Press "Enter" to skip to content

Жан Митрев е обвинет за измама со умисла, можна казна до 10 години затвор

Доктор Жан Митрев и неговата приватна болница се обвинети за кривично дело „Измама“. Јавното обвинителство – Скопје по шестмесечна истрага собра докази дека кардиохиургот со умисла ги доведувал во заблуда пациентите кои се лекувале од КОВИД 19 дека методот хемофилтрација е безбеден и ефикасен лек против вирусот. Казната за ова кривично дело е затвор од една до десет години. Обвинението се темели на 283 сведоци, на кои лекарот треба да им врати 1,6 милиони евра. Се огласи и обвинетиот доктор, според кој, обвинението е лакрдија и вистината ќе ја докаже на суд. 

Шест месеци по објавата на документарниот филм „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија, скопското Јавно обвинителство поднесе обвинение против доктор Жан Митрев и неговата болница за кривичното дело „Измама“. Тој е обвинет дека со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од КОВИД 19 дека хемофилтрацијата го лекува вирусот, а целта била да заработи пари. 

Кардихирургот Митрев ја искористил здравствената криза за време на пандемијата, хаосот во јавното здравство и агонијата на граѓаните кои се бореа со смртоносниот вирус и во јавноста методот хемофилтрација го промовирал како одобрен и ефикасен за лекување од КОВИД 19. 

„Во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Covid – 19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари“, соопштија од Јавното обвинителство – Скопје, на денешниот брифинг со новинарите.

Според обвинението, најголем дел од пациентите однапред уплаќале по 12.000 евра за пакет од две хемофилтрации, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура, што е спротивно на условите утврдени според здравствените прописи и стандарди.

Обвинителката Искра Хаџи Василева која го застапува обвинението, објасни дека доктор Митрев, при примена на хемофилтрацијата кај пациенти заразени од корона вирусот, се повикувал на документ издаден од американската Агенција за храна и лекови во април 2020 година. Со тоа одобрение, на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. 

Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Covid – 19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена. Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Covid – 19.“, изјави обвинителката Хаџи Василева.

Истрагата за кардиохирургот Митрев беше отворена на 18 јули минатата година по допрен глас, откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) го објави истражувањето за начинот на лекување на ковид пациентите во приватната клиника „Жан Митрев“. 

Според доктор Жан Митрев обвинението е лакрдија

Додека траеше брифингот со новинарите на кој присуствуваше и шефот на скопското обвинителство Гаврил Бубевски, со соопштение излезе и приватната болница „Жан Митрев“ во кое се наведува дека докторот е невин и обвинението ќе падне.

„Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО“, соопштија од „Жан Митрев“.

Обвинетиот доктор има право на приговор на обвинителниот предлог, а ако судот го прифати обвинението во наредните месеци ќе почне судски процес. За да обезбеди присуство на Жан Митрев обвинителството му го одзеде пасошот, му замрзна пари во вредност од 1 милион евра и побара забрана за отуѓување на болницата додека трае судската постапка. 

Во обвинението се вклучени 283 пациенти од земјава и од странство кои биле лекувани со методот хемофилтрација и кои бараат отштета од 1,6 милион евра. Во текот на судењето може да се приклучат и други граѓани кои биле жртви на измама на доктор Митрев и кои биле лекувани од КОВИД 19 со хемофилтрација. 

Добиена е една битка, војната се уште не е

Мелита Брезева од Велес  во документарниот филм „Нечиста крв“ ја сподели семејната голгота низ која минало нејзиното семејство за време на лекувањето на сопругот Никола Брезев во приватната клиника „Жан Митрев“. Тој почина по двомесечно лекување како последица на интрахоспитални бактерии кои ги добил за време на лекувањето во болницата. Мелита Брезева за поднесеното обвинение вели дека е задоволна со оглед на тоа дека делумно вистината излезе на виделина. 

„Во следниот период ни претстои битка за да ја докажеме докрај вистината. Ќе видиме како ќе пресуди судот. Ова досега е само еден чекор, една извојувана битка“, изјави Брезева за ИРЛ. 

Во јули минатата година министерот за здравство, Беким Сали, формираше пет стручни комисии кои треба да ги испитаат сите аспекти во работењето на приватната болница „Жан Митрев“. Извештајот се уште не е објавен. 

„Во рамки на надлежностите на Министерството за здравство, предвидено е нивно објавување во јавност како целина. Целокупната документација ќе биде доставена во Јавното обвинителство на натамошно постапување, согласно нивната надлежност. Комисијата која имаше задача да ја анализира хемофилтрацијата, опфати документација за 630 случаи и дел од нив имаат доставено стручно мислење и по сумирање на заклучоците, сите заедно ќе бидат споделни во јавност“, велат од Министерството за здравство.