Press "Enter" to skip to content

Што постигнавте во 2022? Истражувањата на ИРЛ со кои заеднички предизвикавме акција

2022 ќе ја паметиме како годината во која се обединивме со 600.000 граѓани за една заедничка цел – да предизвикаме значајни општествени промени кои ќе направат разлика во животот и живеачката на сите луѓе.  Благодарение на вашите пријави создадовме приказни кои предизвикаа различни институционални домашни и меѓународни реакции. Покажавме дека со ваша поддршка, нашата работа води кон промени, колку и тие понекогаш да се чинат бавни, па дури и невозможни.

Што се однесува на начинот на којшто работиме ако се прашувате зошто ви се заблагодаруваме – тоа е затоа што нашата работа е да произведеме информации и чесни вести, а вашата да ги употребите за промена. Се трудиме на најдобар можен начин со оние малку ресурси кои ги имаме да произведеме стории кои нема да бидат само добри истражувачки приказни, туку ќе допрат до вас и ќе ве направат и вас свесни за она што е навистина важно за заедницата. Граѓаните ги препознаваат предизвиците и проблемите кои ги изложуваме, а информациите кои ги откривме, обработивме и раскажавме допреа и до институциите. Некои од злоупотребите кои ги откривме предизвикаа акција кај надлежните иако исходот е спор и можеби не онака како што граѓаните заслужуваат. Борбата за правда ќе продолжи и оваа година, а со вас споделуваме што заеднички постигнавме годинава што измина.

Нечиста крв

Што известивме?

 

Кога 60 годишниот Никола Брезев ќе почине под мистериозни околности по скапиот приватен Ковид 19 третман во престижната болница Жан Митрев, неговата сопруга ќе започне долга институционална битка за да докаже дека вирусот не е причина за неговата смрт. Поради страв дека влијателниот доктор и сопственик на болницата кој важи за добро поврзан со лица од јавниот и политичкиот живот, може да бидат пречка да се открие вистината Мелита Брезева ќе го пријави случајот кај новинарите од ИРЛ. Ова доаѓа откако најмалку пет национални медиуми ќе ги одбијат поради конфликт со маркетинг секторот. По објавувањето на сторијата ќе се појават најмалку 600 нови жртви во Македонија, Косово, Црна Гора, Албанија, Швајцарија и Германија.

Што се случи потоа?

Нечиста крв го привлече вниманието во целиот регион, а по премиерата на првиот канал на јавниот сервис документарниот филм го емитуваа две национални телевизии од Албанија и Косово. Откритијата ќе предизвикат гнев кај јавноста во регионот која што ќе бара итна акција од македонските власти. Повеќе угледни граѓански организации за човекови права се вклучија во акцијата на новинарите да ги регистрираат и да разговараат со сите жртви. Болницата се соочи со прекршочна пријава од Македонската агенција за лекови и медицински помагала МАЛМЕД поради незаконски клинички испитувања вршени врз пациентите, додека Министерството за здравство формираше специјална лекарска комисија да ги истражи поединечно 560 досиеја на воглавно починати граѓани врз кои што нелегално се вршело клиничко испитување додека се лекувале од Ковид 19. Јавното обвинителство отвори истрага којашто по неколкумесечна истрага ќе резултира со обвинение за измама.

 

Забранети суплементи за убавина и здравје ве демнат на интернет

Што известивме?

 

Откако ќе добие позитивен допинг тест, ракометарот Горан Кузмановски ќе биде принуден обесчестен да ја напушти својата долгогодишна ракометарска кариера. Лабораториските анализи на еден хербален додаток за исхрана ќе ја потврдат невиноста на Кузмановски по што тој започнува судска борба со компанијата Слимлајн за да докаже институционално дека е измамен и дека е жртва на агресивна медиумска кампања која „Слимлајн“ ја водеше на социјалните медиуми преку „инфлeунсерки“ кои го рекламираа „здравиот“ додаток во исхраната како клучен за инстантно губење килограми. Без да се сомнева во безбедноста на тaблетите, Кузмановски одлучува да го проба производот за да ослабне и да се врати повторно во форма. Но наместо „кам бек“, паѓа на допинг тест а неговата кариера завршува неславно – како спортист кој користи недозволени супстанци. Причина е опасниот и недозволен сибутрамин во таблетите на „Слимлајн“. Оваа фирма во 2018 година е правосилнo осудена зошто дистрибуирала суплементи до потрошувачите со штетни супстанци. 

 

Што се случи потоа?

 

По сторијата до ИРЛ пристигнаа пријави од десетина жртви кои наседнале на убедувањата на „Слимлајн“ и „инфлуенсерките“ кои агресивно ги рекламираа додатоците за слабеење. Но наместо минус килограми, добиле плус здравствени проблеми посебно тинејџерки кои поверувале дека таблетите се хербални и неопасни. Истражувачката репортерска лабараторија ги следеше сите судски рочишта и бевме сведоци на неосновани одложувања поради обвинителот Миле Арсениевски, пракса која ја толерираа во Кривичниот суд. По сториите на ИРЛ, дека обвинителот не доаѓа во судница, Арсениевски беше суспендиран. Случајот го презеде нова обвинителка. По четири години судење, судијката Славица Андреевска ја ослободи од вина „Слимлајн“ оти не се утврдило дека обвинетите имале намера да ги измамат потрошувачите. Обвинителството најави жалба до Апелациониот суд.

ЗЕЛЕНИ ТАЈНИ: Трница

 

Што известивме?

Во текот на изминатите две децении во Националниот парк „Маврово“ никнаа луксузни викендички, згради и хотели кои ги загрозуваат природните богатства. Во обид да најдат слободна земја, политичката и бизнис-елита ќе го „окупира“ селото Трница. Новинарите ќе откријат како пред очите на надлежните селото се престорило во елитно викенд одморалиште полно со вили и хотели во градба, а политичари, државни функционери и партиски лидери сечеле шума и граделе дивоградби во заштитетното подрачје кои потоа ги легализирале во матни околности. 

Што се случи потоа?

По објавувањето на сторијата на ИРЛ за дивата населба во Трница, како дел од проектот Зелени Тајни, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвори предмет. Антикорупциска излезе со соопштение дека ќе го испитува незаконското градење на вилите на територијата за Национален парк и дека предметот е веќе доделен на еден од нејзините членови. 

ЗЕЛЕНИ ТАЈНИ: Куќата на зетот

Што известивме?

Истражувачката репортерска лабораторија извести за обидот културното наследство да заврши во приватни раце. Наместо заштита на националното богатство, поединци препознаа бизнис можност и на мала врата пробаа култното обележје на Галичник „Куќата на зетот“ да ја приватизираат. Месната заедница на селото Галичник ќе дознае дека поранешниот претседател на заедницата ја довел во опасност Вила Доста. „Куќата на зетот“ иако е прогласена за музеј, свесно ќе станела предмет на продажба. Дозволата за приватизација на културното оболежје и синонимот на галичката свадба, стигнала од општина Маврово и Ростуше. Вила Доста на аукција требаше да се продаде за 63 илјади евра. Случајот во ИРЛ го пријави сегашниот претседател на месната заедница откако открил што подготувал неговиот претходник.

Што се случи потоа?

Вила Доста не се продаде. Неколку месеци по сторијата на ИРЛ дека „Куќата на зетот“ наместо да се негува како културно наследство ќе премине во приватна сопственост, општина Маврово – Ростуше ги укина решенијата со кои дозволи музејот да заврши на аукција за само 63 илјади евра. „Куќата на зетот“ се врати во владение на државата. Право на користење имаат членовите на месената заедница од село Галичник кои го одржуваат објектот и ја подготвуваат веќе светски реномиранта манифестација „Галичка свадба“. 

Радика Ресорт

Што известивме?

Нејасни околности за изградба на луксузни вили околу Мавровското Езеро. Косовски инвеститор воедно и сопственик на хотел „Радика“ е човекот кој е инспиратор на овој проект кој предвидуваше изградба на дури 87 вили. „Радика Вилиџ“ се градеше со брзо темпо и навидум се беше законски. Дел од вилите требаше да се продаваат по околу 200 илјади евра, а дел да се изнајмуваат. Градежната експанзија во срцето на Националниот парк ќе ги вознемири жителите од околните населби бидејќи стравуваа оти изградбата на „Радика Вилиџ“ ќе ги остави без вода за пиење. Истражувањето на ИРЛ ќе покаже дека Општина Маврово и Ростуше незаконски ја одобрила планската документација за изградбата на луксузниот комплекс вили кои навлегуваат 50 метри во заштитената зона и директно влијааат и ја згрозуваат акумулацијата на Мавровското Езеро. 

Што се случи потоа?

По серија преписки меѓу институциите и префрлувањето на одговорностите, вонреден инспекциски надзор во пректот направи и Државниот градежен инспекторат. Се утврдија истите неправилности, дека Архитектонско – урбанистичкиот план (АУП) е незаконски. Градежниот инспекторат побара од Оптшината да го укине овој плански документ, а проектот „Радика Вилиџ“ да биде стопиран. Дополнително инспекторатот побара одговорност и од проектантската куќа „Пологпроект-про“ од Гостивар, која го изработи проектот на барање на инвеститорот „Радика Ресорт“ и му наложи на Министерството за транспорт и врски да почне постапка за одземање на лиценцата за работа.

Богдановиќ ја фрли првата лопата на Водно и го отвори патот до плацевите на Камчев и Ексико

Што известивме?

Жителите на Скопје повеќе од една деценија се борат да ја заштитат планината Водно од безмилосната сеча на шума во име на профитот. Последната битка за спас на планината е на жителите на уличката Питу Гули кои што ќе поведат институционална борба со општините и судовите за да спречат шумата да се претвори во хотели и станови. Новинарите на ИРЛ ќе откријат како мрежа на подмолни инвеститори, корумпирани општински службеници и високи државни функционери преку злоупотреби на јавната доверба креирале урбанистички планови во име на личниот профит.

Што се случи потоа?

Борбата на граѓаните и медиумите ќе доведе до прекин на градењето на една атрактивна парцела во парк шумата поради неправилности утврдени од општината, а Уставниот суд на јавна седница ќе постапува против граѓанска претставка за деталниот урбанистички план за овој дел од градот, по што уставните судии ќе го суспендираат сомнителниот урбанистички план до нивната конечна одлука. Тие ќе изразат сомнеж околу начинот на кој што е изгласан планот кој овозможил во шумите на Водно да има бетонски зданија од кои ќе профитираат инвеститори кои докажаа дека немаат милост кон природата.

РАБОТНИЧКИ ПРАВА: Немилосрдни газди, небезбедни работници

Што известивме?

Семејствата на загинатите градежни работници често доаѓаат од најсиромашните и најранливи категории. Немоќни и без конекции, овие семејства тешко можат да обезбедат навигација низ правните лавиринти и кругови на влијателни луѓе кои се често вистинската причина за отфрлање на нивните случаи со работодавците. Во еден апсурден случај, компанијата ангажирана од Фудбалксата федерација на Македонија ќе тврди дека загинатиот работник Валентино Петрески по своја иницијатива работел опасна задача и така загинал. Бројните сведоштва и докази не се доволен мотив обвинителството да почне да го гони виновникот. Поради страв од застарување по речиси четири години непостапување, семејството ќе побара помош од новинарите на ИРЛ кои ќе започнат да го истражуваат случајот.

Што се случи потоа?

По сторијата на ИРЛ, обвинителот Дарко Јакимовски поднесе обвинителен предлог. Неколку месеци потоа почнаа и рочиштата во Кривичниот суд во Скопје каде што ќе се утврди која од двете фирми е виновна за смртта на работникот Валентино Петрески.