Press "Enter" to skip to content

Претседател на Судски совет: Никој не влијаеше на изборот на судиите, за понатаму ќе видиме

Судскиот совет по повеќе од една година од објавувањето на огласот за избор на судии во Апелацискиот суд во Скопје конечно избра шестмина судии кои ќе треба да го пополнат кусокот на судии во второстепениот суд. Лидија Зимбовска, Ѓоко Ристов, Јусуф Ајрулаху, Виолета Поповска, Аритон Ала и Цветанка Ташева се новите судии на скопската Апелација. Претседателот на Советот, Киро Здравев, рече дека членовите гласале независно, без никакво влијание.

„Гласањето е оставено на совест на членовите на Судскиот совет кој како ќе гласа. И јас како претседател на Судскиот совет не можам да вршам влијание“ – изјави претседателот Киро Здравев.

На прашање на новинар дали некој друг влијаниеше врз гласањето, тој одговори.

„Не, мислам дека не. Мислам дека не. Па, понатаму ќе видиме“.

За во Кривичниот оддел во Апелацискиот суд избрани се судиите Лидија Зимбовска, која му пресуди на бизнисменот Сеад Кочан во случајот “Труст“ и судијата Ѓоко Ристов кој го водеше првото судење за случајот „Шпион“, потоа случајот „Метастаза“, судењето за градоначалникот на Шутка Курто Дудуш кој доби условна казна и предметот „Тотал“ во кој е обвинет новинарот Драган Павловиќ-Латас.

Зимбовска била десетторангирана, а Ристов бил на 14-то место, но сите пред нив не го добиле потребното двотретинско. Пред нив на листа биле судиите Ивица Стефановски кој беше потпретседател на Кривичниот суд во времето на Владимир Панчевски, судијата Огнен Ставрев кој води неколку случаи на СЈО, судијката Оља Ристова и судијката Александра Ристевска. Пред нив рангирани биле и судии од други судови како Габриела Гајдова од Велес и претседател на судот во Кавадарци Лазар Нанев.

 

Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »