„Согласно Уставот и законите“ продолжува градежното силување на Кисела Вода. Најновата приказна од оваа општина доаѓа од улицата „Христо Татарчев“ каде почна градба на две петокатници. Зградите ќе се градат на зеленило, на неколку метри од постоечките станбени објекти.
Со приватно обезбедување утрово инвеститорот пристигна на улицата „Христо Татарчев“ во Кисела Вода каде треба да почне изградба на две петокатници. Младиот сопственик на фирмата Кат Костов, опколен со четворица бодигарди, дојде да ги надгледува неговите мајстори кои го околчија и оградија просторот. Новите згради ќе се градат на место каде што сега има зеленило и е двор на станарите кои повеќе од шест децении живеат во околните згради.
Соседите немоќно отстрана гледаа како инвеститорот ја завзема територијата. По час и половина, на повик на инвеститорот, пристигна и полиција. Полицајците ги легитимираа жителите од околните згради, кои неколку години водат битка со институциите за да ја спречат изградбата на петокатниците. Кога репортер на ИРЛ се појави на локацијата и направи неколку фотографии, инвеститорот со повисок тон побара да ги избрише.
„Избриши ги сликите. Не смееш да ме сликаш“, се обрати инвеститорот од фирмата Кат Костов.
Неочекувано, и еден од полициските службеници нареди новинарката да ги избрише фотографиите направени со мобилен телефон. А, потоа побара и таа да се легитимира.
„Мораш да ги избришеш сликите. Не смееш да сликаш со личен телефон“, се обрати полицаецот до новинарката на ИРЛ.
Фотографиите новинарката не ги избриша, но нејзините лични податоци беа запишани во тефтерот на полицаецот.
Градежната дозвола за изградба на двете станбени згради е издадена на 19 декември 2018 година. Две години првите комшии се обидуваа да ја спречат градбата, бидејќи новите градби ќе донесат и нови проблеми. Тие живеат во трикатници, а планираните згради ќе се градат на далечина од шест метри од нивните и ќе бидат повисоки за два спрата.
„Новите згради само ќе го продлабочат проблемот со паркирањето и ќе го отежнат пристапот до зградите. Утре да треба да интервенира пожарна нема да може. ”, вели Борко Илиевски кој живее на улицата Христо Татарчев.
Фирмата „Кат Костов“ која ќе ги гради зградите е во топ трите фирми кои градат во општината Кисела Вода. Сопственикот, Атанас Костов, во телефонски разговор за ИРЛ, се пофали дека досега изградил 15 згради, а планирани му се уште пет.
„Во Кисела Вода сите ме знаат. Ме бараат да градам. Затоа тука имам најмногу работа“, ни изјави Костов.
Тој како и секој градежник вели дека гради согласно Уставот и законите и секако Деталниот урбанистички план. Локацијата ја откупил од граѓани, добил маркица и побарал дозвола за градба од општината Кисела Вода. Но, жителите во околните згради почнале институционална битка за да го спречат во неговата намера. Дел од одлуките биле во нивна корист, но секогаш над некоја комисија или институција има друга која има поголема моќ. Па, така на крајот случајот стасал и до Управниот суд кој пресудил во корист на соседите, но крајната одлука на Вишиот Управен суд е на страната на инвеститорот. Одобрението за градење станало правилно на 22 декември, пред три недели.
Жителите се жалат дека со новите градби ќе се појават проблеми со водоводната и канализационата мрежа кои се стари, дотраени и со недоволен капацитет за зголемениот број жители предвиден со новите градби. Во знак на револт пред своите згради поставија мобилни тоалети за да демонстрираат каков хаос ќе се создаде кога ќе се изградат зградите.
“Вака ќе наликува местото, ќе се преплавиме со фекалии“.
Тие напомош се обратиле и до градоначалникот Филип Темелковски, до советниците во општината, но наишле на молк.
“Веќе со години ја водам оваа институционална битка, присуствувавме на сите расправи за ДУП-овите, поднесувавме секакви жалби и приговори, дури и ги доставувавме лично до советниците во општината. Но нашиот глас не беше слушат “-изјави Надица Перовска жителка на Христо Татарчев.
Сопственик на Кат Костов, Атанас Костов, вели дека утре почнува со градежни работи и со сечење на дрвјата кои се наоѓаат на зелениот простор. Не мисли дека новите згради кои нему ќе му донесат профит, на жителите ќе им направат само проблеми.
„Јас имам дозвола за градба. Па тој ДУП поминал низ рацете на архитекти, стручни луѓе кои сигурно мислеле како да се гради во интерес на сите“, вели Костов.
Приказната од Христо Татарчев во се’ наликува на голготата на жителите од Пржино, каде исто така „согласно законите и ДУП-от“ ќе се градат четири петокатници меѓу две слепи улички. И граѓаните од Пржино го минаа истиот пат по институциите, но на крајот инвеститорот е тој на чија страна е системот.
Прочитајте ја приказната за Пржино, со различни актери, но иста режија
Бетонизација на Пржино: Итриот инвеститор, кутриот градоначалник