Press "Enter" to skip to content

Заев: Не ни паѓа на памет влез во Евроазиската унија

Македонската влада ниту добила покана, ниту пак се размислува за приклучување кон Евроазиска економска унија, иднината на државата е во Европската унија, потенцираше денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање.

Дел од медиумите објавија дека откако Северна Македонија и Албанија не ги почнаа преговорите со Европската унија, рускиот постојан претставник на ЕУ, Владимир Чижов упатил покана до двете земји за нивно пристапување во Евроазиската унија.

„Нема таква покана, ако стигала веројатно има некаква одбранбена мембрана, ѕид околу Владата па тешко да стигне до нас. На памет не ни паѓа за таква работа. Не, нема таква покана и се надевам дека нема да стигне“, рече Заев.

Како што пренесуваат дел медиумите наводно Чижов поканата ја упатил од Евроазискиот економски форум кој во петокот се одржа во италијанскиот град Верона, во која тој наводно истакнал дека Албанија и Северна Македонија побрзо би станале членки на оваа унија.

Република Србија, која веќе ги започна преговорите со Европската унија, неодамна во Москва потпиша договор за слободна трговија со Евроазиската унија, по што српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека овој договор има големо значење за економијата на Србија и дека влегувањето во зоната на слободна трговија со земјите од оваа унија ќе го зголеми извозот на нивните производи и до 97 проценти.

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »