Press "Enter" to skip to content

Управата за извршување санкции ја крие Катица Јанева од новинари

„Отвори, отвори“. Овие зборови ги повторуваше поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, кога не ѝбеше дозволен влез во Управата за безбедност и контраразузнавање. Беше упорна и влезе во „тврдината“ на тајната полиција. Денес таа се наоѓа во друга улога. Зад капијата на затворот „Идризово“ каде издржува седумгодишна казна затвор. Нејзиното име и натаму предизвикува вознемир во политичките и правосудните кругови. Управата за извршување санкции која е надлежна за затворите, на новинарите на ИРЛ не им дозволува посета на Јанева поради безбедносни причини. Од Управата го изменија оргиналното барање и тоа го искористија како причина за одбивање на посетата. ИРЛ случајот го пријави кај Народниот правобранител кој отвори предмет.

Некогаш најмоќната жена во државата Катица Јанева, во затворот Идризово ја минува третата година од казната што ја доби во случајот познат како „Рекет“. Беше на чело на Специјалното јавно обвинителство, институција која требаше да открие криминал и злоупотреби на владата на Никола Груевски и беше симбол за борба за правда и за подобра иднина. 

Од затворот излегува на секои два месеца кога добива можност викендот да го помине дома. Последен пат беше на слобода за Велигден, кога преку нејзиниот Фејсбук профил испрати порака. 

„Од дното се извлекуваат само храбрите…Не е тоа работа за слабаци“, е мислата што Катица Јанева ја сподели на социјалната мрежа. 

„Од дното се извлекуваат само храбрите. Не е тоа работа за слабаци“/ФБ статус на Катица Јанева објавен на 25 април

Јанева по празничниот викенд се врати во женското одделение во „Идризово“. Таму ја дочека веста дека бизнисменот Јордан Камчев се спогодил со Јавното обвинителство за предметот „Империја“, кој призна вина и доби само една година затвор. 

„Камчев имаше доверба во мене и постигнавме спогодба. Тој плати пет милиони евра на име данок и доби една година ефективен затвор.“, рече задоволно обвинителката Вилма Русковска.  

Камчев беше причината поради кој почна пропаста на Специјалното јавно обвинителство. Во случајот кој од самиот почеток доби име „Рекет“, бизнисменот во улога на уценет плати 1,5 милиони евра за да се спаси од обвинение за „Империја“. Јанева беше осудена на седум години затвор за злоупотреба на службената положба, шоуменот Бојан Јовановски доби девет години затвор за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Зоран Милески – Кичеец како посредник беше осуден на најмала казна од три години. Парите од „рекетот“ кои му ги изнудило осуденото трио досега не се пронајдени. 

По спогодбата меѓу Јавното обвинителство и Јордан Камчев, Истражувачката репортерска лабораторија побара посета на поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, во затворот Идризово. Пред официјално да се испрати барањето до Управата за извршување санкции, ИРЛ преку адвокатите на Јанева, доби согласност од неа за посета во затворот. На 4 мај барањето беше испратено до Управата. 

„Посетата ќе биде без камера и без снимање“, беше нагласено во барањето од ИРЛ пратено по електронски пат. 

Наместо официјален одговор, телефонски ни се обрати директорот на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски, со молба да не инсистираме на средба со Јанева во затворот. Како причина наведе дека во моментов повеќе новинари барале да снимаат интервјуа со други затвореници и доколку одобреле едно барање, ќе морало да им дозволат на сите медиуми да влезат во затворите. 

Спасовски на новинарот на ИРЛ му сугерираше Јанева да депонира изјава во која таа бара да ја посети новинар, но посетата да биде неофицијална, односно новинарот да дојде како пријател на Јанева. Или во најдобар случај, советот беше Јанева да се посети и снима во нејзиниот дом кога ќе добие слободен викенд.

ИРЛ се повика на Законот за извршување санкции, според кој „Директорот може да овозможи посета на средствата за јавно информирање“ и инсистираше процедурата да се одвива согласно правните норми. 

Следниот ден, на 5 мај, од Управата стигна негативен одговор. 

„Управата за извршување санкции Ве известува дека осуденото лице Катица Јанева нема депонирана изјава во установата каде што ја издржува казната, дека би сакала да биде посетена и да изврши разговор со новинари од ИРЛ, спротивно на Вашето тврдење наведено во барањето. Од оваа причина Ве известуваме дека не сме во можност позитивно да одговориме на Вашето барање“.

На 10 мај ИРЛ повторно се обрати до Управата за извршување санкции. Побаравме  објаснување според кој член од Законот, осуденото лице треба да има депонирано изјава за листа на посетители и дали конечната одлука за дозвола за посета е дискреционо право на директорот Спасовски.

„Ве известуваме дека нашата институција не се повикува на дискреционо право на директорот на Управата за извршување на санкциите, туку тоа го налага безбедносната состојба како во КПД Идризово, така и во другите казнено – поправни установи“, напишаа во одговорот од Управата на 12 мај.

Ни од Управата за извршување санкции, ниту од Министерството за правда не одговорија зошто во моментов постои безбедносен ризик за посета на новинарите на ИРЛ во „Идризово“, иако пред две недели директорот Марјан Спасовски и’ дозволи на телевизиска екипа да снима репортажа за здравствените услови токму во затворот „Идризово“.   

„Управата за извршување санкции не’ информира дека Ви испратиле комплетен одговор и образложение зошто од безбедносни причини е одбиено вашето барање за посета на Јанева“, е кусиот одговор од Министерството за правда.

ИРЛ во барањето за посета нагласи дека ќе биде без снимање и интервјуирање на поранешната шефица на СЈО. Целта беше при првата средба да договориме термин за интервју доколку Јанева се согласи јавно да говори за нејзината улога во распадот на Специјалното обвинителство, исходот на „Рекет“ и спогодбата во „Империја“.  

Еден од адвокатите на Јанева и нејзин син, Лазар Јанев, за ИРЛ изјави дека Јанева била информирана дека новинари бараат дозвола да ја посетат исклучиво со цел да биде интервјуирана. Тоа значи дека Јанева е доведена во заблуда, односно е информирана дека ИРЛ бара интервју, а не само посета.

„Катица Јанева е известена за едно ваше барање со кое вие како новинари барате да ви биде овозможено снимање и давање на изјава од нејзина страна. Поради лични причини како и недоволните информации во поглед на темата и новинарскиот формат во кој барате истата да учествува, Катица Јанева бараше вашето снимање да се пролонгира за одреден временски период. Посебна согласност за ваша посета како новинар, без снимање во затворот „Идризово“, Катица Јанева нема доставено до Управата“, изјави Лазар Јанев.

Управата за извршување санкции го измени оргиналното барање на ИРЛ и тоа го искористи како причина за одбивање на посетата. Во Решението кое го доставија до нашата редакција, Управата соопшти дека Јанева одбила да даде изјава, која воопшто не беше побарана.

 „Осуденото лице има право да го одбие фотографирањето, снимањето, како и средбата со посетителот. Поради ова беше побарана информацијата од КПД Идризово, дали осуденото лице Катица Јанева се согласува да биде посетена од страна на новинари од ИРЛ, од каде што бевме информирани дека осудената е запознаена за барање за средба со неа, но во текот на овој месец не е подготвена за давање изјава за вашиот медиум“.

ИРЛ испрати претставка до Народниот правобранител. Оттаму не информираа дека по нашавата пријава отворен е предмет и ќе го испитаат случајот.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »