјуа. Нејзините јавни настапи најчесто се протоколарни и повеќето се поврзани со нејзината функција како директорка на Клиниката

Претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева Стардеова на одбележувањето на 30 години Лекарска комора (8 јуни 2022) Фотографија на ЛКМ

Според статистиката која ја добивме од комората, во изминатите пет година направени се 127 вонредни стручни надзори. Поголем дел од нив или 75 се случаи поврзани со Ковид 19. Вели дека ја разбира потребата на пациентите и интересот на медиумите и вложувале максимални напори да одговорат што побрзо на сите пријави за стручен надзор.

Старделова рече дека неправедно фокусот секогаш се насочува кон Комората во случаи кога има сомневање за сторена лекарска грешка. Извештајот од стручен надзор немал никакво влијание во правосудната постапка. 

„Комората не е ни обвинителство, ниту суд. Извeштајот нема елементи на судско-медицинско вештачење и не содржи заклучок за тоа дали е или не е направена лекарска грешка во одреден случај.“, вели Гривчева Старделова. 

Гоце Коцевски од „Млади правници“ вели дека тоа е само изговор, бидејќи извештајот од надзор е од суштествено значење за да се утврдат околностите под кој се случил настанот и иницијален документ во понатамошната правна битка. 

„Оваа комисија би имала пристап до сите документи и би можела да земе изјави од вклучените во настанот. Алтернативно, може да се побара стручен наод и мислење од вештак на барање на жртвата преку адвокат, меѓутоа праксата покажа дека штом не стои институција позади барањето, мошне често самите вештаци немаат пристап до сите документи кои се неопходни за да се даде издржан извештај кој ќе соодвествува на она што навистина се случило и кој ќе даде одговор на прашњето дали имало или не одговорност помеѓу здравствените работници“, објаснува Коцевски.

Судијката Габриела Гајдова од судот во Велес која има напишано неколку стручни трудови на темата „Лекарска грешка“, вели дека вакви предмети и во нејзиниот суд не се многу чести. Но, забележливо е дека се издигнува свеста на пациентите, па бројот се зголемува од година во година. Сепак, вели дека секогаш мора да се прави разлика помеѓу лекарска грешка и несреќен случај. 

„Треба да се потенцира дека и перцепцијата на јавноста дека секој смртен исход е лекарска грешка не е реален“, изјави за ИРЛ Гајдова.

Таа објаснува дека клучен доказ во овие предмети се медицинските вештачења. Кога се работи за посложени вештачења, најкомпетентни се високообразовни или научни установи. Во нашата држава тоа би бил Институтот за судска медицина.

„Доколку навремено бидат обезбедени сите докази (обдукција, вештачење, медицинска документација….) судот нема да има многу потешкотии во донесувањето на одлуката, рече судијката Гајдова.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.