Press "Enter" to skip to content

Судот му го одзеде пасошот на Жан Митрев, обвинителството отвори истрага за измама на пациенти

Судија на претходна постапка го прифати предлогот на скопското Јавно обвинителство и донесе одлука да му го одземе пасошот на доктор Жан Митрев, како мерка на претпазливост поради опасност од бегство. 

Оваа мерка доаѓа откако Јавното обвинителство – Скопје денеска донесе одлука за поведување на истражна постапка против сопственикот на приватната клиника за кривично дело Измама на пациенти. 

Како што објави ИРЛ, обвинителството бара мерки за претпазливост бидејќи постојат индиции доктор Митрев да ја напушти земјава.

„Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација“, соопшти денеска Јавното обвинителство.

По одлуката на судот, со соопштение се огласи приватната клиника „Жан Митрев“ од каде велат дека ќе соработуваат со институциите и ќе продолжат да работат целосно транспарентно и во интерес на пациентите.

„Знаејќи ја вистината и водејќи се според високите стандарди на работа ќе помогнеме за откривање на фактичката состојба и ги ставаме на располагање сите наши материјални и човечки капацитети за да излезе вистината во јавноста“, велат од болницата „Жан Митрев“.

Основното јавно обвинителството – Скопје по допрен глас оформи предмет на 18 јули, откако ИРЛ објави истражување за работењето  на клиничката болница „Жан Митрев“ и на доктор Жан Митрев во периодот од 2020 до 2022 година. 

ИРЛ во документарниот филм „Нечиста крв“ обелодени сведоштва на семејства на КОВИД пациенти врз кои била применувана методата хемофилтрација (филтрација на крвта) без да знаат дека се предмет на клиничко испитување. Хемофилтрацијата, доктор Митрев, ја рекламираше како единствен спас за лекување од корона вирусот, а услов за лекување на пациентите беше авансно да уплатат 12.000 евра за да бидат хоспитализирани во клиниката. Клиничките студии кои се вршеле во болницата не се пријавени во државната Агенција за лекови – МАЛМЕД.  

Обвинителството соопшти дека ќе ги проверува наодите на семејствата на жртвите, кои сведочеа за пропустите со кои се соочиле при лекувањето во приватната болница „Жан Митрев“. Според информациите, станува збор за 560 пациенти чии здравствени досиеја ги разгледува специјална комисија на Министерството за здравство, по што наодите ќе бидат доставени до надлежните институции. 

ИРЛ во сторијата откри и дека болницата на доктор Жан Митрев за време на пандемијата, не пријавила ниту една интрахоспитална инфекција во Центарот за јавно здравје иако била законски обврзана да го стори тоа. Семеjствата на пациенти кои се лекувале велат дека во болницата имало многу интрахоспитални инфекции кои биле кобни по животите на нивните најблиски. И во самите студии објавени од клиниката „Жан Митрев“ се наведува дека имало присуство на опасни бактерии кај поголем дел од пациентите.

По документарниот филм „Нечиста крв“ голем број граѓани секојдневно носат преставки до Лекарската комора со барање за ревизија на КОВИД лекувањето во болницата Жан Митрев, но и за други приватни и државни клиники. 

Погледнето го документарниот филм „Нечиста крв“, истражувањето на ИРЛ за финансиските малверзации кои ги правела приватната болница со срцевите операции, како и поткастот во кој гости беа министерот за здравство и директорката на Фондот за здравство.