Press "Enter" to skip to content

„Разговор во Редакција“: SLAPP шлаканци за „непослушни медиуми“

Стратешки тужби, стратешки напади смислени во пи ар кујни, култура на страв се само дел од предизвиците со кои се соочуваат професионалните медиуми во земјава. Бизнисот и политиката ја препознаа кревкоста на медиумите и лошата финансиска положба на новинарите и заканите за тужба станаа клучни во обидот да се стопира одредено истражување. Гости во поткастот „Разговор во Редакција“ се извршниот директор на Здружението на новинари, Драган Секуловски и новинарот во Фокус, Влатко Стојановски. 

(SLAPP) тужба или во превод (Стратешка тужба против јавното дејствување) или замолчување на медиуми е тактика која се користи за заплашување, демотивирање и целосно обесхрабрување на новинарите. Најчесто овој тип на тужби доаѓаат од центри на моќ – бизнисмени и политичари кои не сакаат да бидат дел од нечије истражување. Нajчесто (SLAPP) тужбите имаат една цел – финансиско исцрпување на новинарите и преиспитување на медиумите дали вреди одредена публикација да се објави или не. 

„Иако терминологијата е релативно нова и се споменува пред неколку години во рамки на Европскиот парламент и Советот на Европа сепак таа тактика на заплашување на новинари или луѓе што се обидуваат да креираат одредени теми во јавноста е оддамна позната. Како дефиниција, би рекол дека најчесто станува збор за тужби кои се насочени, не за да се добие правда, туку за некој да биде малтретиран бидејќи е гласен“, вели извршниот директор на ЗНМ, Драган Секуловски. 

Тој додава дека најмногу од  (SLAPP) тужби страдаат новинарите оти изложуваат информации кои некои сакаат да останат тајна.

„Во последните осум години водиме регистар на напади на новинари и притисоци. Морам да кажам дека има еволуција на стилот на притисок. Ако да речеме во 2016, 2017, 2018 година тоа било физички притисок или напади на терен од денешна гледна точка ги имаме оние посуптилни и попрефинети притисоци меѓутоа би рекол многу ризични и ефикасни“, додава Секуловски. 

Здружението на новинари во 2022 бележи двојно повеќе тужби за навреда и клевета во однос на 2021 година.

Извор: ЗНМ, број на активни предмети по година, за клевета или навреда во кои како странка се јавува новинар или медиум

Секуловски посочува дека многу е важно да се утврди кој одлучува да тужи.

„Многу е важно дали е економски моќниќ, дали е некој политичар или носител на јавна функција, можеби и пратеник. Второ, зошто ги поднесува. Дали има проблем со начинот на известување на одреден медиум и дали навистина тој или таа како групација се економски моќни и со своите пари и своето политичко влијание го злоупотребуваат судскиот систем за да може да влијаат на гласно кажаната реч или станува збор за одбрана на своите права“, вели Секуловски. 

Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија вели дека од целата мрежа на членки на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција или (OCCRP) од 41 SLAPP тужби, девет се за ИРЛ а 11 се за Крик Србија. 

„Тоа многу кажува за демократската култура на луѓето со влијание во регионот, бидејќи ако порано зборуваме само за политичари и за тој авторитарен политички центар на моќ работите сега се отидени подалеку и сега имаме отворен напад од економски моќни поединци кон сите нас“, посочи Цветковска. 

Таа додава дека одбраната од вакви напади исцрпува, а новинарите и медиумите го губат фокусот.

„Ние не сме оптеретени само со тужби, туку имаме и една цела индустрија за стратешки напади врз новинарите и сето ова не исцрпува, ментално, физички, финансиски, ни создава проблеми и едноставно не можеме да го работиме она во што сме најдобри“, посочи Цветковска. 

И Фокус како медиум се соочувал со корпусот методи за заплашување или одвратување да се пишува некоја приказна. 

„Тужбите се еден од директните или повидливи притисоци. Еве и Драган од ЗНМ спомна каков нагорен тренд на тужби има во последниве години, тука зборуваме за конкретно нешто и тужбата е веќе поднесена. Секоја тужба треба според мене да ја помножиме со пет закани од тужби. Многу луѓе кои се предмет во една сторија, многу повеќе се закануваат дека ќе тужат, отколку што навистина би тужеле и тоа е многу посуптилна или поефективна форма на притисок“, вели Влатко Стојановски од неделникот Фокус.

Европската Унија веќе гради механизми за одбрана од така наречените SLAPP тужби. 

Дел од новата регулатива во најава што ќе важи за сите земји членки и земји кандидати e постапка на брзо отфрлање на ваков тип на тужби и воспоставување пракса како судиите да препознаат дека моделот на тужење има SLAPP ефект. Регулативата треба да предвиди, дека судот по брза постапка ќе препознае и отфрли вакви неосновани тужби против новинари и активисти за човекови права, ќе заштеди време на судот и на тужените, а трошоците ќе ги надомести оној кој се решил на SLAPP тужба. Вера Јурова, потпретседател за вредности и транспарентност во Европската комисија за овој одбранбен механизам на унијата вели дека ќе придонесе дека богатството и моќта не можат и не смеат да имаат предност пред вистината.