Претседателот Стево Пендаровски, денеска на прес-конференција побара надлежните институции да се вратат од одмор и да се интензивира истрагата за случајот „Рекет“. Тој рече дека аудио и видео снимките кои се споделуваат на медиумите изминативе денови предизвикуваат длабоко разочарување кај сите граѓани, а особено кај оние кои со години и по цена на постојани притисоци и закани од поранешната власт протестираа секојдневно барајќи правда.
„Како што верував во СЈО порано, денес уште повеќе верувам во потребата за институција која ќе се бори против високата корупција. Евентуална индивидуална одговорност на еден обвинител не смее да ги доведе до прашање СЈО и доказите изведени во законска процедура. Нема правна држава ако власта ги гони само криминалците само од претходната власт, а не и криминалците во своите редови“, рече Пендаровски.
Според него, мора да има одговорност за сите за кои ќе се докаже вина, без разлика, како што вели, на нивната партиска или политичка припадност.
„Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти“, рече Пендаровски.
Пендаровски побара од медиумите без да се нарушува слободата на јавно информирање, внимателно да ги проверуваат информациите пласирани од разни страни, затоа што лажните вести немаат за цел да ја информираат македонската јавност, туку да ја поткопаат вербата на граѓаните во правдата и во државните институции.
„Во оваа смисла очекувам зголемен мониторинг и од медиумите и при тоа, треба да ни биде помалку битно кој ги набавил или кој ги дистрибуирал снимките, од тоа дали содржината на разговорите е вистинита или не“, апелираше претседателот.