Press "Enter" to skip to content

Меѓу тајноста и можните злоупотреби – заднината на отфрлените кривични пријави

Во просек секоја година обвинителствата не наоѓаат криминал во над една третина од поднесените кривични пријави од граѓаните, полицијата, државните органи. Ова го покажа анализата на годишните извештаи на јавните обвинителства во период од пет години односно од 2014 до 2018 година. Статистички, најмногу кривични пријави биле отфрлени во 2018 година, дури 41%, и со нив биле опфатени 7313 пријавени лица.

Oвие бројки сумарно укажуваат на тоа дека обвинителите не нашле елементи или докази да гонат криминал во поднесените кривични пријави. Скопското вишо јавно обвинителство, во првите 10 месеци од 2019 година, примило дури 515 жалби од оштетени лица, а за 104 од нив решиле дека кривичните пријави се неосновано отфрлени. Причината за предметите да се вратат во работа е „да се продолжи постапката со цел да се утврдат фактите и да се донесе соодветна јавнообвинителска одлука“.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, од 2014 до 2018 година, на Финансиската полиција, секоја година ѝ отфрла по една кривична пријава. на Управата на Финансиската полиција. Образложението е за сите исто – нема елементи на кривично дело. Само во 2016 година нема отфрлена пријава. Една кривична пријава од 2018 година, Обвинителството им ја отстапило на колегите од скопското обвинителство.

Ако се погледне бројот на нови кривични пријави по години, излегува дека бројот на пријавени лица за сторени кривични дела опаѓа, односно за пет години се преполовил. Но, помалиот број пријавени сторители не значи дека криминалот опаѓа. Тоа сепак може да биде влијание од повеќе фактори, како на пример, општествено-политичката состојба во државата.

Од друга страна, во поднесената кривична пријава, не значи дека задолжително има кривично дело, како што и не секое коруптивно однесување значи дека е криминал, велат обвинителите. Обвинителството отфрлило пријави со образложение дека се застарени. Некои од пријавите се речиси празни, а обвинителите добивале листови напишани на рака за граѓански спорови кои се третираат како пријави, по кои мора да се постапува, тврдат од таму.

Двестотини осумдесет и осум. Ова е едниот од членовите од Законот за кривична постапка, преку кој обвинителите ги отфрлаат кривичните пријави.Кривично гонење не преземаат во пет случаи:

– Ако пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност

– Ако настапила застареност

– Ако делото е опфатено со амнестија или помилување

– Ако постојат други околности што го исклучуваат гонењето

– Ако не постои основано сомневање дека пријавениот го сторил кривичното дело.

Предистражните постапки се тајни, и токму тоа е причината поради која, далеку од очите на јавноста, се донесуваат одлуки. Шефот на скопското обвинителство, Сашо Рајчев смета дека незадоволството од општествените текови се рефлектира на тоа да се поднесуваат кривични пријави за настани кои не се кривични дела. Според Рајчев, државните органи, поради институционалниот капацитет, поднесуваат пријави со обезбедени докази и квалитетот на тие пријави е на повисоко ниво, за разлика од другите правни и физички лица. Обвинителството, вели тој, е браник пред судовите да не бидат поднесени незаконити, паушални и неаргументирани обвиненија.

„Ерозијата на правниот систем, во изминатиот повеќегодишен период, без да се спроведат реформи, од чинителите надлежни за тоа, се рефлектира и со поднесување кривични пријави, од тенденциозни причини, без постоење основа, а тоа пред се сѐ должи на лошите политички, економски и социјални услови во државата. Институционално или поединечно, незадоволството од општествените состојби во државата, подносителите го рефлектираат со поднесување кривични пријави колку да бидат поднесени, без притоа пријавените настани да претставуваат кривични дела“, вели Сашо Рајчев, шеф на Основното јавно обвинителство – Скопје.

Moжни ли се злоупотреби?

Предметот „Рекет“ го отвори прашањето за улогата на јавниот обвинител пред кривичната постапка да стигне до судот. Прашањето кое лебди е дали е во постапката каде еден наспроти друг се само пријавениот т.е. осомничениот и јавниот обвинител може да има простор за договор, за кој јавноста не може да знае. Ова е исклучително тешко да се докаже, имајќи го предвид фактот дека за тоа се потребни несоборливи докази.

Но, во една претпоставена ситуација, јавниот обвинител можеби знае уште од самиот почеток дека кривичната пријава против него ќе биде отфрлена од повисокото обвинителство, но и покрај тоа може да одлучи да покрене постапка и за определена материјална или финансиска корист од осомничените, да донесе одлука која потоа ќе биде во корист на осомничениот. Со тоа, законски, јавниот обвинител е покриен, а незаконието е невидливо. Вториот дел се однесува во делот за тоа кој и како ги контролира спогодбите со јавниот обвинител, особено затоа што тој има моќ да се договори со осомничениот да не преземе кривично гонење ако ја надомести штетата.

Законот дозволува обвинителот да ја отфрли кривичната пријава и доколку осомничениот ги отстранил штетните последици, со што правдата е задоволена и постигнати се целите на казнувањето, а донесеното решение за отфрлање на кривичната постапка значи своевидно постигнување на судска правосилна одлука. Јавниот обвинител е господар на кривичната постапка. Од неговите искуства, знаења и проценка зависи дали одредена кривична пријава ќе се ефектуира во истрага или обвинение.

Шефот на скопското вишо обвинителство, Мустафа Хајрулахи, смета дека системот овозможува ефикасна контрола над работата на пониските обвинителства и дека не утврдиле поголеми пропусти во работењето. Хајрулахи смета дека надзорот над работата на обвинителите се врши редовно два пати во годината и преку преиспитување на одлуките по поднесените жалби за отфрлените кривични пријави. Кога обвинителот и пријавениот или осомничениот се блиски, редовно се изземаат обвинителите, вели Хајрулахи.

„Јавните обвинители во такви ситуации секогаш го користат институтот изземање кога постои ситуација на блискост или познавање со пријавениот или со оштетените, како и кога ќе се утврдат други околности кои се основа за поднесување барање за изземање“, вели Хајрулахи.

Дали постапката, која иако е контролирана од вишите јавни обвинителства, може да се злоупотреби? Иако првите луѓе на обвинителствата се децидни дека злоупотреби во отфрлените кривични пријави се речиси невозможни, сепак, тоа е работа која не е докрај емпириски анализирана. Конечно, СЈО оформи предмети и од отфрлени кривични пријави. Останува отворено прашањето дали тајноста на дејствијата во вакви случаи се предност или пречка односно дали во депото отфрлени пријави сепак може да се најдат траги на корупција или злоупотреби.

Автор: Васко Маглешов

Прилогот и видеото се дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Видеото е подготвено со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »