Press "Enter" to skip to content

Антикорупциска бара да не се исплати помошта на Еуроникел ДООЕЛ

Државната комисија за спречување на корупција смета дека владата треба да го раскине договорот за финансиска помош на Еуроникел ДООЕЛ кој е сопственик на кавадаречки Фени. Бараат и работaта  на оваа компанија да почне да биде надгледувана од Управата за финансиско разузнавање поради ризик за потекло на парите. Од Антикорупциска се сомневаат дека одредени функционери ја искористиле моќта за да овозможат Еуроникел ДООЕЛ да ја добие државната помош, иако првично биле одбиени. 

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да и препорача на Владата да го раскине договорот за финансиска поддршка кој го потпишала со компанијата Еуроникел ДООЕЛ која е актуелен сопственик на комбинатот за производство на фероникел, порано познат како Фени Индустри. Со раскинувањето на договорот, сопственикот на Фени не би ја добил одобрената помош, која се уште не почнала да се исплаќа. 

Антикорупциска комисија се сомнева и за потеклото на парите на ГСОЛ кој е основач на Еуроникел ДООЕЛ, а е регистрирана во офшор деситинација на Бахмски острови. За ова, од Комисијата нагласија дека ќе испратат препораки до Управата за финансиско разузнавање да се следи работењето на ГСОЛ и на Еуроникел ДООЕЛ, како и да се преиспита работењето на адвокати, сметководители и овластени ревизори кои беа дел од начинот како ГСОЛ го презема управувањето со Фени, откако оваа фирма заврши во стечај. ДКСК се сомнева дека овие лица не постапувале по Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска во образложението на одлуката кажа дека во овој случај постојат сомнежи за несовесно постапување и злоупотреба на службена положба и овластување на повеќе службени лица кои биле именувани носители на јавни функции, а извршиле незаконски влијанија и овозможиле трговското друштво Еуроникел ДООЕЛ да склучи договор за финансиска поддршка.

Ивановска кажа дека за финансиската поддршка за Еуроникел ДООЕЛ, ад хок комисија формирана од Владата, под исти околности и услови, два пати донела различна одлука за доделување на помошта.

Според Антикорупциска комисија, во август 2018 година компанијата Еуроникел ДООЕЛ поднела барање до Агенцијата за странски инвестиции за поддршка на откуп на материјални средства од деловни субјекти во потешкотии. Агенцијата извршила административна проверка на условите и барањето на Еуроникел ДООЕЛ го доставила до ад хок комисијата која дала негативно мислење. Сметале дека овој субјект поседува лиценца за производство на електрична енергија, што според Законот за финансиска поддршка на инвестиции и оневозможува да бара помош бидејќи извршува регулирана дејност. Откако Еуроникел ДООЕЛ бил известен за негативното мислење, повторно испратиле допис во кој што кажале дека лиценца за производство на електрична енергија поседува Еуроникел индустри. Врз основа на ова, затворениот предмет повторно бил отворен и ад хок комисијата донела позитивно мислење и доделила финансиска помош за инвестицијата на Еуроникел ДООЕЛ. Двете фирми се капитално поврзани, како фирми мајка – ќерка.

Ваквото реотварање на барањето за помош, во ДКСК создало сомневање дека финансиската поддршка за Еуроникел ДООЕЛ е обезбедена по пат на незаконско влијание од носител на јавна функција кој што бил задолжен за координација на политиките во економскиот сектор. Од Антикорупциска комисија сметаат дека без одлука на надлежен орган, но и без законско прецизирани одредби за повторнување на постапката, ад хок комисијата го реотворила барањето по што дала позитивно мислење за доделување на финансиската поддршка на Еуроникел ДООЕЛ. 

ДКСК од дописите кои ги добила од Агенцијата за странски инвестиции утврдила дека второто решение на ад хок комисијата било и антидатирано. Откриено е дека откако на 26.09.2019 било одбиено барањето на Еуроникел ДООЕЛ, на 03.10.2019 до Агенцијата за странски инвестиции е испратен одговор од фирмата дека лиценца за струја има нивната фирма ќерка, Еуроникел индустри, по што ад хок комисијата издава ново решение дека може да се додели помош, но со датум како и првото негативно решение на 26.09.2019 година. 

Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска додаде дека ја провериле и постапката на носење на Законот за финансиска помош на инвестиции преку увид во стенограмите на собраниската Комисијатза економски прашања и од 45. пленарна седница на Собранието.

„Со увид во овие документи се утврди дека Законот за финансиска поддршка бил подготвуван од работна група која била под надлежност на заменик претседателот на владата Кочо Анѓушев кој на седница на Собранието објаснил дека Законот се носи наменски со цел да бидат поддржани околу 20 трговски друштва. Ова дополнително отвори сомнеж кај нас дека однапред се знаело колку и кои друштва е предвидено да добијат финансиска поддршка“.

ДКСК во овој случај апелира и на тоа дека ад хок комисијата за евалуација ја сочунуваат кабинетски службеници и дека тоа дополнително упатува на потенцијално политичко влијание при доделување на средствата.

„Користат  законски погодности и како кабинетски службеници и како членови на комисијата, а од друга страна немаат законска обврска за поднесување анкетен лист и изјава за интереси до ДКСК. Ова исто така цениме дека е висок ризик од незаконско влијание при доделување на договорот за финансиска поддршка на Еуроникел“, објасни Ивановска. 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »