Press "Enter" to skip to content

Мнозинството граѓани против, Општина Карпош „за“ вискокатница кај Кино Влае  

Општина Карпош не се откажува од изградбата на висококатниците кои се предвидени на локацијата на некогашното кино Влае. Во ревидираниот Детален урбанистички план кој пред граѓаните беше претставен денеска може да се види дека голем дел од спорните објекти кои беа планирани или се отстранети или дислоцирани, но она што останува е спорната 12 катница.

Во малечка соба во која собира едвај дваесетина лица од кои неколку беа претставници на планерската куќа Билд урбан и на општината денеска се одржа јавна презентација на ДУП градска четврт C13 19. Пред почетокот на јавната расправа, портирите од општината не сакаа да ги пуштат новинарите со образложение дека немало место во просторијата, но потоа се премислија и рекоа дека планот ќе го презентираат два пати.

Меѓу присутните имаше голем број жители на Влае. Повторно порачаа дека не сакаат да се изградат 12 катниците. Сметаат дека државата не треба да му дозволи на инвеститорот да си откупи државно земјиште од 1.600 квадрати за да окрупни една од парцелите на кои е планирана изградбата на овие објекти. Но, имаше и граѓани кои сметаат дека не е проблем што државно земјиште се приватизира. Откако инвеститорот ќе откупи 1.600 метри квадратни државно земјиште, парцелата за градба ќе зафаќа површина од над 4.000 метри квадрадни. 

„Не разбирам зошто државно земјиште даваме на приватен инвеститор да изгради зграда, наместо да направиме парк или нешто друго што ќе биде од корист за нас како жители“, прашаа граѓаните.

Оние граѓани кои се залаат дека 12 катница е добро решение и идејата им се допаѓа, на останатите сограѓани ко беа дел од јавната расправа им порачаа да ангажираат стручни лица кои би им го прочитале и објасниле Деталниот урбанистички план. Само така ќе разбереле како правилно се проектира.

„Во овој план намалена е површината за домување, а на сметка на тоа го зголемивме процентот за зеленило. Прифатени се голем дел од забелешките кои беа дадени на анкетните листови. Плоштадот Делфина останува, а црквата која беше предвидена на оваа локација сега е преместена на кај КАМ маркет на место кое со претходниот план беше предвидена станбена зграда“, објасни планерката на Билд Урбан.

Втората јавна анкета на која денеска се презентираше Деталниот урбанистички план за Влае помина во тензична атмосфера. Присутните граѓани се расправаа меѓусебно што треба да се изгради, а што не треба. Имаше голем број граѓани кои беа дојдени да бараат да се донесе Деталниот урбанистички план за да можат своите индивудални куќи да ги реновинараат или пак да доградат уште еден кат. Дел од сопствениците на земјишта кажаа дека воопшто не биле прашани од планерската куќа, што сакаат да се изгради на нивниот приватен имот. Според нив општината сама предвидела изградба на приватна болница или пак приватна градинка.

Денешната презентација на планот за Кино Влае беше втората по ред откако општината и планерската куќа ги прегледале сите анкетни листови од првата презентација која се одржа во март минатата година.

Деталниот урбанистички план е донесен во 2016 година кога градоначалник беше Стевчо Јакимовски, а во 2018 година на иницијатива на неколку активисти планот беше укинат од Уставниот суд. Администрацијата на поранешниот градоначалник Стефан Богоев од СДСМ го изработи планот, но во неговиот мандат не го стави документот пред советниците на гласање.  Планот беше поставен на јавна анкета во 2022 година кога повторно во градоначалничката фотелја седна Стевчо Јакимовски. 

ИРЛ претходно пишуваше дека сопственикот на градежните парцели на кои е предвидена изградбата на висококатниците во 2014 година започнал постапка за приватизација на дел од улицата Есперанто која се наоѓа кај Кино Влае. Решението за приватизација на 153 квадрати кои со овој план се влезени во градежната парцела за висококатниците е донесено во 2020 година. 

За приватизацијата „Аполо Инженеринг“ требала да плати 341.202 денари, но бидејќи ја платиле целата сума наеднаш добиле дисконт од 35 проценти, што значи само 285 денари за метар квадратен или нешто повеќе од 3.500 евра. Неколку месеци по приватизацијата, компанијата го продала целото приватизирано земјиште на Јонче Спирковски кој е сопственик на „Аполо Инженеринг“. Во купопродажниот договор наведено е дека имотот е продаден за цена од 2.950.000 денари со вклучен ДДВ – сума која Спирковски ќе ја плаќа по пат на компензација.