Press "Enter" to skip to content

Имам што да кажам: Урбаната мафија не е мистерија, тоа се институциите и инвеститорите

Младинскиот тим „Крик“ на Истражувачката репортерска лабораторија секоја недела ќе емитува интервјуа и анализи чија мисија е да ги прикажат големите проблеми од сферата на владеењето на правото и борбата со корупција преку потребите и проблемите кои ги мачат младите. Дел од нашата мисија е да им дадеме глас и видливост на идните лидери во јавниот живот и да го претставиме неискористениот потенцијал на храбрите, прогресивни млади кои останаа во Македонија.

Зошто Марта

Урбаната злоупотреба на јавниот простор повеќе од една деценија е една од најголемите теми кои вклучија осакатување на градовите, масовна корупција и перење пари преку градежниот сектор, а планирањата и проширувањата на градовите како Скопје, Охрид, Тетово не го водеа урбанисти и архитекти, туку опортунисти и политичари. Резултатите беа траорни по животната средина и по квалитетот на животот на граѓаните.

Марта Илиевска член на Управниот одбор на Асоцијација на архитекти на Македонија.  Еден  од малкуте млади архитекти кои се вклучени во работата на оваа организација во време кога се погласно се зборува за вклученост на младите во носењето на одлуки.

„Ние како асоцијација на архитекти броиме околу 300 – 400 членови, сепак малубројни се младите архитекти. Да речеме јас сум најмладиот член на управниот одбор и од мојата генерација да речеме дека нема ни 3% од вкупните членови“, раскажува таа.

Време е за колективно делување

Марта Илиевска е најмладиот архитект во асоцијацијата. Би сакала да види повеќе млади луѓе во нивните редови. Но,  вели, иако ја разбира колективната апатија кај младите, време е за колективно делување.

“Ако сакаме да направиме некакви промени мора да делуваме колективно, а сепак индивидуалното е нешто што ни преставува поголем предизвик. Ситуацијата во државата генерално за сите млади луѓе не е баш на завидно ниво, така да тоа се случува и со младите архитекти. Онаа апатија што се случува на општествено ниво апсолутно влијае, а влијае и на тоа дека луѓето губат енергија, желба и сила да делуваат на некој начин“, вели Илиеска.

Минатата влада не игнорираше, оваа не консултира – и толку!

За неа е исчекор што денеска барем некој ги консултура архитектите и урбанистите. Но, вели, јасно е дека далеку е денот кога власт ќе ја почитува експертизата на оние кои се повикани во областа.

“Да не бидам песимист, меѓутоа сега со самото тоа што не консултираат на некаков начин и бараат некакво наше мислење сме среќни, за разлика од она предходно што се случуваше каде што многу тешко успевавме да дојдеме до било каков дијалог. Сметам дека може многу да се работи на она што значи бенефитите од таа взаемна комуникација да излезат на виделина, а да не биде тоа останата на само една проформа во поглед на комуникацијата. Ако веќе се создаваат некакви комисии како посебни тела во склоп на министерства и општини дајте тие вистински она што ќе го направат да се имплементира, а не да се дискредитираат од власта повторно со непочитување на нивните одлуки за кои што првично биле создадени. Што е малку контрадикторно, нели, делува дека нели ние еве се движиме напред, меѓутоа тоа исто таа делува и на една проформа во поглед на финалниот производ како резултат од комуникацијата“.

Урбаната мафија не е никаква мистерија,  време е за одговорност

“Кога ќе го спомнеме урбана мафија тоа делува многу мистериозно, дека тоа се некои луѓе кои што нешто прават. Не! Урбаната мафија не постои како таков термин. Тоа се институциите, тоа се инвеститорите, тоа се сите тие што делуваат во изградбата на еден град. За да ја намалиме таа корупција во сите системи мораме да почнеме да сносиме одговорност, општо во било која сфера, а особено во архитектурата и урубаното планирање. Ајде да видиме, ако нешто предходно се направило како што не треба, дајте да видиме кој е одговорен за тоа, за да може да кажеме од сега па натака ова не може да оди. Тоа е едната работа, тоа не некоја работа што не е позната или не ја знаеме,“ вели Марта Илиевска.

Погледнете го целото видео интервју со Марта Илиевска.

Да им дадеме намена на јавните простори кои ни останаа во Градот

Марта вели дека иако секому му е јасно колку екстремна беше узурпацијата на јавниот простор во Скопје, сепак, таа смета дека има уште јавни површини кои можат да добијат намена.

„Повеќе би делувала од аспект на тоа да се даде намена на тие јавни простори. Тој јавен простор за еден град значи комуникација, значи споделување на креативна мисла, значи детска игра, тоа значи слобода во движење, слобода во говор и наеднаш онаа јавна култута и делување во градот ќе почне да се развива“, вели Марта.

Идеи за Кејот

Сите сме ги виделе сликите од градскиот кеј покрај Вардар, оние спроти МКЦ, на пример. Неуредени и празни со години. А со толку потенцијал. Токму тој простор, смета Марта, може да се пренамени во корисен простор за граѓаните.

„Во други држави има стратегии каде цели улици се затвараат и се прават во пешачки простори. Апсолутно не е дека го нема. Еве го цел кеј е тука, а ние користиме минимален дел од кејот, а треба да биде дел кој ќе е наменет за многу многу различни активности, но мора ние да му ја дадеме намената. Не може како град да очекуваме дека луѓето ќе дојдат на една пустелија и ќе го користат тој дел. Не! Намената и активностите кои што треба да им ги дадеме, а тоа е преку анализа и истражување, дури и со социјолози и психолози – една сеопфатна анализа за тоа каков тип на активности треба да му дадеме. Сепак не е дека не постојат јавните простори, само треба да најдеме начин како да ги привлечеме луѓето да ги користат тие јавни простори, првенствено преку намена“, вели таа.