Press "Enter" to skip to content

Мистериозна милионерка од Неготино ја купи пченицата што ја продаваше Владата

Зорка Блажева не е звучно име од бизнис светот и никогаш не се занимавала со трговија на пченица, но менаџира со фирма за отпадна гума „Зока трејд“. Oваа претприемачка сега влегува и во бизнисот со житарици. Даде 1 милион евра и ја откупи пченицата што ја продаваше Владата.

Милионерка од Неготино е купувачот на 7.164 тони пченица од државните стоковни резерви. На онлајн аукцијата која се одржа на 26 март на наддавањето победи извесна Зорка Блажева. Таа ја даде последната понуда и од почетната цена 13 денари по килограм, успеа да ја купи пченицата по 9,23 денари за килограм. Според извори на ИРЛ аукцијата не поминала без приговори. Имало уште еден понудувач кој се жалел на нерегуларности во текот на постапката, но таа е отфрлена.

7.164 тони пченица се 7.164.000 килограми или 286 шлепери. На пазарот еден килограм може да се продаде по 12 денари или целата количина за 1,4 милиони евра. Односно, заработката од оваа купи-продај зделка е 400.000 евра.

Сомнителна аукција

Одлука за продажба на пченицата од државните резерви донесе Владата на 25 февруари поради обновување на залихите. Објавена е во Службен весник, а потоа се распиша оглас. На наддавањето право да учествуваат имаат сите домашни и странски правни и физички лица. Аукцијата се одвиваше преку сајтот на Министерство за финансии е-аукции на 26 март. Се продаваа 7.164 тони пченица со вкупна вредност од 93.132.000 денари (1.514.000 евра) или 13 денари по килограм.

Според информациите на ИРЛ на наддавањето освен мистериозната милионерка Зорка Блажева учествувала уште една фирма. Аукцијата траела повеќе од еден час, а последната понуда пред затворање на аукцијата пристигнала од фирмата за 9,25 денари по килограм. Но, на крајот сепак победила Зорка Блажева и ја купила пченицата за 9,23 денари по килограм или вкупно 66.155.000 денари (1.075.000 евра).

Извори од Агенцијата за стоковни резерви за ИРЛ велат дека до нив за оваа аукција стасала жалба од вториот понудувач, со образложение дека во последната минута паднал системот на интернет страната е-аукции. Фирмата понудувач се жалела дека билa оневозможена да наддава поради технички проблеми со веб страната.

Надлежна за техничкиот дел од аукцијата е Управата за имотно правни работи, орган во рамките на Министерството за финансии. Оттаму добивме кус одговор дека аукцијата била регуларна.

„За конкретната аукција добиена е една жалба за прекин на системот во време кога се одржувала самата аукција, по што е побарано од фирмата која го одржува системот официјално да се произнесе за истото. Од фирмата е добиен одговор дека е-аукцијата се одвивала непрекинато, односно дека не се забележани прекини или пад на системот. “

Сајтот е-аукции го одржува прилепската фирма „Грабит“. Оттаму ни одговорија дека по извршената контрола утврдиле дека немало прекин на системот при аукцијата. Сепак, додадоа дека можно е некогаш да се случи да падне системот или интернетот кај некој од учесниците на аукцијата. Но, за спорната аукција тврдат дека поминала без проблем.

Жалбата на фирмата е отфрлена и сега тече рокот кога Зорка Блажева треба да го уплати милионот за купената пченица.

Која е милионерката од Неготино?

Кога телефонски ја побаравме Зорка Блажева од Неготино, таа нељубезно ни одговори дека нема зошто да ја прашуваме за аукцијата на пченицата. Но, потоа самата се јави и се извини. Сепак, не сакаше многу да зборува зошто ја купила пченицата. Рече дека имала право како физичко лице да учествува на наддавањето, но одби да каже каде и како ќе ја продава пченицата.

Зорка Блажева има 40 години и е газдарица на фирмата Зока трејд од Кавадарци, која се занимава со преработка на отпадна гума. Од Агенцијата за стоковни резерви се зачудени за тоа кој е купувачот на пченицата, бидејќи прв пат се случува физичко лице да учествува и тоа за зделка од 1 милион евра.

Во Агенцијата очекуваат Блажева да ги уплати парите со оглед дека тече рокот од 15 дена, а велат дека други институции треба да се занимаваат со нивното потекло.

Повеќе од ИстражувањaПовеќе теми во Истражувањa »