Уставниот суд засега ја заузда „елитата“ и им ги помати бизнис интересите на поединци да се гради на Водно на сметка на децениската шума. Зелениот појас останува безбеден од багери и нов бетон, додека Уставниот суд не донесе конечна одлука дали Деталниот урбаниситички план донесен пред осум години има сомнителни елементи. Тогаш ДУП – от беше донесен со инсистирање на советници од ВМРО – ДПМНЕ без мнозинство, со тензија и насилство. Овој ДУП отвори пат кон падините на Водно за бизнис „елитата“ поддржана од политиката за да продолжи бетонизација подлабоко во планината.
Денеска Уставниот суд донесе времена мерка со која општина Центар нема да смее да издава одобренија за градење според оспоруваниот Детален урбанистички план за делот Градска Четврт Ј 07. Времената мерка ќе важи до донесувањето на конечна одлука на Уставниот суд кој пред две недели изрази сомнеж за уставноста и законитоста на ДУП-от кој во 2014 година беше изгласан без мнозинство гласови.
На 16 ноември Уставниот суд ја прифати иницијативата за разгледување на законитоста на Деталниот урбанистички план за делот Градска Четврт Ј 07. Иницијативата е поднесена од граѓанин на Центар во февруари лани. Со овој план се утврдени условите за градба за Старо Водно, Долно Водно, локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Мало Курило, Тасино Чешмиче и Цвеќара.
Деталниот урбанистички план кој се донесе во јули 2014 година не беше изгласан со потребното мнозинство на гласови. На седницата на Советот на општина Центар 11 членови гласаа ЗА, 11 членови беа ПРОТИВ и еден беше воздржан. Со овој ДУП беа предвидени бетонски зданија и нови улици во шумите на Водно.
Првата иницијатива до Уставниот суд за истиот ДУП беше поднесена од тогашниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски. Составот на уставните судии пред осум години ја отфрли иницијативата на Жерновски.
Но, сегашниот состав на уставни судии ја прекина судската пракса да не расправа за иницијатива која веќе еднаш била одбиена.
Според деловникот, Уставниот суд има три опции за кои судијата известител Осман Кадриу ќе треба да се одлучи пред да го стави предлогот на дневен ред пред своите колеги.
Првата опција е да предложи да се укине спорниот ДУП, а тоа значи дека од тој момент повеќе не смеат да се издаваат дозволи за градење. Втората опција е ДУП – от да се поништи, а со тоа и сите претходно издадени решенија за градба. И третата опција е да се запре постапката во Уставниот суд.
Во наредниот период, судијата Осман Кадриу треба да изготви реферат и да го достави до претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која треба да го стави на дневен ред за гласање на седница.
ДУП скроен за елитни куќи и згради
Деталниот урбанистички план овозможи шумата на Водно да се пренамени во градежно земјиште. Во периодот кога се носеше, таму парцели купија фирмите „Ексико“, „Кара“ на Јордан Камчев и „Манд интернационал“ на бизнисменот и поранешен кошаркар Пеце Наумовски.
Во 2015 година поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека ДУП – от каде што се наоѓаат парцелите е менуван „за да се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Никола Груевски“.
Но, неговиот сопартиец Саша Богдановиќ непосредно пред да си замине од градоначалничката функција во Општина Центар, ја издаде првата дозвола за градба на фирмата „Маркеза ДОО“. Оваа фирма е во деловен однос со бизнисменот и поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Тој е сопственик на градежната фирма „БИСИ“, која во моментов е една од водечките на територијата на Скопје.
Богдановиќ ја потпиша дозволата за градба на локација која нема пристапен пат, за што е потребно да се направи експропријација на земјиште од други жители. Претходниот градоначалник ги игнорираше и извештаите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, кој предупреди дека таму е ризично да се вршат градежни активности и ќе има последици доколку се сече шумата.
Жителите на улицата „Питу Гули“ во чија непосредна близина е парцелата на „Маркеза“ живеат во страв дека доколку се направи пристапната улица, објектот кој ќе се изгради може да се урне врз нивните домови.
Парцелите на Водно кои со донесување на ДУП-от во 2014 година кои од шума беа пренаменети во градежно земјиште се наоѓаат на површина од 12.000 метри квадратни.