Press "Enter" to skip to content

Хаос и хаварија во контролата на храна и суплементи

Агенцијата за храна и ветеринарство и Царината се двете институции кои треба да ги контролираат увозот и продажбата на производите што се нудат како додатоци на исхрана. Истражувањето на ИРЛ за штетните суплементи што се продаваат под брендот „Слимлајн“ покажа институционална негрижа која отвора можност за злоупотреби. Фирмата „СЛЦ груп“ повеќе од една деценија увезува додатоци за исхрана, изречени се судски пресуди за нарушено здравје на повеќе граѓани, но чаевите и суплементите и натаму слободно се продаваат. Од Агенцијата за храна и ветеринарство одлучија повеќе да не одговараат на прашања на ИРЛ поврзани со работењето на „СЛЦ груп“ за да не влијаеле на актуелната судска постапка што обвинителството ја поведе против сопствениците на фирмата. 

ИРЛ повеќе од три месеци го истражува системот за контрола на суплементите на „Слимлајн“ што се продаваат во земјава. Истражувањето докажа институционални пропусти и некоординација меѓу Царината и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои дозволиле да се увезат производи што не биле во Регистарот на АХВ и во кои е утврдено присуство на сибутрамин, која е штетна супстанција по здравјето на луѓето. 

Додатоците на исхрана се увезуваат од Кина, а кај нас се нудат на пазарот како производи за слабеење и прочистување на организмот. Суплементите ги увезува фирмата „СЛЦ груп“, претходно „Слимлајн интернационал“, а потоа кај нас ги пакува и ги нуди на пазарот под брендот „Слимлајн“. 

Според законските процедури, при пристигнување на пратката на граничниот премин, граничните инспектори земаат мостра од секој примерок. Производите се декларирани како додатоци за исхрана и, според Законот за безбедност на храна, секој производ мора на амбалажата да има декларација и состав на производот. 

Секоја фирма што произведува и продава храна и додатоци на храна мора да биде заведена во Регистарот на Агенцијата за храна и ветеринарство. Компанијата „Слимлајн интернационал“ првпат влегува во Регистарот во 2011 година. За производите добила мислење од Агенцијата дека ги исполнуваат посебните барања за безбедност. 

„При добивање мислење за производ, операторот приложува анализа на готов производ, како и производна спецификација од производителот заверена со печат и потпис дека ги содржи само состојките што се наведени во декларацијата“, објаснуваат од АХВ.

АХВ првпат открила сибутрамин во суплементите на „Слимлајн“ во 2011 година откако тројца вработени во компанијата што ги консумирале суплементите почувствувале здравствени тешкотии. Тие ги испитале примероците, а анализите потврдиле присуство на сибутрамин, состојка која е забранета во САД, ЕУ и во Македонија поради штетата што ја предизвикува по здравјето на луѓето. 

Вработените ја информирале Агенцијата за храна и ветеринарство и ја тужеле компанијата „Слимлајн“ за производство и пуштање во промет на небезбедни производи. Сопствениците Ѓоре и Марија Костовски биле осудени на алтернативна мерка притвор од три месеци, со услов дека нема да ја одлежат казната доколку не сторат ново кривично дело. Компанијата „Слимлајн интернационал“ доби парична казна од 100 000 денари. 

Десет години откако Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека дел од суплементите на „Слимлајн“ содржат сибутрамин не сторила ништо за да ја спречи нивната продажба или да ги засили контролите за увоз на спорните суплементи. Тие продолжиле да се водат по Правилникот за додатоци на исхрана кој не предвидува тестирања на скриени супстанции што производителите не ги наведуваат во декларациите. 

„Секој производ, храна и додаток на исхрана, мора на своето означување да содржи состав. Во случај во составот на производот да не е наведена супстанцијата Сибутрамин, таа ниту треба да се испитува ниту е дозволено да ја има“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во 2018 година до АХВ повторно стигнала пријава од ракометарот Горан Кузмановски, кој паднал на допинг-тест поради лажниот состав на суплементот на „Слимлајн“.Тогаш од Агенцијата издале решение со кое ја задолжуваат компанијата „Слимлајн“ на задолжителна анализа на сибутрамин при увоз на суплементите. 

Сопствениците на „Слимлајн“ успешно ги изманипулирале законските слабости. Во 2019 година го смениле називот на компанијата „Слимлајн интернационал“ во „СЛЦ груп“. А, оваа промена од АХВ ја третирале како да станува збор за две различни фирми, па затоа фирмата „СЛЦ груп“ не била должна да постапува по решенијата што ѝ биле издадени пред да го промени називот и слободно продолжила да ги увезува суплементите без да докаже дали содржат сибутрамин. 

ИРЛ нарача капсули за слабеење преку официјалната интернет-страница на „Слимлајн“. Ни стигнаа да домашна адреса и му плативме 1 100 денари во готовина на доставувачот. На пакувањето нема декларација со задолжителните информации според Законот за заштита на потрошувачи. Испраќачот на суплементите не е „Слимлајн“ туку извесна Маја Трајковска, а се испраќаат од адресата каде што е домот на сопствениците Ѓоре и Марија Костовски. 

Ноншалантни институции

Во септември 2021 година од Регистарот на АХВ била избришана фирмата „Слимлајн интернационал“ бидејќи не вршела дејност подолго од шест месеци и поради утврдените неправилности во нејзиното работење. За по два месеци, во ноември 2021, во Регистарот да влезе „СЛЦ груп“, истата фирма со променет назив. 

Од Царинската управа одговорија дека компанијата од 2019 до 2021 година продолжила слободно да увезува суплементи и чаеви со дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство. Иако во овој вакуум-период „СЛЦ груп“ не била во Регистарот. АХВ не објасни кој дозволил да влезат во земјава 11 пратки со детокс-чаеви и инстант-кафиња и една пратка со суплементи од Кина. 

Во текот на истражувањето, двете институции надлежни за контрола, безбедност и увоз на суплементи ги менуваа, коригираа и ги дополнуваа одговорите на прашањата што им ги доставуваше ИРЛ. 

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски и службите на Агенцијата неколку месеци тврдеа дека фирмата „Слимлајн“ не е дел од Регистарот на АХВ и поради тоа се немоќни да ја спречат трговијата на нејзините производи. 

„Решението е сите граѓани да бидат внимателни кога е во прашање онлајн трговијата, особено за додатоци на исхрана, и пред да купат одреден производ да проверат дали е регистриран во АХВ“, изјави Бабовски во период кога ни самиот не знаеше дека компанијата „Слимлајн“ е регистрирана во Агенцијата четири месеци пред неговата изјава.

Во дополнителните одговори на прашања што ги испративме по објавеното истражување, од Агенцијата сè уште тврдеа дека оваа компанија не е регистрирана, а потоа испратија коригирани одговори дека „СЛЦ груп“ од ноември 2021 година сепак била регистрирана во АХВ. 

Од Царинската управа, исто така, ги менуваа своите одговори. Оттаму тврдеа дека брендот „Слимлајн“ ниту со називот „Слимлајн интернационал“ ниту како „СЛЦ груп“ не врши увоз веќе две години. Во коригираните одговори потврдија дека компанијата непречено вршела увоз и испратија табела со сите увози во изминатите две години. 

Табела од сите увезени пратки на „СЛЦ Груп“ со одобренија од Агенцијата за храна и ветеринарство

Агенцијата за храна и ветеринарство одлучи повеќе да не одговора на прашања на ИРЛ поврзани со работењето на „СЛЦ груп“. 

„Против ‘Слимлајн интернационал’ во тек е кривична постапка во која Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) не е во својство на странка, односно таа е поведена од физичко лице. Со цел спречување на предизвикување штетни последици за понатамошниот тек на постапката, споделувањето дополнителни информации може да влијае на судскиот спор што е во тек, а со тоа и на конечната одлука на Судот. Како институција досега транспарентно и навремено одговоривме на сите поставени прашања“, се вели во одговорот од АХВ.

Путерот се уништи, производите на „Слимлајн“ сè уште се продаваат

Пред една година тогашниот вицепремиер за борба против корупција Љупчо Николовски откри дека во маркетите низ државава се продавал путер со поминат рок. Четири тони од путерот што се продавал без декларација беа повлечени од пазарот. Акцијата на Агенцијата за храна и ветеринарство беше пласирана како голем успех во интерес на здравјето на граѓаните. 

„Производот е затекнат во продажба без декларација и од страна на АХВ веднаш е повлечен од пазарот. Заштитата на граѓаните и нивното здравје е на прво место. Повикувам на целосна истрага и одговорност“, изјави вицепремиерот Николовски. 

Љупчо Николовски тогаш настапи од позиција на вицепремиер, сега е министер за земјоделство и повторно е во извршната власт. ИРЛ побара став од него дали останува на истите заложби и дали ќе побара построги контроли на безбедноста на штетните суплементи што се продаваат во земјава. Николовски одговори дека заштита на граѓаните и нивното здравје останува и понатаму негов, но и врвен приоритет на Владата. 

„Инспекциските служби досега добро ја извршуваат својата работа, како што е и во овој случај, но мора и понатаму уште позасилено да вршат контроли за навремено утврдување евентуални неправилности и заштита на граѓаните. На еден од последните координативни состаноци со инспекциските служби задолжени за квалитетот и безбедноста, но и прометот со храна и прехранбени производи побарав детален план за реализирање на надзорите со цел да го зајакнеме надзорот“, изјави Николовски за ИРЛ.

Директорот на АХВ, Николче Бабовски, одби да го каже својот став и да одговори дали ќе промени нешто во врска со контролата и анализите на суплементите во кои е пронајден сибутрамин и кои сè уште слободно се продаваат на пазарот. 

Поврзани стории

Забранети суплементи за убавина и здравје ве демнат на интернет

Бубевски: Oбвинителството во понеделник одлучува за нова кривична постапка против “СлимЛајн”

Суспендиран досегашниот обвинител за случајот „Слимлајн“ Миле Арсениевски, завршен збор утре

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »