Струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко има рок до утре да го достави инвентарот на дивоградби во градот, потенцираше денеска министерот Едмонд Адеми, кој е претседател на Националната комисија за УНЕСКО, на првата јавна расправа за Нацрт-планот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот Регион.
Втората и третата јавната расправа за Нацрт-планот, кои ги организраат Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство ќе продолжат утре во Охрид во 12 часот и во Струга во 15:30 часот, по денешната прва јавна дискусија во Клубот на пратеници во Скопје.
„Ова е драфт-план, не е финален и е отворен за коментари, дополнувања и евентуални измени. Факт е дека дел од инвентарот за Струга фали, но минатата недела со градоначалникот на Струга се договоривме до утре да го достави тој инвентар на дивоградби и се надевам дека јавноста на утрешната расправа ќе има прилика да види што е доставено. Не се работи за толеранција, се разбира сите инстутции кои се задолжени треба да ги исполнат своите обврски. Знаете дека локалната самоуправа е независна власт и не постојат механизми со кои ние со сила ќе му го земеме она што треба да се даде. Ова не е прашање само на Владата, туку е од национален интерес и сметаме дека секој кој кој има обврски треба да ги исполни на ниво на задачата“, рече денеска Адеми.