Корист од скандалозните законски измени ќе имаат поранешни и актуелни функционери на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Ако измените се изгласаат ќе се спасат плејада на озлогласени крадци со вакви дела од различни партии како Рамис Мерко, Драги Рашковски, Никола Груевски. Ќар ќе имаат многу корумпирани функционери кои биле судени во последните 10 до 15 години, бидејќи измените ќе важат ретроактивно за неправосилните предмети, а на сила ќе стапат веднаш.
Во само два дена скандалозните измени во Кривичниот законик ги минаа првиот филтер. Граѓаните беа шокирани кога вчера вечер се сподели веста дека по брза постапка се протнуваат измени во Кривичниот законик кои предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги.
Ова значи дека сите лица за кои сега се водат судски постапки за овие дела, како и сите лица за кои пресудите се неправосилни и имаат жалби на повисоките судови ќе се спасат од кривичен прогон или ќе добијат многу помали казни од постоечките. Впечатливо е дека сите измени кои се предлагаат треба да стапат на сила шест месеци по донесувањето, а само овие спорни измени ќе стапат на сила деветтиот ден од излегувањето на измените во „Службен весник“.
Владата на 29 август 2023 година на седница донела одлука да поднесе до Собранието предлог – закон за измени и дополнувања на Кривичниот законик. Во него се предвидуваат повеќе измени во делот на кривични дела извршени врз животната средина, меѓутоа, се предлагаат и измени кои се однесуваат на злоупотреба на службена положба и овластување, несовесно работење и злосторничко здружение.
ИРЛ контрактираше со министерот Кренар Лога и му постави прашање дали ги оправдува овие измени и зошто не е тој потпишан на проширената верзија. Тој одби да даде официјална изјава, но кратко прокоментира дека не смета оти овие измени се вистинско решение и поради тоа не ги потпишал тој ,туку заменичката Викторија Аврамовска – Мадиќ. Владата ги предложи измените до Собранието по скратена постапка и со европско знаменце, со образложение дека овие измени се усогласуваат со европските регулативи, особено со германски закони. Предлог – измените од вчера се во собраниска процедура и бидејќи се работи за скратена постапка, предлог – измените на брза лента ќе се најдат на гласање на пленарна седница.
Впечатливо е дека измените кои се однесуваат на кривични дела врз животната средина, проширената конфискација и други ќе треба да стапат на сила шест месеци по донесувањето на измените. Но, измените кои ќе им овозможат на поранешни, сегашни па и идни функционери да се спасат од кривичното дело поврзано со злоупотреби во јавни набавки ќе стапат на сила на деветтиот ден од излегувањето на измените во Службен весник. Рокот за стапување на сила за измените на кривичното дело злосторничко здружение е исто така на деветтиот ден од донесувањето на измените.
До службите во Министерството за правда испративме прашања кои експерти работеле на овие измени, колку работни групи имало, како биле поделени и кои се членовите, но оттаму не упатија овие податоци да побараме преку Законот за слободен пристап за информации од јавен карактер, а единствено телефонски ни одговорија дека со работната група претседавал академик професор д-р Владо Камбовски.
ИРЛ дојде до документот со членовите на работната група. Таа брои 23 члена, претседател е академик Владо Камбовски, а формирана била за изготвување на новиот Кривичен законик во 2020 година. Професорот Камбовски не одговори на нашите повици. Тројца од членовите на работната група за ИРЛ повтрдија дека работеле на измените кои се однесуваат на кривичните дела кои се однесуваат на животната средина и на проширената конфискација, но измените кои се однесуваат на членовите 353 и 394 воопшто не биле ниту разгледувани. Минатиот месец, работната група била известена дека измените на кои работеле ќе се пратат до Собранието порано, но двата суштински члена со кои се скратуваат казните и кривичната одговорност ниту тогаш не им биле споменати.
Од тројцата членови со кои разговаравме, само професорката од Правниот факултет, Александра Деановска, прифати да даде официјална изјава и дозволи да ја цитираме.
„Сo предложените измени на одделни службени кривични дела и за делото злосторничко здружување кои во моментов се во собраниска процедура, јас како член на работната група за подготовка на новиот Кривичен законик лично не сум запознаена. Единствените предложени измени во чија изработка сум учествувала се оние од нацртот на новиот Кривичен законик објавени на ЕНЕР во јули 2022 година. Во нацрт-верзијата од јули минатата година се ревидира делото од ставот 5 од членот 353 и се издвојува како дело во посебна одредба – Злоупотреба при јавни набавки’, вели професорката Деаноска
Но, предлог-измените што Владата ги достави до Собранието нема предвидено посебен член „Злоупотреба при јавни набавки“ со што останува отоворено прашањето дали ова дело целосно ќе се декриминализира во иднина.
ИРЛ стапи во конткат со заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска – Мадиќ која ги брани предложените измени во Собранието, за да појасни, кога и на чија иницијатива се изработени измените на Кривичниот законик. Но, таа рече дека има обврски во Парламентот токму околу предвидените измени и не одговори на нашите прашања.
Со новиот закон се предлага бришење на цел став кој се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување при јавни набавки или злоупотреба на државни пари. За ова кривично дело досега беа предвидени најмалку пет години затвор и не беше лимитирана највисоката казна. Ова во пракса ќе значи дека сите активни обвиненија и судски постапки против министри, градоначалници, директори кои извршиле злоупотреба на буџетот при тендерски постапки нема да одговараат пред судот, бидејќи член 5 целосно се брише од законот.
Се ублажуваат и казните за службени лица кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета.
Во стариот закон овој член предвидуваше казна од најмалку три години затвор, но исто така во него немаше горна граница, со што сега со отвора можност делото побрзо да застари.
Со новиот закон се намалува казната за несовесно работење на директори и одговорни лица во јавните институции, кои незаконски значително се збогатиле. Досега функционерите за ова дело беа осудувани со минимална казна од три години затвор, а отсега казната е ограничена од минимум шест месеци до максимум пет години затворска казна.
Драстично се намалуваат казните за злосторничко здружување. Во сегашниот закон лицето кое ќе создаде злосторничко здружување може да биде осудено на казна затвор од една до десет години. А, со измените се предлага највисоката казна да биде три години затвор. Помали казни се предвидени и за членови на злосторнички здруженија. Ако досега можеа да добијат затвор од шест до пет години, со новиот закон би добиле казна најмногу до две години.
Од Блупринт групата која ги следи реформите во правосудството велат дека измените ќе бидат погубни во борбата против организираниот криминал и корупцијата и ќе ја зголемат и така големата неказнивост за сторителите на овие дела.
„Уставот на РСМ иако забранува ретроактивна примена на прописи, прави исклучок доколку подоцнежниот пропис е поповолен за граѓаните. Со други зборови лицата кои ги сториле овие дела во последните 10 до 15 години ќе имаат непосредна корист и ќе избегнат кривична одговорност“, реагираат од Блупринт групата.
Според нив, предложените измени во Кривичниот законик неспорно ќе имаат влијание и врз судбината на судските постапки иницирани од страна на расформираното Специјалното јавно обвинителство, а кај кои што постои опасност од настапување на апсолутна застареност, односно предметите со работен наслов: Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија.
Старите идеи на функционерите на Груевски добиваат нов живот со СДСМ и ДУИ
Уште пред пет години, повеќе медиуми пишуваа дека партиите ставиле на маса предлог за измени на Кривичниот законик и токму на членот 353. Информациите за тргување на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ со правадата, се плод на лидерска средба помеѓу тогашниот претседател на социјалдемократите, Зоран Заев и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. На агрегаторот за вести time.mk има серија натписи за барањето на опозицијата, да се направат овие измени во Кривичниот законик поради фактот што клучни поранешни функционери на партијата беа обвинети во случаи на сега расформираното Специјално обвинителство (СЈО). На 20 јули 2018 година порталот „Сакам да кажам“ пишува дека правен тим на ВМРО – ДПМНЕ до СДСМ доставиле документ со предлог измени во КЗ во поглавјата за злоупотреба на службената положба и овластувања. СДК тогаш посочи дека измените на Кривичниот законик ги подготвила Билјана Бришковска – Бошковска поранешна заменичка министерка за правда во Владата на Никола Груевски, инаку обвинета за изборни нерегуларности во случајот на СЈО „Титаник“, додека нејзиниот сопруг Дејан Бошковски поранешен директор во ЕЛЕМ беше обвинет од згаснатото СЈО во случајот „Тарифа“.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски негираше дека со Зоран Заев договорал измени на Кривичниот законик, но неговата партија истиот ден преку соопштение порача дека не договарале никаква амнестија преку измени на законот со директна корекција на членот 353.