Press "Enter" to skip to content

Скандалозно судење со исклучување на јавноста во случајот Анѓушев против ИРЛ

Исклучување на новинари од судница е крајно опасно и неопходно е само во законски утврдени процедури, се вели во реакцијата на ЗНМ кое поднесе претставка до Судскиот совет за утврдување одговорност на судијката Јованка Спировска Панева. Судењето помина со низа скандали, а најголем дел од исказот на новинарката Сашка Цветковска не влезе во записникот од рочиштето. Во записникот дури и пишува дека емотивниот настап на господинот Кочо Анѓушев и’ дал верба на судијката дека тој ја зборува вистината. 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Судски совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судијката Јованка Спировска Панева од Основен граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција. 

Претставката е поради непрофесионалниот однос на судијката Панева кон тужената Сашка Цветковска, главна уредничка на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) во судскиот процес во кој тужител е бизнисменот и поранешен вицепремиер Кочо Анѓушев. На последното судење кое се одржа на 13-ти октомври се случи правен преседан за кој вооедно реагираше ЗНМ. Откако во судница завршија сведочењата на Анѓушев и Цветковска судијката побара „Соочување на странките“. Судијката одлучи да ја исклучи јавноста од судницата без образложение, иако како присутни беа новинари од повеќе редакции кои беа со задача да известуваат од предметот каде тужена страна се нивни колеги. Директното соочување судијката го најави како доказ во постапката преку кој ќе ценела кој ја кажува вистината, а како клучен елемент за носење пресуда ќе бидат реакциите на бизнисменот и новинарката. 

„Ве молам напуштете ја судницата. Овој доказ не смее да излезе надвор“, им рече судијката на присутните новинари и на дел од тимот кој го придружуваше Анѓушев.

Записникот од одржаното рочиште на 13-ти октомври не содржи детали, зошто јавноста и присутните новинари се отстранети од судница. Документот од пет страни кој е доставен до адвокатите на тужителот и тужената, покажува дека судијката воопшто во записникот не објаснила на кој член од Законот за парнична постапка (ЗПП) или Судскиот деловник се повикува и зошто соочувањето треба да биде зад затворени врати и без присуство на јавноста. 

„Имав впечаток дека му се подарува целосна верба во кажувањето на господинот Анѓушев. Најголемиот дел од моите одговори во соочувањето не беа ниту чуени ниту пак влегоа во записникот, факт кој го утврдив откако го прочитав документот кој се доставува до странките во постапката. Шокирана сум што во засписникот најголем дел од текстот се зборовите на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев“ – вели Сашка Цветковска главна и одговорна уредничка на ИРЛ.

Перцепцијата на Цветковска дека судскиот случај можеби се води субјективно ја темели на записникот од судењето. Во решението за исклучување на јавноста не е наведено ниту збор зошто тоа се одвивало тајно. Во записникот судијката напишала: 

„Тужителот е јасен и категоричен за што се добива впечаток дека ја зборува вистината.“, став на судијката по соочувањето кој го навела во записникот од рочиштето.  

Дел од новинарите кои чекаа пред судницата 3 во Граѓанскиот суд преку затворена врата слушаа што се случува внатре. Поранешниот вицепремиер на висок тон ја објаснуваше неговата страна од приказната, а соочувањето беше речиси еднострано со излагање само на господинот Кочо Анѓушев. Дека аргументите немаа иста сила во судница говори и фактот што најголем дел од изјаснувањето на новинарката Цветковска воопшто не влезе во официјалниот записник од рочиштето. Соочувањето премина во осврт на Анѓушев на истражувањето на ИРЛ „Убиство во Тетово“ за пожарот во модуларната болница каде загинаа 14 лица. Оваа сторија воопшто не е дел од тужбената постапка на поранешниот високо позициониран политичар, а намерата на Анѓушев и неговата адвокатка беше да сугерираат дека тој е таргет на Истражувачката репортерска лабораторија.    

„Па добро, се гледа дека сакате да му наштетите“ – заклучи судијката пред новинарката на ИРЛ.

Токму поради субјективниот пристап на судијката Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара Судскиот совет да поведе дисциплинска постапка за Панева, бидејќи недозволиво е да се исклучи јавноста во судски предмет без никакво решение ниту пак објаснување во записник од рочиште во кое ниту се оддава службена, деловна или лична тајна, ниту пак некој од присутните го нарушува редот во судница.

„Како Здружение кое со години се бори за слобода на изразување и за правото на јавноста да биде информирана преку информациите што ги пренесуваат новинарите, нивното исклучување од судница за случај кој се води против нив, а поведен од високи функционери нема апсолутно никаква законска оправданост.“, пишува во соопштението од ЗНМ.

Господинот Кочо Анѓушев ги тужи ИРЛ и Сашка Цветковска за клевета и навреда за изнесени наводи во документарниот филм на ИРЛ „Заговор против воздухот“ во кој во еден дел беше споменат како поранешен вицепремиер за економски прашања. Анѓушев претходно во првостепената постапка го изгуби случајот, бидејќи истата судијка Јованка Спировска Панева ја отфрли тужбата за клевета и навреда. Но, Апелациониот суд ја прифати жалбата на Анѓушев и предметот го врати на повторно одлучување кај истата судијка.  

Пресудата судијката Јованка Спировска Панева ќе ја соопшти во вторник на 24-ти октомври. 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »