Кабинетот на министерот без ресор задолжен за транспарентност, отчетност и комуникации, Роберт Поповски, испрати реакција до Истражувачката репортерска лабораторија во којашто ги обвини репортерите на ИРЛ дека излажале во текстот којшто беше објавен денеска попладне. Иако не го употреби зборот „лага“ тој во дописот испратен до сите редакции обвини дека известувањето на ИРЛ било неточно. Во сторијата ИРЛ го пренесе сведоштвото на својот новинар Давид Илиески во којшто тој пренесе дека министерот Поповски ги советувал службите на министерката Радмила Шеќеринска да не им даваат изјави на новинарите.
https://irl.mk/kako-robert-popovski-gi-sovetuva-ministrite-podobro-da-begame-otkolku-da-ne-raspnat-novinarite/?fbclid=IwAR1r4dbZ9muphuECmU146nYIa-x83qVZ79b9DREf2ItX1QOAxk7ztqxGxJA
Реакцијата на Поповски (интегрално)
„Кабинетот на министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, ја демантира веста на ИРЛ дека ги советувал ПР службите на министерката Шекеринска да бегаат од новинарите. Ваквата информација не е точна, а за тоа говори самиот факт што министерката Шекеринска даде изјава и одговараше на новинарски прашања после настанот за промоција на Стратегијата за едно општество, при што присутен беше и министерот Поповски.
Во дискусијата која претходеше на дадените изјави за медиумите, министерот Поповски им појасни на медиумите дека сите пораки за Стратегијата за едно општество ќе бидат презентирани на самиот настан, и дека организаторот на настанот не предвидел изјави за медиуми. Но, откако беше увидено дека новинарите се веќе позиционирани за изјава и бараат одговори на новинарски прашања, истите им беа овозможени, а министерката Шекеринска одговори на сите прашања“, се вели во реакцијата на Кабинетот на Поповски.
Одговорот на ИРЛ
Министерот Поповски во реакцијата сугерира дека самиот чин што Шеќеринска одговарала на овие прашања е и доказ дека тој немал ништо против новинарски прашања на самиот настан. Тој, исто така, тврди дека не се случил разговорот помеѓу нашиот новинар и тој самиот, а негира дека ги употребил зборовите „Подобро да ни се лутат затоа што не сме излегле да зборуваме, отколку да не распнат“.
Дополнително, тој и новинарот на ИРЛ, според сведочењето на нашиот новинар, имале кус разговор во којшто Илиески му забележал на Поповски дека не е во ред министер за транспарентност да советува на бегање од новинари. И ова беше пренесено во нашиот извештај од настанот.
Додека се водела оваа дискусија, сведоци биле неколку вработени во кабинетите на министрите. ИРЛ дојде до дел од овие лица. Повеќето во телефонски разговор го потврдија она што го пренесе репортерот на ИРЛ, но одбија јавно со име и презиме да дадат изјава. Само едно лице рече дека само доколку работата дојде до суд, ќе сведочи во корист на ИРЛ.
Поповски во реакцијата вели дека тој на самиот почеток најавил дека изјави нема да има, но дека откако се увидело дека новинарите и снимателите се веќе позиционирани, се одлучило да се зборува со новинарите. Во својот текст ИРЛ пишува дека до изјави доаѓа откако самата министерка Радмила Шеќеринска одлучила да зборува без да и влијае Поповски или другите помошници.
За овој дел од текстот сведоци се и новинари. За жал, редакцијата на ИРЛ не обезбеди сведоштва од колегите кои поради страв од пресметки со помоќните од нив (директори и политичари), ни дадоа анонимни сведоштва кои одат во прилог на потврдување на вториот дел од текстот.
„Тие видно избегаа од задната врата. Дури откако се побунивме, се вратија назад“, вели колега присутен на настанот. „Беше нервозно, ние инсистиравме на изјави, па дури отпосле се случија“, вели колега вработен во национална телевизија.
Зошто направивме проверка на фактите презентирани од член на нашиот тим
Истражувачката репортерска лабораторија во своето јадро е организација која што се стреми да го зголеми влијанието и да работи на враќање на довербата во слободното новинарство и така да им помогне на граѓаните да дојдат до точни и релевантни информации за состојбите во сферата на корупцијата, криминалот и владеењето на правото.
Нашата содржина мора да го достигне највисокиот квалитет и да го зајакне нашиот кредибилитет. Ние се гордееме со нашиот занает и вложуваме максимални напори нашето новинарство да е што е можно попрецизно, фер и целосно. Нашите новинари ја работат својата работа со чесност и почит и тие се стремат да бидат независни и непристрасни во нивните напори. Нашите методи се транспарентни и ние ќе бидеме одговорни за сето она што го работиме. ИРЛ ги провери наводите на членот на нашиот тим во којшто има висока доверба којашто се темели на досега покажаните резултати од неговата работа работена според највисоките етички и професионални стандарди.
Во суштината на мисијата на оваа професија е преку известувањето за нивните постапки, да ги држиме до највисоки стандарди оние кои им служат на граѓаните и влијаат на јавноста. Оттука, ние не можеме да применуваме пониски стандарди за себеси бидејќи и ние влијаеме на истата јавност. Новинарството е секојдневен процес. Секој чекор од овој процес – од известување до уредување до презентирање на информации – може или да ја зајакне или оневозможи довербата на јавноста во нас. Ние работиме напорно за да бидеме достојни за таа доверба и да ја заштитиме. Ние сме единствена реакција која што ја почитува праксата на светските редакции да им објасни на граѓаните и зошто известува за одредени настани.
Министерот за транспарентност и отчетност од почетокот на вршењето на неговата функција инсистира дека оваа влада транспарентна и отчетна. Затоа и зборовите на министерот искажани денеска ги сметавме за вредни за известување со оглед на видот и природата на неговата функција. Од јавните личности и меѓу нив особено политичарите, се очекува да прифатат поголем степен на толеранција и да бидат отворени за поголема критика од страна на новинарите и јавноста.