Press "Enter" to skip to content

Како поради наводна итност владата избегнала задолжителни контроли за концесиите на Еуромакс ресурсес

Бектеши предложил, Ковачевски прифатил спојувањето на концесиите да се разгледува како дополнителна точка на дневниот ред – инструмент кој се користи за итни прашања. Со ова се злоупотребил деловникот и под превезот на итноста се заобиколиле проверките и процедурите задолжителни за редовните точки на дневниот ред на владините седници. Владата сега бара од министерството за економија до следната седница да ги достави сите документи поврзани со концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресурсес

Известува: Давид Илиески; Илустрации: Графичкиот дизајнер ни е на одмор, се послуживме со сликите направени од фоторепортерите на Влада бидејќи не ни дозволија да фотографираме;

Министерот за економија Крешник Бектеши е на службено патување во Соединетите Американски Држави (САД). Неговите колеги министри на денешната владина седница донесоа заклучок со кој го задолжија министерот Бектеши, на првата наредна седница ги презентира сите управни и судски постапки поврзани со експлоатацијата на бакар и злато на компанијата „Еуромакс ресурсес“, „почнувајќи од првата одлука до денес“, пишува во владиното соопштение.

Сторијата на Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ), „Министерот Крешник Бектеши ги измамил, дел од министрите бараат ревизија на одлуката за рудниците“ го прикажа одблиску процесот во кој министрите без дискусија и без ниедно „против” дозволиле врз основа на кусо образложение да мине одлуката за спојување на концесиите. Оваа одлука дошла како дополнителна точка на дневниот ред на седницата, а била предложена од министерот за економија Крешник Бектеши. Со ова биле заобиколени процедуралните филтри кои служат како основа на транспарентно и одговорно владеење.

Реакциите на граѓаните беа насочени врз начинот на којшто се носат одлуки во нивно име. ИРЛ разговараше со експерти и ги анализираше владините процедури со цел да утврдиме зошто едно вакво прашање се нашло како дополнителна точка и што значи тоа.

Министерот Бектеши и премиерот Димитар Ковачевски процениле дека оваа одлука е итна и не трпи одложување. Правни експерти со кои разговараше ИРЛ посочуваат дека административи одлуки како оваа за спојување на концесиите не може да се класифицираат како итна работа, освен ако доцнењето во нивното спроведување може да доведе до некаква форма на штета.

Во секоја демократија, патот до донесување одлуки треба да биде транспарентен како и самите одлуки. Разбирање на овој процес е клучно кога една одлука, значајна како реактивирање на концесијата за таканаречените рудници на смртта во Југоисточниот регион на Македонија ќе дојде во центарот на вниманието.

Преку случајот со гласањето за спојување на концесиите на рудниците Иловица-Штука на компанијата „Еуромакс ресурсес“, ИРЛ открива злоупотреби на деловникот за работа на владата. Кога министерот Крешник Бектеши ја предложил дополнителната точка на дневниот ред, тоа значело дека сите филтри кои мора да ги минат редовните точки се прескокаат. Претседавачот на седницата, во случајот премиерот Димитар Ковачески, можел да не ја прифати оваа точка бидејќи истата не била итна, но ниту тој ниту било кој друг на таа седница не сториле ништо.

Лоша координација меѓу членовите на Владата во однос на службеното патување на министерот за економија Крешник Бектеши доведе до забуна. Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање изјави дека министерот за економија ќе треба реферира пред своите колеги министри на денешната седница за тоа дали Управниот суд навистина им наложил да ја донесат одлуката за спојување на концесиите.

Владата ги скокнала сите процедури

Вообичаено, предложените точки за владини седници се подготвуваат од надлежните служби на институциите кои ги иницираат. Овие точки може да бидат нацрт-закони, регулативи, анализи, извештаји, именувања и разрешуваања, формирање државни компании и многу други материјали согласно мандатот на владата.

Генералниот секретар е должен материјалите поврзани со точката да ги објави на електронскиот портал на владата. По објавувањето на дневниот ред и материјалите, членовите на Генералниот колегиум, работните тела и Владата имаат увид во овие материјали неколку дена пред седницата. Со што доколку одговорно ја вршат својата функција, може да извршат увид во целосната постапка.

Југослав Ѓорѓиевски, правен експерт за реформи во јавната администрација, вклучувајќи национални стратешки документи и управување со човечки ресурси, во разговор со ИРЛ објаснува зошто е проблематично кога владини одлуки се носат по скратена постапка.

Кога една точка се додава на седница на Влада како дополнителна точка, објаснува Ѓорѓиевски, се заобиколува секој процедурален филтер. Во суштина, ја елиминира потребата од повратни информации од надлежните, релевантните и заинтересираните органи на државата. Во конкретниот случај за спојување на концесиите, овој потег директно ја заобиколува потребата од одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање, кои се надлежни да дадат мислење за вакво прашање, доколку точката биде ставена на дневен ред во редовна постапка.

За една точка да дојде на редовната агенда на Владата, треба да помине три филтри:

1. Постојани работни тела на владата, односно комисии на Владата во кои членуваат министрите: Ова претставува клучниот филтер при носењето одлуки. Комисиите се должни на посебни седници темелно да ги разгледаат предложените точки и да ги подготват работните материјали;

2. Генерален колегиум или колегиумот на генерални секретари: Кои треба да го разгледаат степенот на подготвеност на материјалите и актите за владина седница, нивните технички аспекти и други прашања поврзани со подобрување на ефикасноста на министрите;

3. Министерства и други органи на државната управа: Во зависност од природата на материјалот што се разгледува, министерствата ги доставуваат своите материјали на разгледување и одлучување до надлежните, релевантните и заинтересираните органи на државата;

Меѓутоа, кога една точка се додава како дополнителна на дневниот ред за време на самата владина седница, таа ги заобиколува овие филтри. Само доколку некоја работа се смета за итна и не може да се одложи, по проценка на премиерот или на предлог на министер, Владата може да ја внесе на дневен ред на владината седница без претходно разгледување од работните тела на Владата.

Ѓорѓиевски го нагласува критичниот пропуст во Деловникот за работа на владата кој не го дефинира терминот „итни работи што не можат да се одложат“. Што создава простор за дискреционо толкување и примена од страна на премиерот и министрите.

„Она што е важно за итните прашања е дека во вакви случаеви треба да се донесат заклучоци, одлуки, решенија или други акти со оперативна содржина кои веднаш треба да се имплементираат, а не административни одлуки чија што имплементација не е врзана со кратки рокови“, објаснува Ѓорѓиевски зошто спојувањето на концесиите не би требало да биде гласано како дополнителна точка. „Сепак дискрецијата која што е дадена во конкретниот случај е еден од најголемите ризици за злоупотреба поради што потребно е да се прецизира значењето на овој поим“, додава тој.

Во случајот со спојувањето на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресурсес“, се случило токму тоа. Одлуката беше додадена како дополнителна, со што се заобиколиле вообичаените проверки и рамнотежи. Овој пропуст значи дека се избегнува контрола од страна на комисиите, колегиумот на генерални секретари и релевантните министерства, во кои требаше да биде вклучено и Министерството за животна средина и просторно планирање, со оглед на природата на работењето на „Еуромакс ресурсес“.

Деловникот за работа на Владата е документ во кој се наведени процедури кои го регулираат работењето на владата. Иако внимателното следење на овие процедури не гарантира дека материјалот со сигурност нема да остане незабележан од министрите или работните тела, спроведувањето на сите проверки значително го намалува овој ризик.

Заобиколувајќи ги овие филтри, владата не само што ги прекрши процедуралните норми туку и ја одзеде шансата на јавноста целосно да ја разбере и да учествува во одлуката која има значителни импликации за нивната иднина. Одлуката за спојувањето на „Еуромакс ресурсес“ служи како потсетник за важноста од процедурална транспарентност, проверки и учество на јавноста во просперитетна демократија. За што експертите велат дека „не е честа пракса при носењето одлуки во Македонија“.

Владата крие одлуки и документи, врз редакциите се врши цензура во име на инвеститорот

Владата на Северна Македонија продолжува да го држи процесот на донесување одлуки во тајност, поттикнувајќи ја загриженоста за неодамна одобреното спојување на концесиите на „Еуромакс рисорсис“.

ИРЛ побара да присуствува во просториите на владата пред да започне денешната владината седница на која што од страна на премиеот Ковачевски беше најавено дека ќе се ревидира одлуката за спојување на концесиите. Тимот на ИРЛ сакаше да направи снимки и фотографии од министрите и службениците кои присуствуваат на седницата што е дозволена пракса. Владата го одби барањето на ИРЛ со образложение дека владините фоторепортери ќе испратат фотографии. И покрај инсистирањата на репортерот на ИРЛ дека одбиваме нашата визуелна содржина да ја уредува владиниот тим и дека имаме право да направиме фотографии и снимки, владата не дозволи пристап.

До денот на објавување на оваа сторија, Владата нема објавено никакви информација ниту за седницата на 27 јуни 2023 година кога се гласаше за спојувањето на концесиите. Веб-страницата на Владата, на која најчесто редовно се објавуваат информации за владините седници, не е ажурирана подолго време. Овој пропуст претставува и директно кршење на утврдените процедури, бидејќи владините одлуки се обврзани со закон да бидат јавно објавени.

Слика од веб-страницата на Влада направена на 18.07.2023 година во 18:30 часот, каде се гледа дека се уште не е објавено соопштението и записникот од владината седница на која се гласаше за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресурсес“ одржана на 27.06.2023 година.

ИРЛ ги побара и стенографските белешки и записниците од 163тата владина сединца директно од Владата. Портпаролот на Владата, Муамет Хоџа, и покрај постојаните разговори за нашето барање, не понуди конструктивен одговор, „Генералниот секретаријат треба да ни ги прати стенографските забелешки и да ни даде одобрение да ги споделиме“, вели Хоџа.

Владата избра целосно да го игнорира нашето барање за стенографските забелешки од седницата на која се донесе одлуката за спојување на концесиите. Како и прашањата за имињата на членовите на работните тела на Владата, како комисијата за економски систем и тековна економска политика каде би требало да се разгледува прашањето за концесиите за ископ на бакар и злато на „Еуромакс ресурсес“.

Нетранспарентноста и цензурата се протегаат и надвор од работата на владата, и во доменот на медиумите. Новинарот Жарко Настоски поднесе оставка од локалниот медиум „Слободен печат“ откако неговото разоткривање за спојувањето на концесиите беше нагло повлечено од веб-страницата. Според написот објавен од Балканската истражувачка репортерска мрежа (БИРН) на „Призма“, текстот на Настоски со наслов „Спојување на тајните отстапки“ бил цензуриран од раководството на Слободен печат“, што доведе до негова оставка.

Овие неодамнешни случувања ја засилуваат загриженоста за недостигот на транспарентност околу спојувањето со концесиите. Тие, исто така, ја нагласуваат итната потреба од одговорност во владата и почитување на новинарскиот интегритет.

Од кабинетот на министерот за економија Крешник Бектеши најавија дека утре, министерот на прес конференција ќе одговара на прашања поврзани со спојувањето на концесиите за рудниците Иловица-Штука