Press "Enter" to skip to content

ИРЛ осудени зошто судијката цени дека приватното право на Анѓушев е поважно од слободата на говор

Меѓународната федерација на новинари денеска испрати реакција и констатира дека оваа пресуда претставува неуспех на судијата да го стави јавниот интерес и интересот на граѓаните над интересот на моќните бизнисмени. Судијката Спировска Панева е позната по тоа што осуди новинари што го критикуваа поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков. Судијката пред претставниците на еснафските здруженија и новинарите рече и дека и било тешко вака да одлучи, а потоа даде скандалозна изјава дека морала да го заштити приватниот интерес.

Судијката Јованка Спировска Панева, денеска ги осуди новинарите на ИРЛ и главната уредничка Сашка Цветковска за клевета во случајот кој поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев го поведе против ИРЛ за истражувањето „Заговор против воздухот“. Судењето доаѓа откако првично истата судијка ги ослободи ИРЛ од одговорноста за клевета во овој случај, но откако Апелацискиот суд му ја усвои жалбата на Кочо Анѓушев, судењето мораше да се повтори.

На изрекување на пресудата не дојде тужителот, господинот Кочо Анѓушев, туку само правничка од канцеларијата на неговата адвокатка Мери Младеновска Георгиевска. Пресудата ја слушаа новинарите на ИРЛ и претставници на еснафските новинарски здруженија – ЗНМ, Самостојниот синдикат на новинари и Советот за етика на медиумите.

Пресудата во случајот Кочо Анѓушев против ИРЛ за главната и одговорна уредничка Сашка Цветковска е скандалозна.

„Судијката која своевремено го заштитуваше Сашо Мијалков сега влезе повторно во заштита на Кочо Анѓушев. Како што и самата ја образложи пресудата, приватното право, правото на бизнисот и на приватниот интерес биле посилни од слободата на говорот“, изјави уредничката Цветковска пред новинарите.

Судијката пред присутните во судницата рече дека проценила оти приватното право на бизнисменот Анѓушев е поважно од слободата на изразување. Претставката на Здружението на новинари поднесена минатата недела до Судскиот совет за нејзината работа таа го оцени како важен момент во носењето на пресудата. Нивната претставка дојде откако на минатото последно рочиште, судијата Спировска Панева ја исклучи јавноста од судницата за да воведе нов доказ – „Соочување на странки“ за да можела преку реакциите на Анѓушев и Цветковска да цени кој е виновен. На денешното читање на пресудата, судијката кажа дека не ја исклучила јавноста, туку само побарала простор за да може да има концентрација да ги слуша двете страни кои требале да се соочат.

„Меѓутоа, зошто овој тајминг го избра ЗНМ сега ми е јасно. Веројатно да почекавте барем до денеска немаше да има потреба од овој циркус да го правите. Тајмингот што ЗНМ го одбра за да ја објави претставката ми укажа на некои други работи каде што јас навистина најдов дека треба да се заштити приватното право во конкретниот случај, а не правото на слободата на говор. И сигурно произлегува од тоа дека јас навистина сум погрешила првиот пат и Апелациониот суд со право ми ја укинал одлуката“, рече Спировска Панева.

Јованка Спировска Панева
Фото ИРЛ: Јованка Спировска Панева

Анѓушев и „Брако“ ги тужеа новинарите на ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска за сторијата „Заговор против воздухот“ објавена на 16 мај 2021 година. Во првата пресуда која ја донесе Спировска Панова таа ја отфрли тужбата на бизнисменот Анѓушев и донесе пресуда дека нема основи на клевета, но откако Анѓушев се жалеше на повисокиот Апелационен суд, постапката беше вратена на почеток.

Основниот суд 2 или популарно наречен Граѓански суд, утрово не дозволи да се снима и фотографира изрекувањето на пресудата со образложение дека тужителот се противи. Пет минути пред изрекувањето, Врховниот суд експресно одговори на барањето на ИРЛ и со тоа нивната одлука беше конечна и се дозволи снимање.

Анѓушев и „Брако“ со оваа тужба бараат ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска да му исплатат по едно евро отштета за него и за неговата компанија „Брако“, како и да му се извинат во дневниот весник „Слободен печат“.

Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинари рече дека се надева дека оваа пресуда ќе биде само исклучок кој ќе падне на следните инстанци.

„Се надевам дека овој судски случај нема да биде меѓник за една нова ера во судските процеси во Македонија против новинарите. Се надевам дека ќе биде само исклучок кој ќе падне на следните инстанци бидејќи начинот на кој беше образложена оваа пресуда навистина не ни дава за право да бидеме многу оптимисти, но ние како новинари, како здруженија, како колеги имаме обврска да стоиме цврсто и да веруваме во исправноста на кажаното“, Младен Чадиковски.

Павле Беловски, претседател на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, изјави дека новинарите не даваат отчет во судницата, туку пред граѓаните кои се наш аудиториум.

„Мислам дека во борбата меѓу казнивоста и неказнивоста одново ќе победиме ние, затоа што парадоксот беше да се казнуваат оние кои нас нѝ штетат и оние кои сакаат да нè обесхрабрат во таа борба, а не ние да бидеме казнетите и изнесувани пред ѕидот на срамот во судовите. Треба да ги охрабриме одново сите истражувачки центри уште посилно, уште поревносно да продолжат во тоа што го работат, затоа што ние можеме да се соочиме со многу повеќе репресии отколку што тие може да се соочат со вистината и со вистинската и квалитетна содржина која ја продуцираме“, рече Беловски.

Јованка Спировска Панева е истата судијка која во 2014 година го осуди дневниот весник „Фокус“ да му плати на тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков девет илјади евра. Весникот потоа се жалеше на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур и го доби случајот.

ИРЛ во моментов се консултира преку повеќе меѓународни механизми кои обезбедуваат ваков тип на правна помош во земји и подрачја со ниска култура на човекови права и слобода на говорот со цел да ја заштити епизодата од цензура и евентуални обиди за нејзино бришење од интернет просторот.

Целиот документарен филм „Заговор против воздухот“ може да го погледнете тука.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »