Нашата мисија
Во време на исклучително голема и неконтролирана пропаганда, на граѓаните им е лимитирано правото да располагаат со релевантни и точни информации, за да можат да носат одлуки во својот најдобар интерес. Еден од најилустративните примери за оваа лимитација е интервенирање во правото на глас на демократски избори преку суптилни методи на пропаганда и дезинформации или полуинформации овозможени со новите технологии и новите медиумски платформи. Новинарите ја губат довербата, а паралелно со овој процес се случува и голем пад во довербата кон институциите и пад во излезноста на избори ширум светот. Од друга страна, корупцијата и организираниот криминал, како и проблемите во сферата на владееењето на правото растат, а со тоа расте и нееднаквоста помеѓу граѓаните во Македонија и ширум светот. Обединетите нации во последни усвоиени развојни цели ја усвојуваат борбата за еднакви можности, а причините за растечката нееднаквост се лоцираат во зголемената корупција. Здружението „Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ – Скопје“ има за цел да го зголеми влијанието и да работи на враќање на довербата во слободното новинарство и така да им помогне на граѓаните да дојдат до точни и релевантни информации за состојбите во сферата на корупцијата, криминалот и владеењето на правото и преку интер-дисциплинарна соработка со академската заедница, технолошките експерти и корисниците на социјални мрежи.
Нашите цели
- Развој на истражувачкото и аналитично новинарство во синергија со технолошките експерти, академската заедница, блогерите и корисниците на социјалните мрежи;
- Зголемување на влијанието на истражувачкото и аналитичкото новинарство преку иновирање во креирањето содржини и пристапот до публиката и преку тоа зголемување на довербата на граѓаните во медиумите како чувари на демократските вредности;
- Вклученост на младите во креирањето стандарди и содржини во истражувачкото новинарство преку директна вклученост во работата на здружението и преку практична едукација и тренинзи;
- Тестирање модели за одржливост и развој на организациите кои следат корупција, домашен и прекуграничен организиран криминал и останатите проблеми кои се последица на ранливите демократии кои не успеваат да ги имплементираат принципите на владеењето на правото;
- Зголемување на довербата на граѓаните во квалитетното и слободно истражувачко новинарство ќе ги адресираат предизвиците на влијанието на слободното истражувачко и аналитичко новинарство и ќе тестираат модели за одржливост и развој.
Нашите партнери
Истражувачката репротерска лабораторија – ИРЛ Македонија е основана со иницијална поддршка на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција. (Organized Crime and Corruption Reporting Project). OCCRP е истражувачка репортерска платформа формирана од повеќе од 40 непрофитни истражувачки центри и неколку регионални и глобални новински организации низ светот. Нашата мрежа е низ цела Европа, Африка, Азија и Латинска Америка. Членките се здружија во 2006 година со цел да го промовираат прекуграничното истражувачко новинарство и да ја промовираат технолошкиот пристап во откривањето на организиран криминал и корупција низ светот. Оттогаш наваму, нашата мрежа расте, а OCCRP е добитник на стотина национални и меѓународни признанија и престижни светски награди, како Пулицеровата награда за проектот „Панама Пејпрс“ во којшто учествуваа и новинарите на ИРЛ.
Наши партнери во невладиниот сектор се новите младински иницијативи Здружението на граѓани за вклучување на млади во процеси на одлучување во здравството „Клуб на млади лекари“ и медиумската младинска организација „Крик“.
Нашиот тим
Елена Митревска Цуцковска е софтвер инженер и е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Таа е одговорна и за графичките решенија и под надзор и во соработка со уредникот на технологија на OCCRP, задолжена е и да се грижи за дигиталната безбедност на новинарите. Целосното техничко решение за алатката за користење на јавни дати бази на податоци Get Data доаѓа од Митревска која работи и иновира дизајни кои ја прават содржината подостапна за сите читатели. Елена Митревска работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна.
Јован Димитров е специјалист за нови медиуми и искусен финансиски аналитичар со долга историја на работење во банкарската индустрија. Вешт во маркетинг менаџмент, преговарање, бизнис планирање, аналитичко размислување и менаџирање на односи со потрошувачи. Димитров е ко-основан на првиот македонски блог агрегатор Блогираме, којшто по подолга пауза продолжува под брендот Blokirame.mk. Тој е автор и организатор на популарните Твитер награди кои се одржуваат речиси една деценија и оддаваат признанија за доприносот на корисниците на јавни мрежи во подобрувањето на јавната дебата. Димитров во ИРЛ е задолжен за подобрување на комуникациите помеѓу новинарите и граѓаните и изнаоѓање иновативни решенија кои ќе ја подобрат довербата во медиумите.
Деница Чадиковска е 22 годишен новинар која во водите на новинарството влезе во четвртата година од студиите по Психологија на Филозофскиот факултет. Таа е коавтор и копродуцент на магазинот Крик кој се прикажуваше на телевизија 24. Проектот кој ги таргетираше интересите на младите во државата беше изработен во рамките на програмата “Промовирање на слободата на изразување и јавен дијалог во Македонија” финансиран од Владата на Велика Британија со поддршка на Британската амбасада во Скопје. За време на проектот тој се стекнал професионална обука од BBC Media Action Во моментов Деница е практикант новинар во ИРЛ Македонија, како дел од првиот hands on training вилонтерски проект на ИРЛ со цел обучување на идните медиумски лидери во сферата на храброто, критичкото и аналитично новинарство.
GetData претставува алатка за студенти по новинарство, новинари и невладини организации кои работат на истражувања поврзани со корупцијата и владеењето на правото. Оваа алатка ги систематизира поважните јавно достапни бази на податоци, како и други методи преку кои може да се дојде до јавни информации кои можат да им бидат од корист на истражувачите. Автори на алатката се Сашка Цветковска и Елена Митревска-Цуцковска, а соработни е Мери Јордановска. Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Мери Јордановска и Јован Димитров заедно со невладината организација МОСТ тренираа повеќе од 150 активисти од локални невладини организации и локални новинари за тоа како да ги користат јавните бази на податоци. Getdata ја користат и македонските институции како обвинителства и други истражни органи.
Како може да ви помогне
Институциите создаваат огромни бази на јавни податоци и документи кои во ерата на интернет технологиите и стремежите за отворено општество стануваат полесно достапни. Истовремено, овие податоци заедно со теренската работа и аналитичките способности, во 21 век стануваатт клучни алати во работата на истражувачките новинари.
Но, и покрај привидната отвореност на институциите изразена во генерирање на илјадници документи кои се прикачуваат онлајн, остануваат предизвиците на пронаоѓање на овие документи во купот од разни документи, на селекција на важните од неважните и на изнаоѓање начини за полесно доаѓање до вистинските податоци кои им се потребни на истражувачките новинари кои работат во сферата на антикорупцијата и владеењето на правото. Институциите не секогаш важните информации ви ги ставаат „пред нос“, па затоа GetData поаѓајќи од искуствата на најпроминентните истражувачки редакции во земјата одлучи да ги селектира поважните бази во првата фаза и да ги збогати со описи, совети и упатства за тоа како да се дојде до информации.
Уште еден значаен аспект од користа на новинарите сами да умеат да ги следат и пребаруваат јавно достапните податоци е отсуството од туѓи агенди во процесот на расветлување на фактите и потрага по вистината. Новинарите често добиваат документи од трети лица или таканаречени извори. Но, дури и најдобронамерниот извор има агенда. Способноста самите да ги пребарувате и анализирате податоците и преку нив да откривате приказни ја растеретува вистината од туѓите агенди и ве прави еден и единствен сопственик на приказната која сакате да ја раскажете.