Press "Enter" to skip to content

„Куќата на зетот“ нема да се продава, Општина Маврово се предомисли

Вила Доста или попозната како „Куќата на зетот“ нема да се продава. Објектот кој има културно историско значење како за селото Галичник така и за државата нема да заврши на електронска аукција. Откако ИРЛ објави дека месната заедница од Галичник пред пет години во корелација со општина Маврово Ростуша започнале процес на трансформација на сопственоста на Вила Доста, Општина Маврово се предомисли и одлучи – „Куќата на зетот“ останува во сопственост на државата наместо намерата националниот белег на светски познатата галичка свадба да се продаде за само 63 илјади евра. 

Општина Маврово и Ростуше го уважи барањето на Државното правобранителство со кое бараше објектот „Вила Доста“ да се врати во сопственост на државата. По пет години институционална борба на месната заедница од Галичник, објектот кој симболизира национална гордост нема да се продаде. Претходно локалната власт дозволи да се легализира најпрепознатливиот објект во селото Вила Доста или „Куќата на зетот“ од Галичка свадба на име на Земјоделската задруга „Русин“ која што е во стечај но сега по пет години се предомисли. Со потпишувањето на претходните барањата за легализација, општината директно го доведе во опасност културното наследство на кое му се закануваше приватизација.

Општина Маврово се обидува да го спаси објектот кој го загрози 

Во 2019 Државното правобранителство доби известување од Месната заедница од Галичник дека Вила Доста е ставена на лицитација и веднаш му нареди на градоначалникот Медат Куртовски да ја прекине постапката за легализација. Првиот човек на општината по три години и текстот на ИРЛ летово, „Општина Маврово ја втурна во стечај Куќата на зетот од Галичка свадба, културното обележје се продава за 60 илјади евра“ одлучија дека сепак подобро е објектот да остане во државна сопственост.

Пред 11 дена, службите од општината утврдиле дека постапиле погрешно.

„По разгледување на приложената документација се констатира дека управните акти донесени во постапката за легализација се донесени спротивно на Законот за постапување со бесправни објекти“ – пишува во образложението на општина Маврово и Ростуше.

Земјоделската задруга „Русин“ која е во стечај и сакаше да ја продаде Вила Доста има уште четири дена за да поднесе жалба на решението на Општина Маврово, „Куќата на зетот“ да остане како културно наследство во сопственост на државата.

„Задоволни сме што после речиси петгодишна борба низ државните лавиринти, Општина Маврово го поништи решението за легализација со што ја врати Вила Доста во сопственост на државата“ изјави Александар Костиќ, претседател на месната заедница Галичник која пријави во ИРЛ дека „Куќата на зетот“ оди на продажба поради институционална не грижа.

Три години градоначалникот Медат Куртовски одбиваше да го спроведе барањето на Државното правобранителство и го игногираше и Министерството за транспорт и врски. Локалната самоуправа не одговараше ниту на директните дописи на ресорниот министер Благој Бочварски кој го задолжувал Куртовски веднаш да постапи по барањето на Државното правобранителство и да ја заштити „Куќата на зетот“. Пред четири месеци, Медат Куртовски за ИРЛ рече дека не знаел што се случува со Вила Доста додека не ја прочитал сторијата-како важен исторски објект може да заврши на лицитација.

Како за малку ќе се продадеше „Куќата на зетот“

Луѓето од месната заедница Галичник секоја година активно учествуваат во подготовката на меѓународно признатата манифестација Галичка свадба. Но, не ни претпоставувале дека поранешниот претседател на заедницата, Митре Ажиевски кумува на идејата, Вила Доста наместо да остане на галичани и државата, да отиде на продажба за околу 60 илјади евра.

Без да се консултира, во 2016 година Митре Ажиевски доставил документација за приватизација на Вила Доста до Општина Маврово и Ростуше. Потпишал изјава со која што сопственоста на „Куќата на зетот“ ја пренесува на земјоделската задруга „Русин“ која уште од 2014 е под стечај.

По една година, општината одлучува позитивно на барањето на Ажиевски и носи решение „Вила Доста“ да се предаде на Земјоделската задруга која станува нејзин нов сопственик.

Но, задругата е веќе во стечај, а нејзиниот имот е доделен на управување на стечајниот управник Мирослав Анастасиевски. Така, куќата на зетот станува стечаен имот и завршува на електронска аукција. Проценета е на само 63 илјади евра.

Пред четири месеци, во разговор со ИРЛ, Ажиевски изјави дека само сакал да го заштити имотот. Неговата идеја била да ја префрли сопственоста на Месната заедница на Галичник која и онака се грижи за куќата, но поради притисоци од стечајниот управник Мирослав Анастасиевски сопственоста ја префрлил на Земјоделската задруга која што е веќе под стечај заради долгови.

Важноста на објектот „Вила Доста“ 

Куќата „Вила Доста“ е изградена од стар галичанец кој кон почетокот на 20 век се преселил во Романија. Во 1930 година Аритон Лоновски се вратил во селото Галичник и одлучил да изгради мала болница за селаните кои помагале во изградбата на објектот. Во чест на неговата почината сопруга Доста, објектот е именуван по неа како подарок за селото Галичник.

Според селаните, куќата е регистрирана како државна сопственост уште во 1945 година. Но, бидејќи некој мора да се грижи за објектот, државата го доделила правото на користење на Земјоделската задруга „Бистра“.

Во 1962 година галичани ќе одлучат дека е време да го заживеат регионот и ја започнуваат традицијата – Галичка свадба. Во текот на годините, настанот станува меѓународно признат, а „Вила Доста“ станува најзначајниот објект бидејќи од терасата се испукуваат три куршуми што го означуваат почетокот на галичката свадба.

Сторијата „Општина Маврово ја втурна во стечај Куќата на зетот од Галичка свадба, културното обележје се продава за 60 илјади евра“ беше објавено како дел од проткетното истражување на ИРЛ – Зелени тајни. Прочитајте повеќе:

ЗЕЛЕНИ ТАЈНИ

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »