Press "Enter" to skip to content

Кралот на Пласница го освои Карпош, „Пуцко Петрол“ купи вредно градежно земјиште

Населбата Тафталиџе ја „згазија“ многу урбани атентатори. Таму свои бетонски чудовишта кренаа „Настел“ на Зоран Азманов, „Адора“ на Ванчо Чифлиганец, „БИ-СИ“ на Ивица Георгиевски. Последната градежна офанзива доаѓа од освојувачот и некрунисаниот крал на Пласница – Исмаил Јахоски.

Неговата семејна фирма „Пуцко Петрол“ пред две недели го купи земјиштето кај поранешната фабрика Алумина во Тафталиџе, објави Фактор. Јахоски за градежната парцела од 42 илјади метри квадратни платил 24 милиони евра. Земјиштето го продаде израелската фирма „Газит Глоуб“ која во 2008 ја купи фабриката „Алумина“. Израелците таму планираа да инвестираат 100 милиони евра за изградба на резиденцијално – комерцијален комплекс, но по 12 години решија да си заминат од државава и да ја продадат атрактивната локација.

За овој дел од Карпош Деталниот урбанистички план беше донесен во мандатот на градоначалникот Стевчо Јакимовски, но Уставниот суд го укина во 2018 година бидејќи не била запазена постапката при носењето. Засега за земјиштето кое го купи „Пуцко Петрол“ нема ДУП, но сепак во Генералниот план на Скопје ова земјиште е градежно, што значи дека новиот газда ќе добие прилика да продолжи да го бетонизира Тафталиџе.

Исмаил Јахоски на последните парламентарни избори стана пратеник од редовите на ДУИ. Тој претходно ја држеше шампионската титула по освоени мандати за градоначалник. Цели 24 години беше на чело на Пласница, победувајќи во сите шест изборни циклуси за градоначалник, од 1996 до 2017 година, кога беше кандидат на ДУИ.

Последниот мандат го заврши порано поради пратеничката функција, но градоначалничката фотеља остана во неговото семејство. Јахоски замина, а на негово место дојде друг Јахоски. Нов градоначалник на Пласница е неговиот брат Алија Јахоски за кого гласаа 85 проценти од гласачите.

Некрунисаниот крал на Пласница Исмаил Јахоски од 1993 година е сопственик и на синџирот бензински пумпи „Пуцко петрол“. Во последните 12 месеци компанијата добила 259 тендери од државни институции за набавка на горива. Во 2018 година „Пуцко Петрол“ имала нето добивка од 2,5 милиони евра, а лани завршила со 2,7 милиони евра добивка.

Браќата Јахоски ја водат најсиромашната општина во земјата. А, нивната „Пуцко Петрол“ во последните 10 години склучила тендери со државни фирми во вредност од над 100 милиони евра.

Во линкот подолу е портрет на Исмаил Јахоски, основачот на Пуцко Петрол и пријател на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Видеото беше изработено во 2018 година во рамки на емисијата на ИРЛ „Проверено“.

Погледнете ја сторијата Урбани атентатори за бетонизацијата на Тафталиџе

https://irl.mk/urbani-atentatori-kako-eden-posrednik-eden-gradonachalnik-i-nekolku-biznismeni-go-promenia-taftalie/