Press "Enter" to skip to content

Раководителот на урбанизам од општина Маврово и Ростуше со закани по безбедноста на новинарката на ИРЛ Маја Јовановска

03.06.2022

Новинарот и истражувачки уредник во ИРЛ Маја Јовановска доби директни закани по личната безбедност и животот од страна на раководителот на одделението за урбанизам при општината Маврово и Ростуше Садредин Елезоски поради работа на истражување за уништувањето на Националниот парк Маврово.

Насловна фотографија: Садредин Елезоски во една од ретките негови фотографии достапни онлајн. За раководител на урбанизам е поставен во 2017 година, по смената на локалната власт. Претходно работел како градежен инспектор.

Тим од четири новинари на ИРЛ заедно со проектниот уредник Маја Јовановска вчера беше во општината Маврово и Ростуше со цел да се сретне со неколку клучни лица вработени во две институции, меѓу кои и општината Маврово и Ростуше.

Екипа на ИРЛ вчера имаше средба со неколку лица вработени во општината Маврово и ЈП Национален Парк Маврово. Единствено раководителот на одделение за Урбанизам во општината, Садредин Елезоски, немаше време и не сакаше да се сретне со новинарите. Како клучен чинител во ова истражување, ИРЛ одлучи да отиде уште еднаш на средба со Елезоски со цел да му даде фер шанса да се објасни и да ги оствари своите должности во рамки на функцијата и да ги одговори прашањата испратени на 4 април, по што му испративме смс порака дека би дошле повторно следната недела доколу навистина е презафатен.

Откако изворите во општината и Националниот парк вчера добија релевантни информации за тоа што всушност е истражувањето кое е во напредна фаза пред објава, денеска господинот Садредин Елезоски самиот се јави телефонски и и’ порача на новинарката да не се појавува во општината следната недела инаку ќе си го “добие”.

Во еден момент тој и се обрати со заканувачки зборови: „Пази се од денес. Ќе видиш ти што ќе ти се случи ако дојдеш тука.“

ИРЛ го пријави случајот во Здружението на новинари, а денеска истиот ќе биде пријавен и во полиција.

Новинарката му најави дека повторно ќе дојде во Маврово следната недела, бидејќи општинската администрација должи одговори за хаосот со дивоградби кои се градат во Националниот Парк Маврово.

Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) повеќе од три години известува за урбанистичките проблеми, криминал и корупција во Општината Маврово и Ростуше. Секогаш комуникацијата со локалната власт е отежната, администрацијата е нетранспарентна и многу тешко новинарите на ИРЛ добиваат одговори од секторот Урбанизам кон кој се упатени прашањата.

Новинарите на Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ Скопје секојдневно се соочуваат со притисоци, закани и институционални пречки при вршењето на своите должности да ја известуваат за корупција, организиран криминал и прекршувања на принципите на владеењето на правото. Зачестени се тужбите, понудите за поткуп, јавни хајки од страна на поранешни и сегашни функционери за што се злоупотребуваат медиумите, меѓу кои и Државната медиумска агенција. ИРЛ секогаш ги приоретизира јавниот интерес и успешното завршување на нашите основни задачи – да разоиткриеме и докрај да истражиме кој дозволил да станат жртви на системска корупција и криминал.

Уреднички став