Press "Enter" to skip to content

Премиерот кој сака да биде инфлуенсер

Во последните 100 дена профилот Димитар Ковачевски потрошил 26,000 евра за спонзорирани постови на социјалните мрежи. Цела продукциска машинерија и гломазен владин пиар тим предводени од неговиот секретар за комуникации и неговиот шеф на кабинет работат во две смени за да ни го продадат премиерот како успешен. Нивната вистинска работа е да обезбедат корисни и важни информации за граѓаните.  Наместо тоа, на социјалните мрежи ќе ве нападнат идилични себерекламирачки спотови и постови. Изборниот законик, Законот за антикорупција и Кодексот на Владата забрануваат политичко рекламирање надвор од законските уредени кампањи.

Известува: Лила Караташева; Редактура и сценарио за видео: Сашка Цветковска; видео тим: Горјан Атанасов и Давид Илиески; илустрација: Лука Блажев

Димитар Ковачевски беше релативно непознат во јавноста како активен социјалдемократ. Сѐ до 13 јануари 2022 година кога ќе го отвори својот прв јавен фејсбук профил. Првиот пост веднаш ќе одекне во јавноста кога ќе објави дека се кандидира за претседател на Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија СДСМ.

Тој ден Димитар Ковачевски ќе креира 22 поста на социјалните мрежи кои го документираат неговиот активен ден: средби со партиски комитети, амбасадори, актуелни функционери, а половина од постовите ќе бидат графички решенија со пораки од неговата прва кампања „Заедно: одговорно и посветено“. Ќе вети бестрашното форсирање на мерит системот и шанса за компетентните, стручни и посветени луѓе.

“Мора да поставиме стручни и посветени луѓе на сите позиции кои што ќе донесат вистинска промена и ќе работат одговорно”, ќе соопшти Ковачевски преку социјалните мрежи и веќе на почетокот на следната недела, на 17 јануари 2021 година ќе биде избран и легитимиран во Собранието како претседател на новиот кабинет на владејачкото мнозинство.

Првите именувања на Ковачевски за двете највисоки позиции во кабинетот на претседателот на владата – шефот на кабинет и неговиот секретар за комуникации, ќе донесат релативно анонимни имиња без искуство во креирање јавни политики. Мартин Попов има куса партиска кариера како организациски секретар на СДСМ и заменик директор на градски паркинг, додека за секретарот за комуникации Ана Андреева познато е дека работела како акаунт во приватна маркетинг компанија, во фондацијата Отворено општество, а била и тренер за препознавање на медиумски дезинформации и пропаганда.

Со нив двајца ќе започне една цела нова ера во македонската политичка комуникација во која што во фокусот ќе се стави промоцијата на лицето Димитар Ковачевски, за што ќе се користат и државни ресурси.

Од денот на преземањето на функцијата премиер, Андреева ќе креира масивна кампања наречена “Никој нема да биде оставен сам” со позитивни наративи за да го „продаде” Димитар Ковачевски како вреден, семеен човек кој често посетува градинки, цркви, се слика со коледарчиња, посетува домови за деца без родители, болни деца, дели државни станови на социјално загрозени семејства итн. На крајот на видеата дури и се потпишува. Прашањето од кое што појдоа новинарите на ИРЛ беше како се крои и комуницира дневната агенда на премиерот и зошто принципот се темели на неговите потреби за промоција, а не на потребите на граѓаните од суштинско комуницирање на владините услуги и политики.

Видео сторија

Истражувањето на ИРЛ претставува колекција од јавно достапни документи и информации, анализа на социјалните профили на владините институции и премиерот, како и на законите, a фактите ќе не доведат до сознанија за креирање и злоупотреба на масивен механизам од човечки ресурси платени од владата преку плати, хонорари и договори со надворешни консултанти преку кои вршеле и вршат незаконита политичка кампања.

Анализата на поединечните постови, видеа и соопштенија на овој тим се дизајнирани на начин да ја поткопаат јавната дебата и да ги збришат медиумите како филтер на информациите. Со Андреева и Попов владата се претвори во голема редакција која има една цел – да прикаже извртена и лажна слика за реалните состојби со цел да го промовира премиерот во маркетинг политичка кампања.

Најскапиот инфлуенсер: За сто дена 26 илјади евра за спонзорирани себерекламирачки постови

Димитар Ковачевски е рекордер по објави на социјалните мрежи. Ниту неговиот претходник, ниту опозицијата не можат да го надминат неговиот број на објави. За споредба, Зоран Заев имал вкупно 2,863 поста на неговиот официјален профил од 2016 до денеска. Во една година Димитар Ковачевски имал 782 постови. Откако е креиран неговиот профил од 13 јануари 2022 година до 21 февруари 2023 (временски опсег на анализата на ИРЛ) тој има постирано 680 фотографии и 102 видеа за Фејсбук, Твитер и Инстаграм.

Најскапиот спонзориран пост е платен 4,000 евра и е повик за заследување на страницата на Димитар Ковачевски. Бројките не се пораснати драматично, досега има 4,670 следбеници на Инстаграм и 41,000 на Фејсбук. Петте најспонзорирани постови не комуницираат никаква услуга или владина политика.

Кликни на графиконот на зборовите “Реклама” за да го видиш видеото. Податоците за спонзорираните објави на премиерот се јавно достапни на алатката на Мета Ad Library чија цел е поголема транспарентност во политичкото рекламирање.
Reklama 2 Reklama 3 Reklama 4 Reklama 5

Според податоците прибрани преку јавно достапните бази на компанијата Мета, Димитар Ковачевски само во последните 100 дена потрошил 26 илјади евра за спонзорирање на постови. На овие постови како спонзори се јавуваат СДСМ, владата и други средства за кои што не се постојат податоци за крајните уплаќачи. СДСМ потврди дека тие плаќаат за спонзорства, додека владата негираше.  ИРЛ пронајде пет реклами поврзани со храната во Македонија каде што како плаќач е идентификувана владата.

Спонзорирани графички дизајни од владата со кои нашата држава треба да привлече туристи и да се претстави во најдобро светло кога се во прашање храната и виното.

Содржините на профилот кој е личен, а не во сопственост на владата каква што е светската пракса, се прават од лицата ангажирани во владата. Владата во емиал коресподенција со ИРЛ потврди дека тие алоцираат сет на услуги преку нивните човечки ресурси. Тимот за дигитални комункации работел во две смени, а тие биле задолжени за постирање и креирање содрижини, се вели во дописот до ИРЛ.

Владата како продуцентска куќа, премиерот како холивудска ѕвезда

Тимот на Димитар Ковачевски е првиот владин тим којшто воведе спотови во којшто премиерот е главен протагонист кој се бори за подобар свет и поубав живот. За ова е покрената цела продукциска машинерија. На пример, во последното видео на премиерот од неговиот пат за Минхен на Самитот за безбедност, владиниот тим покренал дрон на скопскиот аеродром за да сними кадри од владиниот авион. Потоа некој напишал текст за ова видео, смислувале сценарио, посветиле време и фокус на владините службеници за осмислување на пораките од видеото.

Како што потврди и Попов, сите негови дневни посети од кои што се креираат спотови, ги утврдуваат шефот на кабинет и секретарот за комуникации. Потоа настаните се снимани, стримувани, се монтираат со музика и ефекти и масовно се споделуваат.

„Ова се претвори во свет на политички старлети. Она што го гледаме кај Ковачевски не е комуницирање на владините пораки, туку рекламно убедување. Разликата помеѓу информирањето и рекламното убедување е важна бидејќи првото е објавување на корисни и важни информации за граѓаните, а второто цели да ве убеди и да влијае врз вашите ставови и однесување”, вели комуникологот Сеад Џигал.

Изборот на содржини од профилите на премиерот ги идентификуваат и неговите комуникациски приоритети. Пораките се загрижувачки и укажуваат на непочитување на владината комуникациска стратегија и злоупотреба на јавната доверба и на јавните ресурси од страна на комунакицискиот тим – наместо комуникација на политики и услуги за граѓаните се комуницира идеализирана верзија на лидерот и негови вредности кои во реалноста немаат поткрепа. Премиерот редовно снима видеа во градинки и студентски домови, дели клучеви од станови на ранливи категории, руча или доручкува по студентски мензи. Во минатото, поранешниот премиер Никола Груевски беше жестоко критикуван дека го крши законот и дека злоупотребува деца и ранливи групи во политички кампањи.

„Саморекламирањето мора да биде под критика на медиумите, на стручната и општата јавност. Треба да се сведе на минимум или да се напушти целосно, макар и тоа да е на социјалните мрежи. Да ги повикаме политичарите да не го злоупотребуваат тој простор, тие не може да бидат инфлуенсери“, вели Џигал. 

Спотовите со фалби за достигнувањата или вредностите на партиските кандидати за избори се фолкор кој до скоро беше резервиран за предизборните кампањи. Македонските закони со причина го уредуваат времето и местото на политичките кампањи. Но, социјалните мрежи отворија цела нова авенија за злоупотреба на ресурсите за себепромоција.

Изборниот законик, Законот за антикорупција и Кодексот на Владата забрануваат политичко рекламирање надвор од законските уредени кампањи со цел да спречат злоупотреби на ресурсите од страна на оние со моќ, како именувани и избрани функционери, но и да спречат корумпирање на јавната дебата која што треба да се базира на аргументирана комуникација од страна на политичките водечки чинители.

Владината редакција со високо развиена продукција 

Во електронска коресподенција со ИРЛ владата одговори дека нивниот тим се грижи за профилите на премиерот и владата. Но, профилот на премиерот е негов приватен, а не владин. Пешадиската работа се врши од страна на огромен број на лица вработени во владата чија што цел треба да е да ги комуницираат владините политики наместо промотивните кампањи на премиерот.

ИРЛ идентификуваше тим од најмалку 36 лица редовно или хонорарно ангажирани во владата чии што задолженија вклучуваат креирање на соопштенија за медиумите, агендата на премиерот, местата кои што ќе ги посети, дистрибутират медиумски текстови придружени со видеа и галерии, снимање, монтажа и продукција на видеа, смислување на постови, кампањи, постирање на социјални мрежи, координирање на тимовите итн. Ова го работи гломазен тим под водство на двајцата луѓе задолжени за избор и селекција на настани за коишто потоа се креираат и спотови и различни медиумски продукти.

Новинарите се револтирани бидејќи владата се однесува како медиум кој располага со готови текстови, фотографии и видеа, а вистинските медиуми служат само за да ги рашират веќе напишаните вести.

Во моментов тимот на владиниот пиар задолжен само за комуникациите на премиерот има повеќе ангажирани и од најголемиот тим на новинарски и продукциски персонал во најголемиот медум. Извршниот директор на Здружението на новинари на Македонија, Драган Секуловски  вели дека владата е нелојална конкуренција на медиумите.

„Агресивниот пиар прави дискриминација. На настани се случува снимателите од медиумите и новинарите да бидат одвоени настрана, а предност да имат службеници со фотоапарати на чии што материјали политичарите секогаш ќе бидат најубави и најпаметни, додека на материјалите од снимателите и новинарите може да имаат глупава изјава, да не испаднат добро на фотографијата и тоа е во ред и треба да се знае“, вели Секуловски 

Во сторијата „Владини сниматели и фотографи колку за цел медиум“, редакцијата на Радио Слободна Европа ќе предупреди за проблематичните аспекти на владината пропаганда и ќе посочи дека за владата и министрите заедно работат повеќе од 20 сниматели и фогографи.

(Крај на првиот дел)