Press "Enter" to skip to content

Контрапленумец и син на партиски лојалист ќе ги застапува младите во Владата на Мицкоски

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски би го критикувал изборот за советник за млади кој го направи премиерот Христијан Мицкоски. Назначувањето на Столе Пандов би било пречекано со жестоки критики од опозиционерот кој бараше вработување по мерит и беше гласен против непотизмот и партиските вработувања. Државата чиишто млади во најголем процент од сите земји во регионот сакаат да ја напуштат конечно доби власт којашто борбата со белата чума ја стави во врвните приоритети. Како? Преку враќање на системот на заслуги. Но, премиерот Мицкоски за советник за неговата навидум важна идеја одбра син на партиски лојалист. 

Известува: Лила Караташева

Подемот на Столе Пандов (27) е по многу нешта сличен на оној на историчарот Александар Пандов (53). Столе, како и неговиот татко Александар, беше меѓу првите со потврдена функција во новата влада. Синот Столе e назначен за советник за млади на премиерот Христијан Мицкоски. Таткото Александар стана директор на Управата за извршување на санкции чијашто работа е да врши надзор врз затворските и притворски мерки во државата. И синот и таткото се дел од илјадници функционери бирани без конкуренција и мерит. Македонија е држава во којашто е нормализирано вработување без конкуренција и без критериуми, дотаму што на именувањата кои доаѓаат по партиски и идеолошки, но и по лични преференци на важните луѓе во партискиот систем, веќе никого не шокираат. 

По осум години опозиција, ВМРО ДПМНЕ излезе со програма во која најави борба против корупцијата и враќање на младите во државата – крај на непотизмот и враќање на вредностите на вработувањето по заслуга. Приказната за подемот на младиот Пандов е многу повеќе од приказна за непотизмот во институциите – туку приказ на деловната култура на партиите како инструмент за окупација на институциите кои и без тоа се во очајна состојба.  

Биографијата на Александар Пандов на веб-страницата на Управата за извршување санкции сè уште не е пополнета. Пандов бил пратеник во собранието од 1998 до 2002 година. До 2011 година, Пандов се појавуваше и како вработен во фирмите на рускиот бизнисмен и поранешен почесен конзул на Руската федерација Сергеј Самсоненко кој од 2023 година е на црната листа на Соединетите Американски држави (САД) поради корупција. Од 2020 година Пандов станува претседател на Патриотскиот инстутит на ВМРО-ДПМНЕ „Гоце Делчев“ кој ја застапува и брани идејата за самобитноста на македонскиот народ и укажува потреба од почит кон борците во сите народноослободителни војни за Македонија. 

Неговиот син, Столе Пандов е пет години дел од Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ (УМС). Во предизборието, на профилите на социјалните мрежи на Столе можеше да се забележи дека е целосно посветен на партиските активности. Како член на УМС редовно споделуваше фотографии од посетите во штабовите на локалните ограноци на УМС. Годинава и од врата до врата делел ќесички со промотивен предизборен материјал како запалки, пенкала, маици и тефтери во скопските општини. Не изостануваа ни фотографиите со премиерот Христијан Мицкоски, а описот на овие фотографии беше пишуван во победнички дух кој во тој период владееше во партијата. По преземањето на Владата, премиерот го избра Столе за да го советува за младите. 

Единствените јавно достапни податоци за Столе се дека е син на Александар Пандов и дека средното училиште го завршил во приватната гимназија „Нова“, а потоа студирал на приватниот универзитет „Американ колеџ“. 

Заедничка фотографија на советникот за млади во Владата, Столе Пандов со премиерот Христијан Мицкоски објавена на денот на претседателските избори на 24-ти април. На втората фотографија е Столе Пандов кој во предизборието во скопските општини дели ќесички со промотивен предизборен материјал. Извор: Фејсбук профил на Столе Пандов.

Додека беше во опозиција, премиерот Мицкоски постојано ги критикуваше партиските вработувања. Во 2022 година во емисијата „Патот кон“ на Алсат изјави дека партиските книшки нема да бидат критериум за вработување, туку знаењето и вештините, иако, како што рече, тоа нема да им се допадне ниту на многумина од партијата. 

„Јас како човек доколку добијам можност да ја водам владата, можам да Ви ветам дека мерит системот ќе биде основа“, одговори Мицкоски во 2023 година на прашање околу партиските вработувања како причина младите да ја напуштат државата.

Тогаш зборувајќи од позиција на професор рече дека осум од 10 од неговите студенти после дипломирањето одлучуваат да ја напуштат Македонија и повика на доследност на меритократијата при вработувањата. 

Но, за напуштањето на Македонија младите размислуваат уште при крајот на средното образование. Анастасија Богоевска е ученичка во гимназијата „Јосип Броз Тито“, таа е четврта година и веќе е решена дека по матурата ќе ги спакува куферите и ќе замине од државата.Во разговор со ИРЛ вели дека иднината не ја гледа во Македонија затоа што предноста при вработување и понатамошен кариерен напредок е партиската книшка. Таа сака да студира, а потоа и да се вработи во друга земја, затоа што како што вели, сака да се цени нејзиното знаење и нејзиниот труд. 

„Многу луѓе од мојата генерација веќе се обидуваат и аплицираат за стипендии. Доколку им се укаже прилика и тие би си заминале“, вели Богоевска. 

Ветувањето за доследност на мерит системот на премиерот Мицкоски од опозиција, се заборави со доаѓањето на власт. Сега кога тој е прв човек во Владата, од таму не сакаат да одговорат кои квалитети и вештини на Столе пресудиле за тој да ја добие неговата доверба и функцијата во Владата. Не одговорија ниту дали за позицијата советник за млади имало и други кандидати. 

Единствениот одговор од Владата беше дека досега се ангажирани само неколкумина надворешни советници кои се професори, научници, истакнати стопанственици, експерти и професионалци кои поседуваат посебни знаења и искуства во областите на долгорочно и стратешко планирање во економскиот, политичкиот систем и одржливиот развој. 

„За секое именување или назначување на конкретно лице во рамки на Владата се направени анализи на нивните биографии и согласно утврдените компетенции е направен избор“, велат од прес службата на Владата. И тие, исто како и нивните претходници, не сакаат да ги споделат процедурите за избор. 

Пандов нема програма, а можеби дал биографија

Во телефонски разговор со ИРЛ, Пандов рече дека неговото назначување е одлука на премиерот Мицкоски и дека не знае дали имало и други кандидати за истото место. 

Го прашавме дали ја доставил својата биографија и план за работа. 

„Немам дадено биографија и програма“, рече Пандов. По неколку секунди се премисли. „Мислам, биографија имам дадено, ама вака планови кои ми се за извршување на функцијата немам дадено, постапувам според постоечката програма“, одговори Пандов кој првично се запознавал со младинскиот сектор. 

Не сакаше да открива повеќе детали и не упати одговор на прашањата да побараме во писмена форма од кабинетот на премиерот, бидејќи неговата позиција била одлука на Мицкоски.

„Сега вака ми поставувате прашања, а не бев ни спремен дека ќе ме прашувате“, рече Пандов. 

Од контрапленумец до владин советник за младински политики во Владата 

Младите за кои Пандов треба да му дели совети на премиерот Мицкоски во изминативе години се соочуваа со сериозни проблеми. Дел од оние кои по завршувањето на средното училиште сакаа да студираат во главниот град мораа да живеат во мизерни услови во некои од студентските домови. Се прехрануваа со оскудни студентски оброци поради што се организираа и протести. Повеќето студенти се жалеа дека се превисоки дури и неминовните давачки на државните универзитети. А, речиси сите на таа возраст се соочуваат и со стравови околу вработувањето по завршетокот на студиите. Стравуваат и за понатамошната егзистенција поради која голем дел од младите се иселија од Македонија, во земји каде нивниот труд ќе биде препознаен и вреднуван. Овие проблеми и стравови им се помалку познати на луѓето кои имале можности и привилегии на приватно школување уште од средното училиште какви што имал новиот советник за млади Столе Пандов. 

Бидејќи не ја добивме биографијата на Пандов од Владата, го побаравме повторно за да ни ја испрати. Биографијата ја издиктира на телефон. Ни кажа дека четири години работел во Шпаркасе банка и дека таму сменил неколку сектори, потоа речиси две години работел во Кроација осигурување. 

На прашањето дали учествувал во студентски или средношколски активизам, Пандов рече дека бил контрапленумец. 

За себе смета дека е вистинскиот избор за позицијата која ја добил, бидејќи изминатите години поминал многу километри низ градовите во Македонија за да види како живеат младите. Тој тврди дека неговиот татко нема улога во неговото назначување, иако низ годините луѓето сметале дека сѐ што ќе постигне во животот е заслуга на татко му. 

„Татко ми никогаш за мене не ургирал за ништо. Не ме носел ни по настани. Сите работи сам ги имам направено со тимот на УМС, веќе пет години сум и во Извршниот комитет“, вели Пандов во разговор со ИРЛ.

Со изборот на Столе за советник за млади во владата се задоволни и неговите сопартијци од УМС. 

Го прашавме претседателот на УМС, Сергеј Попов, дали Столе Пандов бил најдобриот избор за оваа позиција во споредба со останатите членови на УМС. 

„Изборот според мене е одличен. Не знам дали е најдобар, ама е одличен“, вели Попов. 

Во разговор со ИРЛ, Попов вели дека кој и да бил избран за оваа функција од УМС, тој ќе кажел дека е најдобар затоа што сите му се сопартијци и сите се квалитетни луѓе. Тој не знаел дека Столе ќе биде назначен за советник за млади бидејќи во партијата и со премиерот Мицкоски никогаш не разговарале на тема вработувања. 

Заедничка фотографија на новиот советник за млади во Влада Столе Пандов со премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов. Фотографијата е објавена еден ден пред победата на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори кои се одржаа на 8-ми мај. Извор: Фејсбук профил на Столе Пандов.

Студентскиот и средношколскиот лидер го запознавале Столе со функционирањето на државните универзитети и училишта

ИРЛ ги побара и студентскиот лидер на универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ), Александар Николовски и средношколскиот лидер Берин Мухамед. И двајцата први иницирале средба со младиот советник. 

Александар Николовски опишува дека состанокот со Столе Пандов поминал одлично и дека тој бил отворен за комуникација. На првичниот состанок се запознавале, затоа што Столе не бил толку добро упатен во студентското функционирање и активностите на УКИМ. Николовски вели дека Столе нема големи надлежности, туку ги застапува младите и дека ги пренесува нивните ставови и побарувања во Владата. 

„Подобро е во иднина за младински претставник во Владата да биде избран некој кој имал улога во средношколски или универзитетски активизам“, вели Николовски. 

Студентите веќе имаат побарано средба со премиерот Мицкоски, а истиот став би го кажале и на средбата. Според Николовски тоа не значи дека се спротивставуваат на сегашниот избор на советник за млади во Владата, но нормално би било во иднина изборот да се направи во координација со студентските и средношколските сојузи. На тој начин би се избрал застапник за интересите на младите во Владата кој веќе имал искуство со средношколски и студентски организации. 

Лидерот на средношколците, Берин Мухамед, се сретнал со Столе Пандов два пати. Првиот состанок бил во Владата и се зборувало за отворање на младински совети и младински центри за средношколците. Втората средба, случајна, во Берлин. 

„Се сретнавме и во Берлин, тој дојде последните неколку дена заедно со премиерите и делегатите. Не знам колку до сега бил активен и вклучен во средношколски и студентски организации“, вели Мухамед. 

На првата средба каде што Столе од позиција на советник за млади требало да ги слушне потребите на Сојузот на средношколците, тој им дал број и од Министерството за социјална политика, демографија и млади, во кое во реалноста делот за млади сè уште е нефункционален. 

Младите се дел само од името на новото Министерство за социјална политика, демографија и млади 

Во предизборните ветувања, младите се најдоа во фокусот на политичките програми. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ беше изобилие на идеи со кои би се подобрил животниот стандард на младите луѓе. Една од идеите беше до Собранието да се предложи реорганизација на надлежностите на неколку министерства меѓу кои и Министерството за труд и социјална политика. Замислата беше сегментот за млади да добие секторско значење и приоритизација во новото министерство за социјална политика, демографија и млади. Во рамки на новото министерство требаше да се формира и центар за истражување на младински прашања кој ќе има за цел да ја следи имплементацијата на оперативните планови кои ќе произлезат од Националната стратегија за млади. 

Од формирање на новата Влада поминаа четири месеци. Веб-страницата на новото Министерство за социјална политика, демографија и млади сè уште  не е ажурирана, па таму сè уште стои старото име на Министерството за труд и социјална политика. Новото име може да се сретне само на вестите околу активностите на министерот Фатмир Лимани. Но, младите во ова министерство моментално ги има само во името. 

Нов сектор за младите во министерството сè уште не е отворен затоа што уште не се испратени на одобрување измените околу внатрешната организација и систематизација на работните места за да може да се формира новиот сектор. 

„Истражувачкиот центар чие што формирање се планира во рамките на секторот за млади сè уште не е отворено. Нема вработени и работно ангажирани лица коишто работат на области од интерес на младите“, велат од Министерството. 

Од сите млади луѓе од земјите во Југоисточна Европа, најмногу сакаат да се иселат оние кои живеат во Македонија 

Резултатите од истражувањето „Студија за млади луѓе од Југоисточна Европа“, кое го спроведе фондацијата Фридрих Еберт покажа дека 42,67 проценти од младите во Македонија сакаат да ја напуштат државата. Младите навеле дека сакаат да си заминат од државата поради лошиот социјален, животен и економски стандард и услови. 


Поврзани стории:

Кој му дели памет на премиерот: Алекс Ружин, Венко Андоновски

Снимател и водителка меѓу партиските кадри кои станаа посебни советници на министрите

Кој му дели памет на премиерот: Мистериозен советник за ЕУ, новинар и водител на списокот советници на Заев

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.