Владата потфрли – две министерки сметаат дека треба да се ревидира одлуката за спојување на концесиите за ископ на бакар и злато на „Еуромакс ресоурцес“. ИРЛ открива како изгледала владината седница на која се одлучувало за иднината на богатиот земјоделски Југоисточен регион. Прашањето за концесиите дошло како дополнителна точка на дневниот ред, а неа ја предложил министерот за економија Крешник Бектеши. Министрите немале никакви прашања и сите гласале „за“, затоа што Министерството за економија на владина седница презентирало документ којшто тврди дека Управниот суд барал од Владата да ги спои концесиите. Овие нагли промени во владиниот став доаѓаат откако фамилијата Дестани, блиска до ДУИ и лидерот Али Ахмети, купува удели во компанијата „Еуромакс ресоурцес“.
Известува: Давид Илиески; Илустрации: Лука Блажев
15ти јули 2023 година, еколошкото здружениe „Здрава котлина“, заедно со локалното население, после три години повторно протестираат против отварањето на таканаречените „рудници на смртта“ во Југоисточниот регион на Македонија. Додека сите мислеа дека ова е затворено прашање, далеку од очите на јавноста ќе започнат нови превирања во борбата. Настаните почнуваат да се брануваат кога рудникот ќе добие нов ко-сопственик – моќното семејство Дестани со потекло од тетовско чии врски со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети задираат длабоко во минатото.
Во месеците кои претходеа, еколошкото здружение постојано ќе предупредува дека е можно повторно активирање на договорот за концесија за ископ на минерални суровини – бакар и злато – на локалитетот „Иловица“. Но, алармите ќе минат незабележани од пошироката јавност и медиумите.
Пресвртот доаѓа по тригодишен судски спор меѓу „Еуромакс ресоурцес“ и македонската Влада кога Управниот суд, по насока на Виш управен суд, одлучува по трет пат за овој предмет. Судот ќе донесе пресуда со која се поништува Одлуката за раскинување на договорот за концесија од 2019 година, што претставува значително отстапување од претходните две одлуки и отвара сомнежи за влијанија врз судот. Но, една одлука не беше на овој суд – спојувањето на концесиите.
Владата на премиерот Димитар Ковачевски немала никаква намера да се бори за струмичкиот регион и да ги спори контроверзните одлуки на Управниот суд за враќање на концесијата за експлоатација на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“. Дури и донеле дополнителна одлука за да му ги олеснат процедурите на инвеститорот. Без расправа, без прашања и без ниту еден против или воздржан министрите гласале за спојување на концесиите за рудниците „Иловица-Штука“, со што би ја поштедиле фирмата од водење две постапки за дозвола за експлоатација.
Дел од министрите бараат ревизија на одлуката за спојување на концесиите за рудниците во Југоистокот
27ми јуни 2023 година, претставниците на владата гласаат за комбинирана концесија што ќе ја обедини експлоатацијата на минерални суровини од две клучни локации. Предметните локалитети „Иловица-Штука“, се лоцирани во општините Босилово и Ново Село. Оваа одлука претставува повеќе од само спојување на концесиите. Означува и реактивација на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со озлогласената компанија „Еуромакс ресоурцес“ кој Владата еднострано го раскина во 2019 година.
Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) разговараше со тројца министри кои присустувале на седницата и кои ни објаснија како изгледал процесот на одлучување. Сѐ траело многу кратко и никој не се посомневал дека е можно Министерството за економија да презентирало лажни податоци.
Седницата ја води првиот човек на Владата, премиерот Димитар Ковачевски, заедно со неговиот прв заменик, Артан Груби. Присутни се скоро сите министри. Точката за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс ресоурцес“ не е на дневниот ред. Доаѓа како дополнителен предлог од министерот за економија Крешник Бектеши. Никој од министрите не гласал против.
„Министрите не беа запознаени со суштината на предметот“, појаснува министерката за животна средина Каја Шукова. Министрите во моментот располагале само со образложението кое го доставило Министерството за економија, во кое пишува дека Управниот суд наложил да се спојат концесиите.
„Не знаевме дека одлуката на Управниот суд не бара од владата спојување на концесии”, во разговор со ИРЛ ова го потврди министерот Оливер Спасовски кој како и повеќето негови колеги немал причина да се сомнева во документ на министерството кој што го презентирал Бектеши. Тој за ИРЛ изјави дека негов личен став е да нема рудник доколку локалното население тоа не го сака.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека министрите за време на седницата немаат време да ги разгледаат сите материјали за точки кои се додадени на дневниот ред на самата седница. „Во такви случаи се потпираме на образложението кое го добиваме од ресорното министерство“, појаснува таа.
„Сметам дека потребно е Владата да ја преиспита одлуката за спојување на концесиите на „Еуромакс ресоурцес“ на следната седница. Ако сме донеле погрешна одлука, тоа треба да се исправи“, вели министерката Петровска за ИРЛ. И таа како и дел од останатите колеги министри смета дека најважен е ставот на локалното население. „Граѓаните таму не сакаат рудник и тоа треба да се почитува, волјата на граѓаните мора да е земена во предвид и затоа е потребна ревизија”.

Проблемите повторно се отвараат во 2020 година кога сосема очекувано, компанијата возврати со тужба против владата поради едностраното раскинување на договорот за концесија.
Во почетната фаза, Управниот суд застана на страната на владата, одлучувајќи против „Еуромакс ресоурцес“ два пати, прво во 2020 година, а потоа во 2021 година – отфрлајќи ги нивните тужби како неосновани.
Сепак, сопствениците на „Еуромакс ресоурцес“ одбија да го прифатат поразот. Компанијата побара постапката да биде ревидирана од повисокиот Виш управен суд, кој, по утврдувањето на процедурални пропусти во пресудите на понискиот суд, го врати предметот на ре-евалуација. По две отфрлања на тужбите, во март 2023 година, Управниот суд, во својот трет обид, конечно донесе одлука во корист на „Еуромакс ресоурцес“.
Во овој последователен правен спор, Владата на Македонија, под притисок на јавноста, неколку дена по одлуката за спојување на концесиите излезе со јавно соопштение во кое тврди дека нивната одлука била принудена со наредба на Управниот суд. Сепак, во пресудата не може да се најде експлицитна насока за таква постапка.
Судот утврдил дека спојувањето на концесиите „претставува посебно правно прашање односно посебна постапка“ за која Министерството за економија и Владата се должни да постапуваат и „да донесат соодветен управен акт“, пишува во пресудата. Односно со тоа, Судот одлучил да го отфрли барањето од тужбата на „Еуромакс ресоурцес“ со кое сака Судот да ја задолжи Владата да одлучи по Барањето за спојување на концесии. И им дал можност на Владата и Министерството за економија да одлучат дали ќе ги спојат концесиите.

Од Владата на Македонија појаснуваат дека барањето за спојување на концесиите од страна на инвеститорот било поднесено уште во 2016 година до Министерството за економија, по што претставници на Министерството тогаш извршиле теренски увид и заклучиле дека процедурата за спојување на концесиите може да продолжи и е во согласност со законот. „Според Записникот на Министерството, не постојат правни и фактички пречки за барањето да се одбие и двете концесии претставуваат една целина“, појаснуваат од Владата.
„Сега, со судската пресуда на Управниот суд, Владата беше обврзана да решава по барањето на инвеститорот, а според Записникот на Министерството за економија одлуката за спојување на концесиите е во согласност со законските одредби“, пишува во продолжение на одговорот од Владата.
Министерот за економија Крешник Бектеши не одговори на повиците и пораките на ИРЛ.
Владата има опција повторно да го раскине Договорот за концесија со Еуромакс ресоурцес и по пресудата на Управниот суд.
До крајот на 2022 година, Македонија има над 330 активни концесии за ископ на минерални суровини. Одговорно за склучување на овие договори е Министерството за економија.
За време на мандатот на актуелниот министер за економија, Крешник Бектеши, кој ја презеде функцијата во јули 2017 година, до почетокот на 2023 година, потпишани се 45 нови концесии за ископ на минерални суровини. Од кои веќе 30 имаат добиено дозвола за експлоатација.
Голем дел од вкупниот број концесии, приближно 108, се за ископ на варовник, суровина која интензивно се користи во градежната индустрија. Бројот на концесии за ископ на злато или бакар е значително помал.
Во моментов, постојат само пет концесии за ископ на овие вредни суровини. Дел од нив се комбинирани со руда како цинк, олово или сребро. Но, сите рудници за злато освен еден се вгнездени во северо-источниот регион на Македонија – Кратово, Пробиштип и Крива Паланка.
Потенцијалното отварање на рудникот „Иловица“, во сопственост на „Еуромакс ресоурцес“ се издвојува како единствената локација за ископување злато лоцирана во Југоисточниот регион, област претежно позната по својата просперитетна земјоделска индустрија и производство на храна.

Откако една компанија ќе добие ваков договор за концесија, следниот чекор е обезбедување на дозвола за експлоатација, односно ископ на рудата. Овој клучен чекор мора да биде завршен во законскиот рок од четири години. Период во кој компанијата треба да обезбеди документи како детален проект за експлоатација, план за управување со отпад, проценка на влијанието врз животната средина и финансиска гаранција.
Овие документи имаат за цел да обезбедат дека рударството ќе се спроведува на одговорен, професионален и етички начин. Обезбедувајќи рамнотежа меѓу економскиот раст и одржливоста на животната средина.
Во 2019 година, одлуката на Владата за едностран раскин на договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина е поради тоа што компанијата „Еуромакс ресоурсис“ не поднела целосно барање за издавање дозвола за експлоатација на минерални суровини во рок од четири години по склучување на договорот за концесија, како што предвидува законот.
Управниот суд, во два наврати во 2020 година и во 2021 година донел одлука со која констатирал дека постапката за раскинување на концесијата била законска. Во 2023 година, по насока на Виш управен суд да одлучува по трет пат за овој предмет, донесена е пресуда со која се понишува одлуката за раскинување на договорот за концесија.
Но, Управниот суд во пресудата се оградува и вели дека „предметот се враќа на тужениот орган на повторно разгледување и одлучување“. Со ова и дале можност на владата да „спроведе постапка во која правилно и целосно ќе ја утврди фактичката состојба односно со сигурност ќе утврди дали постои причина за едностран раскин на Договорот за концесија и да донесе правилна и законита Одлука“, пишува во пресудата на Управниот суд.
Ова значи дека Владата се уште има можност да го раскине догворот со „Еуромакс реосурис“ со цел да го спречи отварањето на рудниците за кои екпертите со години алармираат дека претставуаат еколошка катастрофа за источниот регион на Македонија.
Меѓутоа, наместо Владата да назначи правници кои ќе работат во насока да им помогнат на граѓаните да се изборат со непосакуваниот рудник, тие решија да ја олеснат постапката на инвеститорот за добивање на дозвола за експлоатација со спојување на концесиите.

Поранешниот премиер Зоран Заев не сакаше да ја коментира пресудата на Управниот суд. Но, вели дека очекува од Владата дека ќе ги почитува сите законски постапки и ќе има слух за локалното население кое не сака да се отворат рудници во струмичкиот регион. „Јас бев тој кој инсистираше да се раскине договорот за концесија, Социјал демократскиот сојуз се уште ја предводи оваа Влада. Се надевам дека и овој состав ќе го послуша народот“, вели Заев за ИРЛ.
Нови ко-сопственици на Еуромакс ресоурсис, фамилијата Дестани
Одлуката за реактивирање на Договорот за концесија за експлоатација на минерална суровина со „Еуромакс ресоурцес“ и спојувањето на концесиите коинцидира со новите ко-сопственици на компанијата.
Фамилијата Дестани, преку нивната компанија „ЕНДИЕКС Б.В.“ (NDX B.V.), регистрирана во Холдандија, на 23 јануари 2023, купила акции во вредност од 3 милиони американски долари од канадската „Еуромакс ресурсес Лтд” (Euromax Resources Ltd), компанијата која ја поседува концесијата за рудникот „Иловица“ во Македонија. Вредноста на купените акциите изнесува околу 25% од сопственоста на компанијата.
Договорот за купување на акции меѓу компаниите е условен со две многу важни гаранции. Овие гаранции се еден вид финансиски инструмент кој му дава право на новиот сопственик во иднина да купи повеќе акции по истата цена.
Условот за првата гаранција е дека треба да има успешно спојување на концесиите за експлоатација „Иловица“ и да се одобри оцената на влијанието врз животната средина на споените концесии за експлоатација. Условот за втората гаранција е се одобри дозвола за експлоатација за споениот проект „Иловица“ од страна на Министерството за економија во Македонија.
Доколку се исполнат овие услови во рок од две години, компанијата „ЕНДИЕКС Б.В.“ во идинина може да ги искористи овие гаранции, односно да ги купи сите акции од „Еуромакс ресурсес Лтд” за приближно 7,5 милиони американски долари.
Институтот за комуникациски студии „Дома“ пишува дека активистите од здружението „Здрава котлина“, кои се против изградба на рудникот „Иловица“ се сомневаат дека не е случајно што судот донел одлука во корист на „Еуромакс ресурцес“ само две недели откако Дестани преку холандската фирма станал еден од поголемите акционери во канадската компанија. Според нив, Дестани е човек близок до владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) и ги користи политичките врски за да го протурка проектот кој може да предизвика еколошка катастрофа во струмичко. Нивниот сомнеж го поткрепуваат со фактот дека еден од судиите кој одлучувал по последната жалба на „Еуромакс“ е Субхи Јакупи, поранешен член на Државната изборна комисија номиниран од ДУИ.
Ѓорѓи Танушев, член на Советот на Општина Струмица и активист во „Здрава котлина“ вели дека тоа што поранешниот политички активист на ДУИ сега во судската тога дели правда, резултира со нови постапки за овој случај, кои всушност укажуваат на тоа колку нашето судство не е независно, туку напротив е корумпирано.
„Замислете, кој нормален ќе инвестира во фирма како ‘Еуромакс’ којашто е задолжена, официјално според нивните финансиски податоци, 40 милиони долари, значи задолжена е и плус има изгубено концесија. Не постои бизнис логика никаде во свет некој да инвестира во тоа, но, ‘Еколог’ – најголемиот донатор на ДУИ реши да инвестира и многу е јасно дека се доста сигурни дека ќе ја добијат концесијата и ќе ги вратат парите. Типична трговија со влијание, со корупција, како сакате. Такво нешто во светот не постои, само кај нас“, вели Танушев за еколошката онлајн платформата за Институтот за комуникациски студии „Дома“.
За новиот ко-сопственик проектот„Иловица-Штука“ е дел од нивната корпоративна агенда за енергетски одржливи инвестиции. Во одговор за ИРЛ од компанијата „ЕНДИЕКС Б.В.“ велат дека „цврсто веруваат во усогласеноста со прописите и придржувањето до одржливите практики“. Од компанијата не сакаа да коментираат за обвинување дека фамилијата Дестани влијаела врз одлуката на судот за враќање во живот на концесијата за рудниците.

„ЕНДИЕКС Б.В.“ е во сопственост на компанијата „ЕНДИ Груп Б.В.“ (ND Group B.V.), исто така со седиште во Холандија. Контролата на оваа компанија е во рацете на Назиф Дестани, синот на Љазим Дестани, кој моментално управува со значителен дел од семејниот бизнис.
Од 2008 година, „НД Група Б.В.“ служи како холдинг компанија преку која Дестани управуваат со широк спектар на нивните деловни операции. Портфолиото на холдингот е разновидно и може да се пофали со низа компании кои работат во градежниот, недвижниот и енергетскиот сектор. Меѓу овие компании е и конторверзната „Еколог“, која во 2010 година беше под истрага на Северноатлантска договорна организација (НАТО) за нелегални активности, вклучително и сомнеж за трговија на дрога.
Љазим Дестани, роден во тетовското село Бозовце, се преселил од Македонија во 80-тите години. Бизнисот започнал да го гради во Германија, со туристичка агенција наречена „Шар турист“. Со текот на годините, деловните интереси на Дестани се прошируваат надвор од границите на Македонија, со значителни инвестиции и операции во странство. Враќањето на семејниот бизнис во Македонија доаѓа со најавата на македонската Влада, заедно со Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) за нова инвестиција: фабрика за производство на автомобили во Тетово, пуштена во употреба на германската компанија „Некст.Е.ГO“ (Next.e.GO).
Во 2022 година Владата потпиша договор со „Некст.e.ГO“ за изградба на микро фабрика за производство на електрични автомобили во економската зона Тетово. На 13 август, на денот на одбележувањето на Рамковниот договор, државниот врв предводен од премиерот Димитар Ковачевски, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски најавија „нова ера во стратешките инвестиции на Владата“ велејќи дека за прв пат во Македонија ќе се произведуваат електрични автомобили.
Вкупната инвестиција што ја вети компанијата изнесува приближно 130 милиони евра. Максималната државна помош дадена на компанијата ќе изнесува околу 35% од вкупната инвестиција, поделена на четири главни столба, во износ од околу 45 милиони евра.
Сепак, до моментот на објавување на овој текст, изградбата на фабриката сè уште не е започната, што означува значително задоцнување од договорениот временски рок. Според директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, сега топката е кај Владата, бидејќи тие треба да го одобрат договорот за закуп на земјиштето бидејќи зоната е под јавно-приватно партнерство меѓу приватниот партнер и носителот на градежните работи, објасни Деспотовски.
Додека фамилијата Дестани го проширува својот милионски бизнис во индустријата за ископ на минерални суровини во Македонија, локалното население во Југоисточниот регион се подготвува за нова битка против таканаречените „рудници на смртта“. Уште од доделувањето на концесијата за ископ на бакар и злато во струмичкиот регион од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година, рудниците беа проследени со отпор на населението и на научната јавност која што посочи на неповратните штети кои што една ваква инестиција би ги имала врз плодноста на земјата, животот и здравјето на граѓаните. До денешен ден најмалку три влади одбија да ја обелоденат студијата за ризиците врз животната средина. Дел од научната јавност недвосмислено ги предупреди властите дека ваква одлука ќе го осуди претежно земјоделскиот регион на опустошување, а со тоа брутално ќе биде загрозен еден од најзначајните извори на храна во државата.
Корекција: Овој текст беше корегиран во 20:00 часот на 15.07.2022 по констатирана грешка во датумот на седницата на Влада на која се гласало за одлуката за спојување на концесиите за ископ на минерални суровини на „Еуромакс“. Во првичната верзија пишуваше: „5ти јули 2023 година“. По констатираниот технички пропуст текстот беше променет и во истата реченица „5ти јули 2023 година“ беше заменето со „27ми јуни 2023 година“.
Поврзана содржина: Погледнете го и нашиот поткаст „Раговор во Редакција“ во кој разговараме за цензурата, манипулирање со јавното мислење, големите фирми кои си обезбедуваат заштита со реклами во медиумите и нечесните веб-портали кои од збор до збор ги пренесуваат соопштенијата на бизнис заедницата и притоа се китат со епитет професионални и слободни. Повод за оваа тема беше Новинарот Жарко Настовски си даде отказ од медиумот „Слободен печат“ кога пренесениот текст на Институтот за комуникациски студии дека Владата полутајно ги споила концесиите за рудникот Иловица, беше избришан од нивната веб-платформа.
„Иловица: Рудник на цензурата“