Министерот за образование и наука, Арбер Адеми ги повика директорите и наставниците во основните и средните училишта да се подготват за утрешниот прв училишен ден, затоа што, како што рече, едукацијата на учениците не треба да има застој, а особено не треба да се дозволи разочарување на првачињата кои првпат ќе седнат во училишните клупи.
На прес-конференција денеска тој порача дека ќе продолжи дијалогот со СОНК за заедно да ги дефинираат сите идни системски мерки за подобар квалитет на наставата и материјалниот статус на наставниците. Притоа нагласи дека МОН е на страна на образовната дејност и на наставниците и дека за 10,8 отсто е повисока нивната плата во септември 2019 во однос на август 2018 година, со двете покачувања по пет отсто лани и оваа година во септември.
„Нема причина за организирање штрајк. Го почитуваме правото на штрајк, но наше е да апелираме дека нема потреба. Штрајк се организира во услови кога нема решение. Ние нудиме и имаме решение и одлука за повисока плата“, рече Адеми додавајќи дека откако ќе се разгледаат сите параметри во Буџетот ќе се знае и за можностите за идно покажување на платите.
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) не отстапува од одлуката за предупредувачки штрајк. Оттаму не се задоволни од покачувањето на платите од 5% овој месец, туку бараат да се зголемат до 25%.
Јаким Неделков, претседател на СОНК, вели дека не е постигнат договор со Министерството за образование и наука. Штрајкот ќе трае само утре, а од вторник ќе има редовна настава.