Press "Enter" to skip to content

ЗНМ: ЕСМ како државна компанија прави негативен преседан со јавните напади врз ИРЛ

Здружението на новинари на Македонија испрати јавен одговор до Електрани на Република Северна Македонија (ЕСМ) откако компанијата незадоволна од сторијата на ИРЛ која опфати јавна набавка која што тие ја направиле, прати непримерен допис до медиумите и до еснафските организации. Во дописот ЕСМ делеше кфалификации, клевети и навреди за редакцијата. Како придружна документација кон нивниот допис, ЕСМ ги ипрати одговорите кои што им ги пратиле на новинарите на ИРЛ, но не и нивните прашања. По објавата на сторијата Ратко Капушевски е тајниот добавувач на мазут вреден 112 милиони евра за ТЕЦ „Неготино“ 

ЕСМ испрати и демант – реакција до ИРЛ и истиот беше објавен.

Тоа не беше доволно за компанијата и тие продолжија да вршат притисок врз новинарите кои во меѓувреме работат и на второ продолжение на приказните за мазутот што резултираше со денешниот допис до сите медиуми и еснафски здруженија. Здружението на новинари  кое што го доби овој допис излезе со реакција на овие нови пракси на извршната власт.

Интегралниот допис на ЗНМ прочитајте го во продолжение.

Денеска беше примен дописот од ЕСМ со предмет „ЕСМ до сите медиуми“ во кое го информирате Здружението и медиумите во врска со претходна објава на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) на теми поврзани со набавка на мазут за потребите на ЕСМ.

Во информацијата која ја имате проследено до ЗНМ и до сите медиуми освен Вашите прилози во рамки на дописот, а поврзани со претходно споменатиот текст на ИРЛ, исто така ЕСМ прави обид да ја оцени работата на овој медиум. Во добиената информација велите: Целта на овој меил е медиумите и новинарите да добијат поширок увид во настанувањето на текстови кои делумни се базираат на факти, но делумно на извртување на истите и намерно создавање контекст кој имплицира незаконско работење, пропусти во работењето или задни намери и интереси.

Вашиот пристап преку кој се обидувате да правите оценка за професионалните и етичките стандарди во новинарската работа е неприфатлив и создава лоша пракса особено зошто станува збор за компанија која е во државна сопственост. Ваквиот однос во кој се прави обид, преку вклучување на други медиуми, да се оценува новинарската работа и да се сугерира непрофесионалност на одредена редакција, го цениме како негативен преседан кој може да води кон воспоставување цензура или само цензура во новинарскиот простор. На овој начин се остава простор во иднина и други компании, институции, општини, министерства, да ја следат оваа негативна пракса и да се занимаваат со работа што не е во нивниот домен, а тоа може негативно да се одрази на слободата на изразување.

Секако, Ваше право е да имате јавен демант, исправка или одговор доколку сметате дека не се согласувате со било каква медиумска објава. Исто така, имате можност да упатите претставки до саморегулативните медиумски организации и тела како  што се Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) или Советот на честа при ЗНМ, кои се најкомпетентни да оценат дали одредена медиумска содржина е во согласност со Кодексот на новинари. (КРАЈ)