Press "Enter" to skip to content

„Дурмо турс“ доби тендер за превоз на ученици

31.03.2020

Два дена по автобуската несреќа кај селото Ласкарци во која животот го загубија 16 луѓе, фирмата превозник „Дурмо турс“ добила тендер за превоз на ученици. Договорот е склучен на 15 февруари, а дури вчера е објавен на интернет страната на Јавни набавки.

Тендерот бил објавен од средното училиште „Неготино“ од селото Неготино во општина Врапчиште, а „Дурмо турс“ била одбрана во конкуренција со уште една фирма. Според договорот, „Дурмо турс“ почнувајќи од 15 февруари до крајот на годинава ќе ги превезува средношколците од шест села од дома до училиштето и обратно. Критериум за добивање на договорот била најниска цена.

Според податоците на Јавни набавки „Дурмо турс“ понудила цена од 700 денари, а конкурентската фирма 3300 денари. Вкупната сума на тендерот со ДДВ е 27.600 евра.

Единствениот контакт телефон кој го најдовме од училиштето, е тој на договорот за јавната набавка, но одговор не добивме. На мобилниот телефон не креваше ниту градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, од чиј град беа загинатите во несреќата кај Ласкарци.

По истрагата за несреќата беа приведени сопственикот на компанијата, возачот на автобусот и уште пет други лица меѓу кои, раководителот на компанијата, три лица кои се грижеле за технички преглед и едно правно лице кое издало документ дека автобусот е исправен.

Истрагата покажа дека сопирачките на автобусот биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед, во јуни 2018 му било дадена дозвола за работа. Истото, и покрај неправилностите, било направено и при техничкиот прием во декември 2018. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Неисправноста на кочниците и големата брзина се причина за сообраќајката. Судот им одреди притвор на сопственикот, возачот на автобусот и раководителот на компанијата.

WordPress Lightbox Plugin