Press "Enter" to skip to content

Битолското обвинителство ќе ја истражува набавката на скапите адитиви за РЕК Битола

Основното јавно обвинителство во Битола отвори предистражна постапка по допрен глас по сторијата на ИРЛ за набавка на адитиви за РЕК Битола. ИРЛ на 13 јуни објави истражување во кое откривме како јавни службеници во кризата виделе можност за профит преку сомнителни набавки за потребите на термоелектраните на јаглен во Битола и Осломеј во Кичево.

„Основното јавно обвинителство Битола веќе води предистражна постапка во рамките на која проверува дел од наводите кои ги споменувате во вашите текстови“, соопштија од Јавното обвинителство. 

Оттаму додаваат дека обвинителството во Кичево се уште нема донесено одлука дали ќе отвори предмет за набавките, но ги испитува индициите за сомнеж за сторени кривични дела. 

„Основното јавно обвинителство Кичево ги слeди информациите и доколку утврди дека постојат елементи на кривично дело во надлежност на ова обвинителство, ќе постапи согласно своите надлежности и ќе нареди проверки и на тие набавки.“ 

Службеничката Маја Јорданова вработена во АД Македонски пошти доби милионски тендери од АД ЕСМ за набавка на адитиви за термоелектраните. ИРЛ откри дека адитивите набавени од Италија на државната компанија ѝ биле продадени по цена три пати повисока од пазарната. 

Тендерите ги распиша државната компанија АД ЕСМ во мандатот на директорот Васко Стефанов. Но, бидејќи за понудите одлучувале службите од двете термоелектрани, а договорите ги потпишале директорите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, предмет и истрага можат да отворат надлежните обвинителства. 

Повеќе од два месеца ИРЛ заедно со партнерски организации од Европа, дел од Меѓународниот проект за меѓународно истражување на случаи за организиран криминал и корупција (OCCRP), се обидуваше да дознае која е пазарната цена на купените хемикалии. Иницијалниот сомнеж дојде од компании од регионот кои ни посочија дека цената на продадените адитиви е енормно повисока од пазарната. 

„Браинкоде“ производот го купила од италијанската фирма „Аквафлекс“ од Милано. Документите до кои дојде ИРЛ покажаа дека „Браинкоде“ на ЕСМ му ги продала адитивите по три пати повисоки цени од оние кои се нудат на пазарот.

Прашањето како Јорданова добила тендери од ЕСМ ќе не однесе до бизнисменот што стана владин менаџер. Директорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ и неговите сопартијци се клучните луѓе кои на поштенската службеничка ѝ овозможиле пристап до елитното друштво на фирми кои добиваат тендери од двете државни термоелектрани. 

За време на истражувањето директорот на ТЕЦ Неготино Стојановиќ се обиде со неетички предлози да издејствува неговото име да не се споменува во сторијата. Дополнително, по објавување на сторијата до редакцијата на ИРЛ беше испратено барање за демант од адвокатската канцеларија на адвокатот Тони Менкиноски, кој ИРЛ го протолкува како обид за заплашување и спречување на новинарите да продолжат да известуваат за овој случај, но и други случаи за сомнежи за корупција и набавките во секторот енергетика.

Државната компанија А.Д. ЕСМ минатата година склучила 907 договори за јавни набавки во вредност од 148 милиони евра. Од нив дури 373 договори во вредност од 76 милиони евра се склучени во тендерски постапки во кои учествувал по само еден понудувач или половината тендери се доделени без да се создаде можност за конкуренција, што отвара сомнежи за корупција. 

Премиерот Христијан Мицкоски најави борба со криминалот во енергетиката во којашто лично тој ќе се ангажирал. Но, по објавата на сторијата на ИРЛ досега од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не добивме одговор, ниту став од премиерот Мицкоски. 

Во продолжение целото истражување на ИРЛ за преплатените адитиви.

Службеничка од пошта ги штитела централите на ЕСМ од пепел, „пеплосан“ државниот буџет

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »