Press "Enter" to skip to content

Случајот „Слимлајн“ со нова обвинителка се враќа на почеток, а во судницата тензии

Наташа Крстева Цалева е новата обвинителка на местото на суспендираниот обвинител Миле Арсениевски и го застапува обвинението за делото „Измама на потрошувачи“ против „СЛЦ Груп“ и Андријана Павловиќ кои што го продаваат спорниот суплемент „Слимлајн адванс“. Поради бројните отсуства на Арсениевски и изминати 90 дена од последното одржано рочиште, денеска постапката почна од ново. Исказ пред Судот даде сопственичката на „Слимлајн“ Марија Костовска. Таа одби да одговори на прашањето на обвинителката дали веќе со правосилна пресуда од 2018 година е утврдено дека во „Слимлајн адванс“ институциите потврдиле дека продуктот го содржи штетниот сибутрамин. Костовска одби да одговори оти чувствувала медиумски притисок од новинарите кои известуваат за случајот.

Известува: Лила Караташева; Дополнително известување: Бојан Стојановски; Илустрации: Елена Митревска Цуцковска

Денеска во Судот исказ даде сопственичката Марија Костовска која била управител на фирмата „СЛЦ Груп“ во моментот кога бил увезен и продаван суплементот „Слимлајн адванс“ кој е предмет на судски спор помеѓу Агенцијата за храна и ветеринарство од една страна и „СЛЦ Груп“ и Андријана Павловиќ од друга, во кој што оштетен е ракометарот Горан Кузмановски. Ракометарот го користеше овој додаток кој го купил во аптека верувајќи дека ги содржи само состојките кои се напишани на амбалажата. Но и покрај прочитаното упаство и потврдата дека производот е безбеден за употреба, паднал на допинг тест. Суплементот го испратил на анализа во акредитираната лабараторија во Србија и во македонскиот Институт за јавно здравје. Анализите потврдиле дека производот на „Слимлајн“ го содржи забранетиот и штетен сибутрамин поради кој Кузмановски наместо да дава голови на терените, заврши како ракометар кој се допингува.

Новиот старт на судењето донесе најтензична атмосфера во судницата до сега. Судијката постојано ги опоменуваше адвокатите на „Слимлајн“, бранителот на Кузмановски и обвинетите да се однесуваат примерно во судницата. За време на рочиштето, Костовска доби опомена да не се консултира со адвокатите додека дава исказ пред Судот.

Новата обвинителка Наташа Крстева Цалева еднаш веќе беше застапник на обвинение против „Слим Лајн Интернационал“ и Ѓоре и Марија Костовски за сторено кривично дело Производство и пуштање во промет на штетни прехрамбени производи. Ова обвинение заврши со правосилна пресуда во 2018 година откако се утврди дека четири различни суплементи од брендот „Слимлајн“ меѓу кои и „Слимлајн адванс“ содржат сибутрамин состојка строго забранета во земјите на ЕУ, во САД и во Македонија.

Од денес, таа го застапува новото обвинение за „Измама на потрошувачи“ против истата компанија која по правосилната пресуда од пред четири години, го смени називот од „Слим Лајн Интернационал“ во „СЛЦ Груп“.

Обвинителката ја праша сопственичката Марија Костовска дали пред Судот ќе потврди дека за суплементот „Слимлајн адванс“ има правосилна пресуда во 2018 година во која се наведува дека има потврдено дека содржи сибутрмин. Бранителот на Костовска, адвокатот Драган Георгиевски приговараше на прашањето на Обвинителството бидејќи Костовска не била должна да одговара на прашања коишто не се однесуваат на моменталната постапка.

Тој и се закани на обвинителката со кривична пријава затоа што спомнала различна постапка за која што веќе има правосилна пресуда. Обвинителката го повика слободно да поднесе пријава, а судијката Славица Андреева ја повика Костовска да одговори дали знаела дека во продуктот кој го увезува и за кој уверува дека е безбеден и сигурен за употреба, веќе е потврдено дека го има штетниот сибутрамин.

„Нема да одговорам на прашањето бидејќи се чувствувам под медиумски притисок во судницата поради новинари кои објавуваат недокажани работи“ – рече Костовска. 

Во своите завршни зборови пред Судот во 2017 година, обвинителката Наташа Крстева Цалева процени дека Бирото за храна и Бирото за лекови не презеле ништо за да ја спречат продажбата на штетните суплементи на „Слимлајн“ за кои што се потврдило дека содржат сибутрамин. Институциите меѓусебно си ги префрлаа одговорностите околу тоа кој понатаму треба да ги испитува суплементите.

„Диетските пилули често ветуваат чудо во шише, но она што тие го предизвикуваат не вреди за ветената магија. Докажано е дека има сибутрамин и наместо самостојно да ги повлечат, тие непречено продолжиле да вршат продажба“ – изјави пред пет години обвинителката пред Судот

За случајот од 2017 година во кој што оштетени беа вработени во „Слимлајн“ кои што ги конзумирале суплементите, а подоцна пред Судот докажаа дека содржат сибутрамин, Ѓоре и Марија се прогласени за виновни за кривичното дело производство и пуштање во промет на штетни прехрамбени продукти. Добија алтернативна мерка од три месеци затвор, со услов дека нема да ја одлежат казната доколку повторно не сторат ново кривично дело. Правното лице „Слим Лајн Интернационал“ помина само со парична казна од 100.000 денари. Оваа пресуда ја донесе Кривичниот суд во 2017, а Апелациониот суд ја потврди во 2018.

Во новото обвинение кое што и е доверено на обвинителката Наташа Крстева Цалева темата е иста. Повторно постои сомнеж за присуство на сибутрамин во суплементите на „Слимлајн“. Различно е само тоа што истата компанија по правосилната пресуда го смени називот од „Слим Лајн Интернационал“ во „СЛЦ Груп“ и наместо Ѓоре и Марија Костовски, управителка е ќерката на Марија Костовска, Андријана Павловиќ.

Македонските трговци на кинески суплементи 

Сопственичката на „Слимлајн“ Марија Костовска по професија е дипломиран правник. Во интервју за маркетинг 365 во 2016 година Костовска објаснува дека во 2009 година се почувствувала подготвена да започне сопствен бизнис. Заедно со сопругот Ѓоре Костовски тргнале во потрага по добри и квалитетни производи. Го создале брендот „Слимлајн“. Костовска во интервјуто зборува за успесите на компанијата која што успеала своите производи освен на Балканот да ги извезе и во Велика Британија. Таа сметаше дека компанијата „Слимлајн“ е потврда дека добрите резултати може да се постигнат со маркетинг стратегија и дигитално огласување на социјалните мрежи.

„Купувачите се нашите миленици и ние постоиме заради нив. Лојалните купувачи се нашата виза за долговечност“- ќе каже Костовска две години пред Судот да ја прогласи за виновна бидејќи на граѓаните им пуштила во промет штетни производи. 

Односот на Марија со купувачите на „Слимлајн“ кои се жалат од нуспојавите на производит

Сопругот на Марија Костовска, Ѓоре Костовски со Кина го поврзуваат две работи. Едната се кинеските додатоци за исхрана од брендот „Слимлајн“. Втората работа е боречката вештина Винг Чунг Кунг Фу која 30 години ја предава на помлади ученици.

Борците кои ја тренираат оваа боречка вештина важат за луѓе кои никогаш не се откажуваат и ревносно се соочуваат со предизвиците. Костовски е претседател на Винг Чунг Кунг Фу Федерацијата на Македонија. За успесите во својата спортска кариера Костовски во 2020 година зборуваше во емисијата Утрински приказни со Лила Филиповска, а која има договор со „Слимлајн“ за реклама на производите на моќните социјални мрежи.

Управителката на „СЛЦ Груп“ и ќерката на сопственичката Марија Костовска, Андријана Павловиќ е обвинета за сторено кривично дело „Измама на потрошувачи“.

Според нејзиниот Фејсбук профил, управителката на „СЛЦ Груп“ обожава да ги посетува атрактивните туристички дестинации на Балканот и низ Европа. Таа е и промотер на брендот „Слимлајн“ со чии производи редовно споделува фотографии на социјалните мрежи.

На едно од досегашните закажани рочишта, Павловиќ и пристапи на новинарката од ИРЛ која што го следи судскиот процес и од неа побара лична карта, а потоа визит карта. Во судницата се обидуваше да објасни дека новинарите немаат право да следат судски процеси. По завршувањето на рочиштето, Павловиќ во телефонски разговор со друг новинар од редакцијата изрази желба ИРЛ да не го објави истражувањето додека не се заврши судската постапка.

ИРЛ истражувањето го објави пред завршницата на судската постапка и покрај притисоците и институционалните заплети. Нашиот тим и понатаму ќе продолжи да истражува за пропустите на институциите кои свесно или несвесно овозможуваат опасни суплементи се уште да се продаваат во нашата земја.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »