Press "Enter" to skip to content

Слимлајн казнет оти мамел потрошувачи, една година забрана за продажба на производот за слабеење

Суплементите за слабеење од добропознатиот бренд Слимлајн, кои содржат забранет сибутрамин, една година нема да се продаваат на македонскиот пазар. Судот ги казни за измама фирмата СЛЦ Груп и управителката Андријана Павловиќ. Нејзината мајка, пак, незадоволна од пресудата вербално ги нападна судијката, репортерката на ИРЛ и оштениот во случајот, ракометарот Горан Кузмановски. Интервенираше и судската полиција. 

Известува: Лила Караташева 

Фирмата „СЛЦ Груп“ која стои зад брендот „Слимлајн“ и управителката на фирмата, Андријана Павловиќ денеска се осудени затоа што ги мамеле потрошувачите продавајќи им суплемент во кој е откриено присуство на забранетиот и штетен сибутрамин. Добро познатите препарати за слабеење од брендот „Слимлајн“ една година нема да смеат да се продаваат на пазарот, оваа одлука денеска ја донесе судијката Снежана Марковска, во случајот во кој оштетен е ракометарот Горан Кузмановски. Управителката доби условна казна, ако во следните пет години го повтори делото да заврши две години во затвор. Освен тоа фирмата ќе треба да плати 200 илјади денари (околу 3500 евра) отштета и да ги подмири судските трошоци. 

Кариерата на ракоментарот Кузмановски заврши во 2018 година откако по регуларен пат во аптека Еурофарм, купи додаток во исхраната од брендот „Слимлајн“, мислејќи дека е целосно природен, како што пишувало на амбалажата. Откако по случаен избор му беше направен допинг тест, се утврди дека во суплементот имало сибутрамин. Сибутраминот од 2010 е забранет во ЕУ поради штетите што ги предизвикува врз здравјето на луѓето, како мозочни и срцевни удари.

Ова е второ судење за истиот случај во кој Агенцијата за храна и ветеринарство ги тужи „Слимлајн“ за измама на потрошувачи. Во првото судење, компанијата и управителката Андријана Павловиќ беа ослободени од вина. Но случајот се врати на повторно судење откако Апелациониот суд одлучи дека судијката Славица Андреева сторила суштинска повреда и погрешно ја утврдила фактичката состојба на доказите во случајот со ракометарот Горан Кузмановски. 

Денешното рочиште беше предвидено за одбраната и обвинителството да ги кажат завршните зборови, но судијката одлучи денеска да ја прочита и пресудата. 

Читањето на пресудата беше проследено со викотници од Марија Костовска, мајка на обвинетата Андријана Павловиќ и поранешна управителка на „СЛЦ Груп“.  Во оваа постапка Костовска беше сведок. Судијката се обиде да ја смири Костовска која недолично и на висок тон објаснуваше како „сè што се случува е игра против нив и дека тие ништо не продаваат“. 

„Нема бе да ќутам. Сè е ова игра, нас четири години не ни работи фирмата, ни ја уништија, ние преживуваме“, рече Костовска. 

Откако опомените на судијката не ја спречија Костовска некултурно да се надвикува во судницата, судијката повика обезбедување за да може да ја образложи пресудата. 

„Бидејќи во судницата има новинар, запишете слободно дека немаме паник тастери за да повикаме обезбедување и овде во судницата може да стане кој било и да направи огромен неред со викање кон судијата кој нема што да направи освен да бега низ вратата која е исто така на страната на обвинетите“, порача судијката Марковска. 

Пред да стаса обезбедувањето, Марија Костовска ја напушти судницата, движејќи се кон вратата и порача на судијката дека нејзиното мислење не и е важно, а за крај и рече дека многу судијки се чистачки во цркви.

 Вербалните напади на Костовска продолжија и кон репортерката од ИРЛ по завршувањето на судењето. Костовска и порача на новинарката дека и таа ќе почне да „објавува“ и да испраќа кривични пријави. Во намерите да прерасне во нешто позериозно ја спречи нејзиниот адвокат, велејќи: Немој Марија, немој, нема да остане на оваа пресуда. Од четвртиот кат во Кривичниот суд, сè до излезот Костовска незадоволно довикуваше зад репортерката, а по неа се движеше судската полиција. 

Ова не е прв пат во текот на судската постапка Костовска да се однесува недолично кон репортерката од ИРЛ, бидејќи веќе еднаш во телефонски разговор, наместо изјава, Костовска на репортерката и упати низа пцовки. 

Закани му упати и на оштетениот ракометар Горан Кузмановски на кој му порача дека деноноќно ќе го следи. 

Одбраната се надеваше на застарување на делото

Адвокатите на „СЛЦ Груп“ и Андријана Павловиќ во завршните зборови побараа од судот да констатира застареност на делото затоа што спорниот суплемент за кој се води судскиот спор, ракометарот Кузмановски го купил на 11 септември 2018 година. Но судот не го прифати овој приговор. 

„Приговорот е неоснован од причина што доказите кои се однесуваат на купопродажбата не значат дека завршиле дејствијата на обвинетото правно лице, бидејќи од материјалните докази неспорно е дека производот се уште бил достапен во промет“, рече судијката. 

Обвинителката Наташа Крстева-Цалева во завршните зборови рече дека материјалните и вербалните докази потврдуваат дека „СЛЦ Груп“ и управителката Андријана Павловиќ ги измамувале граѓаните. Таа порача дека тие манипулирале со купувачите продавајќи им производи кои биле декларирани како целосно природни, а можеле да го загрозат здравјето на граѓаните. 

„Свесно и намерно ги пуштале во промет овие производи. Кај нив не постои чувство на вина. Обичните граѓани немаат познавања за да се тестираат за присуство на сибутрамин и никој од нив не знае дека конзумирал сибутрамин“, рече обвинителката Крстева-Цалева. 

По завршувањето на судењето, ракометарот Горан Кузмановски порача сите граѓани, а особено спортистите да бидат претпазливи кога одбираат кои суплементи ќе ги користат.

„Конечно после шест години вистината излезе на виделина. Правдата се покажува кога тогаш. Многу време помина, но на крај сепак се докажа она што го направија „Слимлајн“ како фирма“, рече Кузмановски кој додаде дека е задоволен и од Апелациониот суд кој го врати случајот на повторно судење, но и од оваа пресуда. 

Судењето помеѓу Агенцијата за храна ветеринарство и „СЛЦ Груп“ во кој оштетен е ракометарот Горан Кузмановски започна во 2020 година. Кузмановски во 2018 го купил спорниот суплемент од аптеката „Еурофарм“ мислејќи дека е целосно природен. Но, наместо прочистување на телото од токсини за претстојната сезона исполнета со натпревари, тој паднал на допинг тест. Во неговиот организам е пронајдена забранета супстанца „сибутрамин“ која ја имало во таблетите, а не била наведена во декларацијата. Случајот го пријавил во Агенцијата за храна, која поднела тужба против „СЛЦ Груп“. За времетраењето на судскиот спор, „Слимлајн“ продолжија да ги продаваат суплементите на социјалните мрежи, без фискална сметка и без декларација на македонски јазик. 

Ова е втора пресуда против „Слимлајн“, за нив веќе имаше правосилна пресуда за пуштање во промет на штетни прехрамбени продукти. По пресудата, компанијата од „Слим Лајн Интернационал“ го промени називот во „СЛЦ Груп“. Во оваа пресуда обвинети беа Ѓоре и Марија Костовски кои добија алтернативна мерка од три месеци затвор, со услов дека нема да ја одлежат казната доколку во рок од две години не сторат ново кривично дело. Нивната фирма во тој случај помина само со парична казна од 100.000 денари. 

Сите известувања за случајот „Слимлајн“ може да ги прочитате тука:

https://irl.mk/zabraneti-suplementi-za-ubavina-i-zdrav-e-ve-demnat-na-interent/

https://irl.mk/haos-i-havari-a-vo-kontrolata-na-hrana-i-suplementi/

https://irl.mk/suspendiran-dosegashniot-obvinitel-za-slucha-ot-slimla-n-mile-arsenievski-zavrshen-zbor-utre

https://irl.mk/slucha-ot-slimla-n-so-nova-obvinitelka-se-vra-a-na-pochetok-a-vo-sudnicata-tenzii/

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »