Не запира борбата на семејството Милкови против изградбата на трговски центар во Сопиште. Но, нивната заложба подножјето на Водно да остане место за мир и спокој наместо бетонизација ги донесе првите притисоци како за ова семејство така и за нивната адвокатка, кои одлуката на Општината да даде дозвола да се гради во Сопиште ја обжалија пред Управниот суд и со тоа ја запреа постапката и почетокот на градежните активности на неопределено време
Известува: Јана Чолаковска
Управниот суд даде последна можност за Коста Милков и неговото семејство да спречат помеѓу нивите и лозјата во Сопиште да се изгради трговско-деловен и станбен комплекс од 1.700 квадратни метри. Тужбата е поднесена на 3 јануари годинава, денот кога фирмата „ЈАКО Македонија“ добива второ одобрение за градење од општинската администрација. Но со последното решение – Милкови институционално да ја бараат правдата и, како што велат, да спречат нова бетонизација на Водно – стигнал и првиот бран притисоци и тоа индиректни – но не од компанијата што реши да инвестира во деловен објект и беше ослободена да не плати комуналии од 127 илјади евра. Притисокот пристигнал од сопругот на Бети Вуковојац, која е содружник во „ЈАКО Македонија“. Адвокатката на семејството Милкови, Соња Божиновска, за ИРЛ посведочи дека Горан Вуковојац, сопругот на Бети, ѝ соопштил дека инвеститорите на станбено-деловниот објект (ЈАКО Македонија) ќе бараат надомест лично од Коста Милков, зашто со тужбата до Управниот суд инвестицијата е стопирана, а на терен не може да се почне со градежни зафати, иако плацот е ограден.
„По барање на Милков, јас ги известив инвеститорите за поднесената тужба. Бурна реакција имаше од Горан Вуковојац, кој рече дека штом на овој начин бараме да се поништи одобрението за градба тогаш тие ќе направат сè што можат да бидат обесштетени и ќе бараат надомест лично од Милков поради последиците што ги предизвикал со тужбата. Јас му укажав дека постапката не е против ‘ЈАКО Македонија’ туку против неправилното издадено одобрение за градење од страна на Општина Сопиште, а е воедно законска и праведна“, изјави Божиновска, која е дел од адвокатска канцеларија Соња и Сања Божиновски.
Во телефонски разговор со сопругот на Бети Вуковојац, Горан Вуковојац, кој не фигурира ниту како основач ниту како управител во „ЈАКО Македонија“, вели дека нема удел во фирмата туку дека едноставно и помага на својата сопруга. Исто како и градоначалникот на Сопиште, Стефче Трпковски, Вуковојац уверува дека трговскиот центар е вистинска потреба за жителите на Сопиште. Фирмата „ЈАКО Македонија“ постои 11 години. Основана е од Цветко Николовски. Во 2020 година како содружник во фирмата доаѓа Бети Вуковојац, која тогаш сè уште работи како советник во Бирото за метрологија при Министерството за економија. По 12 години поминати во Министерството, од кои седум во Бирото за метрологија, во септември 2020 година станува сосопственичка во „ЈАКО Македонија“, а позицијата во државната служба официјално ја напушта во декември истата година.
„ЈАКО Македонија“: Трговскиот центар е капитален објект за Сопиште
ИРЛ праша во „ЈАКО Македонија“ како ја убедиле локалната самоуправа во Сопиште дека ова е најдоброто идејно решение и проектот за изградба на трговски центар заслужува да биде реализиран, а притоа да не платат 127 илјади евра за комуналии.
„Како жители на општината можевме изворно да ја согледаме потребата од изградба на еден ваков капитален објект во кој граѓаните на општината ќе можат на едно исто место и на еден поквалитетен начин да задоволат повеќе потреби. Место каде што ќе има банка, каде што ќе можат да ги купат потребните намирници од супермаркетот, месарницата, пекарницата или други трговски брендови. Место каде што граѓаните ќе можат да ги прославуваат родендените и останатите приватни веселби и место во кое како младите така и повозрасните жители на општината ќе го зголемат квалитетот на сопствениот социјален живот. Токму недостатокот на еден ваков објект во општината беше главна причина што нè привлече да се одлучиме да инвестираме во еден ваков проект во Општина Сопиште. Веруваме дека токму горенаведените причини во голем дел помогнаа Советот на Општина Сопиште да го одобри нашето барање за ослободување од комуналии за деловниот простор“, одговорија од „ЈАКО Македонија“.
Локалната власт во Сопиште го прогласи трговскиот центар за проект од јавен интерес, а со тоа и го ослободи инвеститорот „ЈАКО Македонија“ од плаќање 127 илјади евра за комуналии за деловниот простор. Трговскиот е само дел од објектот што треба да се издигне во строгиот центар на Општината. Зданието од шест ката ќе вклучува 30 стана и две подземни гаражи, а пристап до објектот е тесната помошна уличка која ја користат мештаните и е широка само 3,5 метри. Советот на Општината со одлука го ослободи од плаќање комуналии инвеститорот непосредно пред да му издаде одобрение за градба во септември лани. Советот го прифати образложението на инвеститорот дека трговскиот центар во голема мера ќе ги подобри условите за живот на жителите на Сопиште, став кој го дели и градоначалникот на Општина Сопиште, Стефче Трпковски, кој, меѓу другото, јавно го повика Коста Милков да ја повлече тужбата за да се реализира проектот за изградба на трговско-деловен центар во Општината кој тој ја води веќе една декада.
Општина Сопиште низ годините прерасна во атрактивна локација каде што најчесто скопјани се одлучуваа да градат викенд-куќи во потрага по мир и спокој далеку од градската врева и урбаниот хаос во Скопје. Од Општината за ИРЛ посочија дека вкупно имаат издадено 238 одобренија за градење во последните пет години и нагласуваат дека сите одобренија се со намена за станбени куќи. Но, увидот во документацијата на Одделот за урбанизам при Општина Сопиште на ИРЛ открива дека одобренија за градење биле издадени и за три објекти со намена групно домување, а одобрение било издадено и за станбена зграда.