Press "Enter" to skip to content

Пркосот на Стојко Пауновски пука во поданичкиот менталитет

Стојко Пауновски е лојален член на матичната партија. Но, и човек со сопствено мислење и ставови. Тоа ќе се покаже како погубно за неговата кариера и неговите несогласувања со политиките на власта ќе го тргнат преку ноќ од листата на пријатели на премиерот. Зоран Заев со Артан Груби и Љупчо Николовски ќе почне вистинска крстоносна војна против Пауновски и ќе се бара неговата оставка.  Но, директорот доби неочекувана поддршка од граѓаните. Неговата борба добива друга димензија и станува борба против културата на подаништво во партиите.

Пишува: Маја Јовановска; Илустрации: Лука Блажев

Државниот пазарен инспекторат најголема видливост во работата од своето постоење доби во измината пандемиска година кога стана клучна институција за контрола на угостителскиот сектор. Директорот Стојко Пауновски немаше задршка, ниту калкулираше дали меѓу казнетите или затворените угостителски локали има сопственици блиски со власта или опозицијата. За неговата работа немаше поплаки од владата, се’ до моментот кога Државниот пазарен инспекторат доби листа од 35 рамковно вработени службеници на кои требаше да им се најде место во оваа институција. Пауновски бараше инспектори за на терен во источниот дел од државата, доби административци кои сакале да работат во канцеларија во градовите од западниот дел на земјава. Власта обвинува дека Пауновски е неконструктивен и не помага во напорите да се најде решение за проблемот со рамковно вработените кои не доаѓаа на работа. Пауновски смета дека квалификациите и потребата на институцијата мора да се на прво место, а овие вработени да одат во институции за кои што се квалификувани.

„Нашата работа е на улица, на терен, а не во канцеларија, немаме потреба ние од администрација. Нека ги земе некоја друга институција, каде што ќе бидат соодветни според образованието.“, рече Пауновски пред неколку дена, надевајќи се дека ќе успее да го спречи упадот во инспекторатот од непотребен кадар.

Овој став на Пауновски го налути премиерот Зоран Заев, кој од највисоката позиција на моќ, јасно му стави до знаење дека неговата одлука мора да се почитува. 

Иако ми е пријател, ваков пркос не е дозволен, Пауновски ќе биде разрешен“, изјави премиерот Заев.

Кога премиерот намери да го разреши директорот на пазарниот инспекторат,  доби засилување и од двајцата вицепремиери, Артан Груби и Љупчо Николовски, кои во јавноста излегоа со здружено соопштение. Го обвинија Пауновски дека ја манипулира власта за рамковните вработувања и го прекоруваат за неговото јавно несогласување со Заев.

„Воедно, ја известуваме јавноста дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден (22 април) имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот“, пишува во заедничкото вицепремиерско соопштение.

Груби и Николовски не соопштија дали ќе поведат постапка за разрешување на Пауновски, но му упатија порака дека Владата го поставува и Владата може да го разреши.

Владините функционери не очекуваа дека најавите за разрешување на Пауновски ќе предизвикаат мобилизација кај неговите колеги од Пазарниот инспекторат кои бараат средба со премиерот Заев и му даваат поддршка на директорот. А, не го предвидоа и гневот кај граѓаните кои отпорот на Пауновски го доживееја како лична битка против партискиот репресивен апарат.

„Стојко е најуспешен директор во историјата во Државниот пазарен инспекторат. Тој се грижи за инспекторите во цела држава. Ни се подобрија условите за работа, начинот на работа, добивме нови простории, возила. Сите сме изненадени од ставот на премиерот Заев и затоа сега бараме итна средба во владата“, вели раководителката на Инспекцискиот совет Мери Проја Продановска.

Стојко Пауновски е член на СДСМ од неговото основање. Работи како инспектор од 1997 година, а два мандата беше и пратеник во Собранието. Партијата не излезе со никаков став за отворениот судир меѓу ветеранот во партијата и нејзиниот лидер.

ИРЛ побара изјави и ставови од новинари, политички аналитичари, политичари, активисти за владеење на право. Сите се единствени дека ударот врз Пауновски е доказ дека приоритет на власта се партиските, а не државните интереси. Од друга страна, непокорноста на Пауновски дава надеж дека во партиите има луѓе кои не потклекнуваат под моќниот лидер. 

 

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија вели дека ова е не е пат за професионализација на државните институции.

„Не е во ред, поради партиски или внатре-коалициски уцени да паѓаат глави на професионалци. Вчера имавме пример со неизборот на Ленче Ристовска во виш јавен обвинител, што беше непријатно изненадување, а денеска се случува ова со Пауновски. Ваквиот тренд ќе ги обесхрабри сите професионалци во работата и тоа на сите полиња, а најмногу во државниот апарат.“, вели Чадиковски.

За новинарката Катерина Блажевска обидот да се замолчи или разреши директорот на Пазарниот инспекторат, заради неговото изјаснување за тема од јавен интерес, не е „непочитување на хиерархијата“ (на премиерот или  вицепремиерот), како што изјави Заев. 

„Напротив, тоа е одраз на почитување на потребите на институцијата што ја раководи Пауновски, токму заради хиерархијата на највисокиот интерес – јавниот.„Пркосот“ на Пауновски е токму повик за аргументирано и за разумно решавање на проблемот. Ако заради таков пркос тој биде ставен „на тапет“ или разрешен, тоа ќе значи враќање на некои минати времиња и практики, кои немаат место во демократскиот плурализам“, вели Блажевска.

Претседателката на Советот за етика во медиумите, Катерина Синадиновска, апелира овој скандал да се искористи и за сериозен јавен притисок за дебатата што со години се става под тепих конечно да се отвори, по која било цена. 

„Ова е сликата за македонската администрација денес – сликата што Пауновски ја наслика, а ние имаме избор да ја игнорираме или да смениме бои. Таа секако ќе продолжи да постои, оти е знак за системски проблем, за едно огромно партиско, клиентелистичко  чудовиште. Разрешување на оној кој вреснал кога видел дека чудовиштето расте, нема да направи тоа да исчезне. Тоа е само затворање на очи, како што прават малите деца кога мислат дека не ги гледаш ако замижат. Ве гледаме! Гледаме сè!”, изјави Синадиновска.

Уредникот на емисијата „360 степени“, Васко Попетревски, смета дека иако Пауновски има законска обврска да ги преземе службениците предвидени со Планот на Владата, сепак факт е дека на Пазарниот инспекторат му недостигаат стручни кадри во делови од државата каде нема најавени вработувања.

„Премиерот постојано зборува дека со новата власт од 2017 г. дојде и нова подемократска атмосфера во целото општество, која подразбира толерирање на различни мислења и надминување на проблемите преку дијалог и дебата. Ако е доследен, зошто случајот со Пауноски би бил исклучок?“, изјави Попетревски.

Поранешниот гувернер во Народната банка, Петар Гошев, вели дека партијата треба да го одбрани Пауновски, но само ако е вистинска партија, а не акционерско друштво со еден акционер од 98 проценти. 

„Таа иста партија пред скоро две години не го одбрани министерот за финансии заменувајќи го со срамно решение во споредба со него. Тој министер не беше бранет и од овој функионер што сега е на ред да биде жртва. Најкорисно за општеството е сами меѓу себе да се распаднат како нешто што се нарекува партија. Затоа што оваа трагедија што денес се случува е дело на сите безрбетици што доброволно прифатиле чифлигарство.“, ни изјави Гошев.

Директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, вели дека проблемот со рамковните вработувања мора да се реши, но тоа никако не смее да биде на сметка на квалитетот на работата.  

„Ако се бориме да постигнеме повсок степен на демократија и доколку се присетиме на времето во кое живеевме во 2017 година, тогаш е јасно дека ваквиот манир на однесувања е недозволив и не треба да се случува. Напротив, сметам дека луѓето кои изразуваат свој став и мисли, а се државни службеници треба да бидат повеќе ценети, особено кога станува збор за успешноста на нивната функција и на институцијата која ја претставуваат“, вели Пировска. 

Политикологот Миша Поповиќ смета дека ако сакаме стручна и квалитетна раководна служба, потребно е да и дадеме и соодветна независност во тоа како ја управуваат институцијата. 

„Затоа, сметам дека барањето на Премиерот Заев да се разреши Стојко Пауновски оди спротивно од потребата да се обезбеди независност на институциите и обесхрабрува квалитетни луѓе да се нафаќаат на вакви одговорни позиции. Секако дека програмата за распоредување на т.н. рамковни вработени е избрано решение на Владата за овој проблем и треба да се следи, но прераспределбата не може да биде унилатерален процес. Напротив, за тоа каде ќе се преместуваат административците морало да бидат консултирани и раководителите на институциите.“, изјави Поповиќ.

Поранешната пратеничка од СДСМ, Софија Куновска, вели дека Пауновски има богата партиска биографија но никогаш не бил слеп послушник и конформист. Негова водилка е совесната и чесна работа во функција на државата. Неговиот образ е најголемото наследство што ќе го остави еден ден и на своето семејство и на партијата на која припаѓа. 

„Оние кои ни ветуваа професионалност, стручност и независност на институциите денес разрешуваат директори кои се залагаат токму „патот“ кој го избира Пауновски е вистинскиот пат до Европската унија, патот на одбрана на интегритетот и професионалноста на институцијата која ја предводи и непокорот пред партиските наредби и закани.“, рече Куновска.

И нејзината колешка од Парламентот, поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ, смета дека пркосот е одраз  на принципиелност и интегритет во случајот на директорот Пауновски.

„Ова не е поединечен инает, оттука исклучително проблематична е гласната порака дека поради несогласување со Премиерот некој ќе биде сменет. Таквата порака, за жал, промовира сервилност.“, рече Туфегџиќ.