Press "Enter" to skip to content

Популарноста на докторот Жан Митрев главен аргумент за неговата невиност на денешните воведни зборови

Како аргумент за невиноста на докторот, покрај неговите успеси и признанија, беа посочени и позитивните коментари на социјалните мрежи. Одбраната негодуваше и за извештајот изготвен од 15 лекари кои што ги анализирале досиејата на пациентите и  утврдиле дека докторот немал согласност за хемофилтрацијата, а кај третина од пациентите третманот се вршел без индикации. 

Известува: Лила Караташева

Воведните зборови на одбраната на докторот Жан Митрев започнаа со напади кон обвинителката, а продолжија со портретирање на ликот и делото на докторот. Речиси два часа, колку што траеше излагањето на адвокатите на Митрев, тие зборуваа за неговите успеси и признанија, за успешноста на клиниката, па дури и за неговото работно време, за коментарите на граѓаните на социјалните мрежи и други импликации дека народот не сака тој да биде осуден. Како аргумент за невиноста на докторот беа посочени и позитивните коментари на социјалните мрежи. Одбраната предводена од адвокатот Никола Додовски воглавно неговата невиност ја темелеше на аргументот на популарноста на докторот, а многу помалку се зборуваше за точките на обвиниението. Одбраната негодуваше и за извештајот изготвен од 15 лекари кои што ги анализирале досиејата на пациентите и  утврдиле дека докторот немал согласност за хемофилтрацијата, а кај третина од пациентите третманот се вршел без индикации. 

Денеска пред судијката Лидија Петрова, одбраната на докторот Жан Митрев веднаш истакна дека обвинителството не располага со кредибилни докази со кои ќе го убеди судот дека докторот Жан Митрев правел хемофилтрација за да заработи повеќе пари. 

Адвокатот Никола Додевски беше првиот кој зема воведен збор од четирите адвокати кои го застапуваат докторот Жан Митрев пред Судот. 

„Доктор Жан Митрев е една од вредностите на денешната Македонија, а овој суд во овој процес има историска шанса да направи еден чекор напред кон враќање на довербата во правосудството со ослободителна пресуда“ – кажа Никола Додевски пред Судот и порача дека одбраната ќе му го отвори патот на судот. 

 Додевски рече дека пациентите не биле лекувани лично од докторот Жан Митрев, туку од најсовремениот систем за лекување. Докторот немал директна комуникација со пациентите при приемот за да ги доведува во заблуда да примат хемофилтрација бидејќи работел на операции во кардиохируршката сала. 

„Доктор Жан Митрев во емисиите апелирал да нема собирање на повеќе луѓе за да се намали короната. Тоа се добронамерни совети, а не совети од некој што сака да ги измами пациентите за да доаѓаат и за да им ги зема парите“ – рече Никола Додевски кој додаде дека болница со такви стандарди имало само во Швајцарија. 

Според него, во теоријата јавното обвинителство хемофилтрацијата ја прикажува како новооткриен монструм кој го измислил доктор Жан Митрев за да зема пари, но докторите знаеле дека не е така. А за непознавањето и незнаењето вели дека постоело  и во историјата кога луѓето поради незнаење тврделе дека земјата е рамна плоча, а некогаш и поради незнаењето палеле лешници.

Додевски вели дека е апсурд судот да му суди на доктор Жан Митрев кој бил повикан од државата да ги лекува пациентите, па дури добил и еден дополнителен апарат за хемофилтрација од државата. На судијката Лидија Петрова и порача дека во презентацијата на доказите ќе ја види вистинската вредност на личноста Жан Митрев со која секоја држава би се гордеела. Ја повика да ги прочита коментарите на социјалните мрежи и да види дека 99% од народот сочувствува со докторот кој наместо во сала седи во судница. 

Лекарскиот надзор утврдил дека кај повеќе од половина од прегледаните досијеа на пациенти не постоеле индикации за третман

По серија на одложувања, судењето за докторот Жан Митрев почна пред два дена. Првите воведни зборови ги имаше обвинителката Искра Хаџи Василева која пред судот кажа дека ќе докаже вина кај клиниката и кај докторот. Обвинителката порача дека во текот на постапката ќе презентира извештај од вонреден надзор кој бил направен од 15 доктори од Министерство за здравство. Во извештајот е нотирано дека на голем дел од пациентите на кои им била направена хемофилтрација немало потреба истата да се упореби. Немало ниту согласност од пациентите, а кај 368 од 669 пациенти не биле исполнети условите за хемофилтрација. 

Одбраната на докторот Жан Митрев го оспори овој извештај и порача дека обвинителството со презентирање извештајот не го почитува Судот затоа што овој доказ е даден од обвинителството после доставувањето на листата со докази.

Докторот Жан Митрев е обвинет за кривичното дело измама на пациенти бидејќи со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од Ковид 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот. Целта била да заработи пари. Митрев ја искористил здравствената криза, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот на хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен третман за лекување од Ковид 19. 

Одбраната на докторот Митрев од стартот на судењето е фокусирана на придобивање на јавното мислење преку серија кампањи водени од професионални пиар експерти чија задача е да создадат привид дека постои народно и сеграѓанско движење за поддршка на докторот. Ова се прави со помош на агресивен маркетинг на клиниката Жан Митрев во повеќе од 20 медиуми, меѓукои и влијателни национални телевизии кои што објавуваат пиар текстови и напади кон новинарите и судот со цел Жан Митрев да биде прикажан како жртва на заговор. Освен напади и лажни и манипулативни вести, кампањата вклучи и видни професори од правниот и филолошкиот факулет кои пишуваат текстови во одбрана на докторот, а истите се диструбуирани ексклузивно на медиумите каде што се рекламира клиниката. Овие професори и во минатото давале поддршка на видни бизнисмени и олигарси кога имале потреба од подобрување на јавниот имиџ со цел да ги заштитат од судски прогон, па дури и им пишувале монографии.