Press "Enter" to skip to content

Слава на критичната мисла: Најважните истражувања на колегите што ја обележаа 2023 

Истражувачкото новинарство е интензивно и побарува многу ресурси, време, пари и новинари со соодветни вештини. Ретко кога е лесно или едноставно, па затоа дел од медиумските организации се соочуваат со ограничувања во ресурсите од секој аспект и даваат приоритет на брзи и таканаречени исплатливи вести. Но, вистинските причини за исклучувањето на критичното и длабинското новинарство од уредувачката политика има мрачни и нечесни мотиви. Поголемиот дел од индустријата свесно избира да не практикува истражувачко новинарство поради приоретизирањето на клиентите како бизнис и партиски структури, а на штета на јавниот интерес. 

Истражувачкото новинарство несомнено игра витална улога во информирањето на јавноста и промовирањето на транспарентноста, придонесувајќи за поинформирано и поангажирано општество. А, сепак, помалку од 1 процент од вкупната медиумска содржина којашто циркулира во македонските медиуми може да се нарече критична, длабинска или истражувачка содржина. Во вакви околности, ИРЛ ги слави колегите кои во 2023 година го практикуваа критичното, независно и истражувачко новинарство како клучно за функционирањето на една демократија. Нашите колеги открија проблеми и процеси кои други сакаа да останат скриени од јавноста, открија корупција и преку својата работа бараа одговорност од моќните поединци и организации. 

Фирма за долна облека ќе ја контролира работата на Бехтел и Енка – „360 степени“, Александар Димитриевски

Серијалот истражувања на „360 степени“ за изградбата на коридорите 8 и 10 откри нерегуларности во постапката за надзор на автопатиштата во договорот тежок 1,3 милијарди долари. Одредена група морала да биде вклучена меѓу добитниците на тендерот за надзор на автопатските делници од страна на американско – турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Новинарот Александар Димитриевски откри системски пропусти преку кои илустрираше дека е можно, како што тој вели и „маалски дуќан“ да стане фирма за надзор на најголемиот и најскап инфраструктурен проект во историјата на земјата. Истражувањето на колегите од „360 степени“ резултираше во отворање на предмет во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за изборот на надзор врз изградбата на коридорите 8 и 10. Според Димитриевски, од денешна перспектива отворената истрага била за да се амортизира јавниот притисок во тој момент, и не бил императив вистинска истрага преку која обвинителството ќе докаже евентуални злоупотреби.

„Ние новинарската работа ја завршивме. Темелната проверка на постапката за јавна набавка за избор на надзор и на договорот склучен со конзорциумот предводен од ‘ИРД инженеринг’ нѐ доведе до сознанија за низа системски, но и нелогичности поврзани со овој конкретен случај. Една од нив, да потсетам, беше дека секој маалски дуќан, во случајот – фирма што до вчера имала за главна дејност производство на долна облека, може да добие тендер за надзор на изградбата на најголемиот и најскап инфраструктурен проект во историјата на земјава“, вели Александар Димитриевски.

На терен пак веќе се работи. Се трошат државни пари и засега нема никаква забрана за ниеден правен субјект, иако „360 степени“ алармираше на недоследности во текот на тендерската постапка и изборот на компании кои треба да ја контролираат изградбата на автопатските делници од Тетово до Кичево и од Прилеп до Битола – тендер вреден 22,3 милиони евра.

„Друга нелогичност беше дека за вработен во фирмата што ќе го прави надзорот над најголемиот проект може да се смета некој што редовно работи 40 часа неделно во друга компанија, а во оваа е пријавен на дополнително работно време. Трета нелогичност, поврзана со претходната, беше дека истите тие ‘вработени’, со максимално дозволени десет часа работно време во втората фирма, треба, според барањата на тендерот, за цело време да бидат достапни за надзор на терен. Следна нелогичност на која укажавме е тоа што истите тие инженери веќе се таксани дека постојано ќе бидат на располагање за надзор на други тековни градежни проекти“, додава Димитриевски. 

Фирмата „Електра Солушнс“ никогаш претходно не вршела надзор и немала лиценца за вршење надзор. Откако се распиша тендерот, оваа компанија, побара и доби лиценца во рекордно време од само пет работни дена. Потоа, оваа компанија како дел од конзорциумот на „ИРД Инеженернг“ беше избрана да врши надзор врз изградбата на делници од автопатиштата 8 и 10 од страна на „Бехтел и Енка“. Меѓу другото „360 степени“ откри и дека меѓународните експерти кои Владата најавуваше дека ќе бидат ангажирани да вршат контрола за реализација на проектот, всушност се скапо платени домашни експерти. Четворица од нив заработиле по близу 300 илјади евра или вкупно еден милион и 200 илјади евра.

Онкологија, се препродавала биолошка терапија од пациенти болни од рак – „Фокус“ и „Слободен печат“, Ирена Мулачка и Мирослава Симоновска

Со години медиумите известуваат за сомнителни јавни набавки на Клиниката за радиотерапија и онкологија, фаворизирани фирми и начинот на распределба на лековите на пациентите на кои секој ден од животот им зависи од скапата терапија која ја добиваат на клиниката. 

Новинарските написи не предизвикаа реакција на институциите, сѐ додека во истражувањето не се вклучија повеќе медиуми кои темата ја истражуваа и анализираа од повеќе аспекти. 

Кулминацијата беше во март годинава кога неделникот „Фокус“ објави серија текстови за постоење разработена криминална бизнис – мрежа за препродавање на  скапи лекови – цитостатици. Во мрежата биле вклучени повеќе лекари и медицински персонал на Клиниката. Во системот се внесувале фиктивни пациенти, а на дел од вистинските пациенти им се давала половична терапија и на тој начин скапата биолошка терапија завршувала на црниот пазар. Во известувањето за оваа тема се вклучи и „Слободен печат“ со свои стории кои обелоденија сериозни сомнежи за злоупотреби на терапијата на болните од рак. 

„На Клиниката за онкологија изваден од употреба бил системот за компјутерска подготовка на цитостатици (КАТО систем) кој оневозможува да се украде доза или да се даде помала доза лек поради грешка. Откако „Слободен печат“ го објави ова и откако Анкетната комисија во Собранието исто така го идентификуваше ова како проблем, Министерството за здравство и Владата попуштија пред јавниот притисок и распишаа тендер со кој КАТО системот што ќе го имаме на Онкологија во јуни годинава и секоја подготовка на цитостатик ќе биде снимена и нема веќе да постои сомнеж за малверзации“, вели новинарката од „Слободен печат“, Мирослава Симоновска.  

Информациите предизвикаа незадоволство и разочараност кај јавноста. Се организираа протести на граѓани чии најблиски починале или се лекувале на Клиниката за онкологија. Собранието формираше Анкетна комисија, а Основното јавно обвинителство – Скопје отвори предистражна постапка. Случајот сѐ уште нема разрешница. 

„Најстрашното беше кога стигнавме до моментот како се манипулирало со терапијата на болните од која им зависи животот. Поточно, како се кратело од ампулите. Тоа е најстрашниот, најопасниот и најморбидниот дел во целата приказна. По сториите на „Фокус“, Единицата за економски криминал и јавен обвинител упаднаа на клиниката, по што започна предистражна постапка. Искрено се надевам дека после Нова година ќе има разрешница на овој случај, со оглед на тоа што цела јавност се крена на нозе“, изјави новинарката од „Фокус“, Ирена Мулачка. 

Сомнителни јавни набавки во Државна лотарија за фирми блиски до ДУИ – Радио Слободна Европа, Петар Клинчарски

Серијалот истражувачки стории на „Радио Слободна Европа“ за Државната лотарија на Република Северна Македонија отворија сомнежи за криминал и корупција во рамки на акционерското друштво, кои редакцијата на РСЕ и новинарот Петар Клинчарски ги поткрепија со документи и докази. Сториите ги третираа сомнителните јавни набавки во Државна лотарија, милионскиот договор за закуп на деловни простории, како и разоткривање на лицата вклучени во зделките и нивните тесни релации со коалицискиот партнер во актуелната влада – Демократската унија за интеграција (ДУИ).

После секое објавено истражување на Радио Слободна Европа, засегнатите во приказните се обидуваа да ги скријат своите траги – бришење на нивните идентитети од разни регистри за сопственост на интернет домени, сопственички структури на компании, заклучени интернет платформи преку кои функционирале претходно.

Истражувањата на „Радио Слободна Европа“ резултираше со реакција на институциите. Обвинителството ја повика Управата за финансиска полиција да постапи. Финансиски инспектори ја проверуваа документацијата во Државна лотарија и компанија која им дала под закуп деловен простор за сума од над 2,6 милиони евра, во сопственост на бизнисмен близок до лидерот на албанскиот коалициски партнер во Владата. Предметот е во предистрага. 

„Ако се земе предвид досегашниот епилог од истражувањата, би рекол дека е премногу млак. Освен влезот во Државна лотарија и компанијата „Хеј ДООЕЛ“ за склучениот договор за закуп тежок над 2,6 милиони евра, досега нема информации дали отворената предистрага е проширена и на тендерите во акционерското друштво. Од отворањето на предистрагата на крајот на 2023 година изминаа два месеца. Во тој временски период, Управата за финансиска полиција (УФП) немаше доставено никакво известие за преземените дејствија до Обвинителството“, вели новинарот од Радио Слободна Европа, Петар Клинчарски. 

Семејните и бизнис релации на Али Ахмети – „КОД“, Телма телевизија, Миомир Серафиновиќ

Серија на истражувања објавени во „Код“ на телевизијата Телма ја разоткри шемата на фирмите на членови на семејството на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Иницијална точка за овие истражувања е купувањето на трговскиот центар „Соравија“ од страна на внукот на Али Ахмети, Дрин Ахмети. Во истражувањата авторот Миомир Серафиновиќ ги утврди семејните врски на Ахмети во фирми кои водат и до семејни фирми на пратеникот Исмаил Јахоски – Пуцко и фирмата РКМ на поранешниот функционер од ВМРО – ДПМНЕ, Ратко Капушевски, која пак беше најголемиот увозник на мазут за државната АД Електрани на Северна Македонија. Главно користејќи ги јавно достапните информации, првичната шема се прошири и во неа влегоа припадници на како што „Код“ ја нарече „следна генерација“ на семејството Ахмети, но и многу други помлади роднини и пријатели на познати функционери од партијата ДУИ. 

„Ширењето на шемата не престануваше, се мултиплицираше при секој нов случај кога јавноста изразуваше сомнежи за активности на луѓе и фирми на луѓе блиски до владејачката партија. Па, така на шемата се најдоа синот, внукот, зетот и сватот на Али Ахмети додека на друга страна се ширеше семејното стебло произлезено од ‘Пуцко петрол’. На нив се додаваа нови краци со ‘Еуровиа’, со Државната лотарија, со набавка на мазут, со неуспешната конфискација на ‘Трансмет’. Така шемичката вцртана поради ‘Соравија’ порасна во една голема чудовишна шема со луѓе блиски на политичарите. Фала им на Бога и на Обвинителството, сите тие се живи – здрави и слободни!“, вели Миомир Серафиновиќ, новинар и автор на истражувањата.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.