Маја Јорданова преку адвокатот Тони Менкиноски тврди дека ИРЛ објавило „определени невистини, аналогии и интерпретации“, но освен рецензија на нашето истражување и објаснување на нејзините емоции, тие не ги демантираат фактите објавени во текстот од 13 јуни насловен „Службеничка од пошта ги штитела електраните на ЕСМ од пепел, пеплосан државниот буџет“.
Во својот допис наречен демант, а повикувајќи се на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, таа бара да го објавиме целосно овој демант во рок од два дена. Ова е пракса којашто се бара од новинарите и истата има за цел да обезбеди своевидна олеснителна околност пред тужба.
Интегралниот допис, којшто може да се прочита на овој линк, содржи лаги и субјективни мислења и редакцијата на ИРЛ е на став дека целта на овој допис е заплашување и спречување на новинарите да продолжат да известуваат за овој случај, но и други случаи за сомнежи за корупција и набавките во секторот енергетика.
Маја Јорданова тврди дека цените по коишто ги продала хемикалиите биле по пазарна вредност, но понудите коишто ИРЛ ги доби писмено од компанијата од Италија содржат цени речиси три пати поевтини. Таа, исто така, тврди дека цената за набавка била повисока поради транспортните трошоци и поради тоа што истовремено се набавил и систем за употреба на овие хемикалии, но ИРЛ доби и понуда за систем и истиот чинеше околу 20.000 евра и истиот не прави никаква значајна разлика во цената.
За нејзините тврдења во таканаречениот демант не се нудат документи и докази. Јорданова вели дека ИРЛ не било заинтересирано за втората страна на приказната. Ова не е точно. Новинарите на ИРЛ еден месец безуспешно се обидуваа да добијат одговор од Јорданова за огромната маржа на адитивот. Првично таа самата упати покана до новинарите да ја разгледаат целата документација за набавката на адитивите од Италија, но потоа престана да комуницира. Попусти останаа нашите обиди да ја контактираме сопственичката на „Браинкоде“, бидејќи таа ги блокираше телефонските повици на новинарите.
Главниот и одговорен уредник успеа да стапи во контакт со неа преку СМС пораки во коишто таа тврдеше дека земала слободна недела и не може да се гледа со нас. Беше известена за рокот на објава, а имаше можност и да ги одговори прашањата писмено на е-маил пораката која ја испрати ИРЛ.
ИРЛ нема да се извинува и ќе продолжи да го следи овој случај, но и други случаи врзани со криминал во енергетскиот сектор.
Адвокатот Тони Менкиноски има пет тужби кон ИРЛ, коишто домашната и меѓународна јавност ги третира како SLAPP тужби, односно стратешки тужби против јавното дејствување. Токму за овие тужби во којшто тој го претставува шведскиот казино олигарх Ларс Клинг, во 2023 година тој влезе во тројцата финалисти за најголем SLAPP насилник во Европа во ироничната награда којашто се доделува во Европскиот парламент, а има за цел да ја крене свеста против малтретирањето на новинарите со тужби без мерит, чијашто цел е обесхрабрување на новинарите да известуваат за важни општествени теми.
Тужбите се однесуваат на истражувањата за документарниот филм на ИРЛ „Швајцарски тајни“, во партнерство со шведскиот јавен сервис СТВ и Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција. Ларс Клинг не го тужи СТВ за истата содржина во Шведска.
Корупцијата во јавните набавки и неказнивоста продолжуваат и со новата власт, иако премиерот Христијан Мицкоски најави борба со криминалот во енергетиката во којашто лично тој ќе се ангажирал. Македонското обвинителство ретко реагира на случаи по допрен глас, а високата корупција останува да биде главен проблем во државата и покрај масовното незадоволство на граѓаните од квалитетот на правдата.
ИРЛ повеќе од една недела чека одговор од Јавното обвинителство за овој случај, како и став на премиерот Христијан Мицкоски.