Press "Enter" to skip to content

Уставниот суд по втор пат ќе одлучува дали „елитата“ ќе гради хациенди на Водно

Уставниот суд ќе расправа за законитоста на  Деталниот урбанистички план (ДУП) со кој што се дозволи градење во зелениот појас на Водно. На седницата одржана во 16ти ноември уставните судии од овој состав проценија дека општината Центар ДУП – от го донела на сомнителен начин. Планот се донесе без мнозинство гласови, а го туркаа советниците на ВМРО – ДПМНЕ. И покрај мнозинскиот јавен револт на скопјани во атмосфера на насилство и физички пресметки тогашната власт го донесе планот со кој се овозможи да се уништи шумата на Водно за мала група на бизнисмени и политичари да можат да градат приватни вили и згради. 

Известува: Лила Караташева

Уставниот суд ја прифати иницијативата за разгледување на законитоста на Деталниот урбанистички план за дел од општина Центар Градска четврт Ј 07. Со овој план се утврдени условите за градба на Водно и во населбата Капиштец. Иницијативата до судот е поднесена од граѓанин на Центар во февруари минатата година, а на дневен ред пред уставните судии дојде на последната седница.  

Судот изрази сомнеж за начинот на кој е донесен Деталниот урбанистички план во јули 2014 година и кој не беше изгласан со потребно мнозинство на гласови. На скандалозната седница на Советот за гласаа 11 членови, 11 беа против и еден советник беше  воздржан. Овој ДУП овозможи шумата на Водно да се претвори во градежно земјиште.

„Ова е прва фаза кога Судот формално – правно изразува сомнеж во уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на ДУП – от кој се однесува на Градска четврт Ј 07“ – соопштија од Уставниот суд. 

Судиите ја прекинаа судската пракса да не расправаат за иницијатива која еднаш веќе била одбиена. Истиот ДУП во 2014 се обиде да го оспори тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, но неговата иницијатива беше отфрлена од судот. 

Според деловникот, Уставниот суд има три опции за кои судијата известител Осман Кадриу  ќе треба да се одлучи пред да го стави предлогот на дневен ред пред своите колеги. 

Првата опција е да предложи да се укине спорниот ДУП, а тоа значи дека од тој момент повеќе не смеат да се издаваат дозволи за градење. Втората опција е ДУП – от да се поништи, а со тоа и сите претходно издадени решенија за градба. И третата опција е да се запре постапката во Уставниот суд. 

Во наредниот период, судијата Осман Кадриу треба да изготви реферат и да го достави до претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, која треба да го стави на дневен ред за гласање на седница. 

Пред осум години судиите одлучија да ја отфрлат иницијативата за истиот Детален урбанистички план. Тогаш единствено судијката Наташа Габер Дамјановска излезе со одвоено мислење и сметаше дека судот треба да расправа за оваа иницијатива, затоа што оспорените одлуки не се законски  донесени. 

„Мојот став е ист како и пред девет години. Конечно Уставниот суд смогна сили и ќе го преиспитува овој предмет. Жално е само што поминаа толку години и единствено граѓаните претрпеа штети“ – рече Наташа Габер Дамјановска. 

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека не сака да ја прејудицира одлуката на судот.

„Треба да почекаме уште неколку дена и да видиме како одлуката на Уставниот суд ќе влијае врз Општина Центар“ – рече Герасимовски. 

ДУП скроен за елитно друштво

Деталниот урбанистички план овозможи шумата на Водно да се пренамени во градежно земјиште. Во периодот кога се носеше, таму парцели купија фирмите „Ексико“, „Кара“ на Јордан Камчев и „Манд интернационал“ на бизнисменот и поранешен кошаркар Пеце Наумовски. 

Во 2015 година поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека ДУП – от каде што се наоѓаат парцелите е менуван „за да се задоволат мегаломанските афинитети на премиерот Никола Груевски“. 

Но, неговиот сопартиец Саша Богдановиќ непосредно пред да си замине од градоначалничката функција во Општина Центар, ја издаде првата дозвола за градба на фирмата „Маркеза ДОО“. Оваа фирма е во деловен однос со бизнисменот и поранешен функционер од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Георгиевски. Тој е сопственик на градежната фирма „БИСИ“, која во моментов е една од водечките на територијата на Скопје. 

Богдановиќ ја потпиша дозволата за градба на локација која нема пристапен пат, за што е потребно да се направи експропријација на земјиште од други жители. Претходниот градоначалник ги игнорираше и извештаите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, кој предупреди дека таму е ризично да се вршат градежни активности и ќе има последици доколку се сече шумата. 

Жителите на улицата „Питу Гули“ во чија непосредна близина е парцелата на „Маркеза“ живеат во страв дека доколку се направи пристапната улица, објектот кој ќе се изгради може да се урне врз нивните домови. 

„Се надеваме дека после толку години конечно Уставниот суд ќе стави крај на ова уништување на зелениот појас на Водно кое беше овозможено со нелегално донесениот ДУП и ќе донесе одлука со која ќе ги поправи грешките од минатото“ – вели  Гордана Самоникова која што живее на улицата „Питу Гули“. 

Парцелите на Водно кои со донесување на ДУП-от во 2014 година кои од шума беа пренаменети во градежно земјиште се наоѓаат на површина од 12.000 метри квадратни.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »