Економистите од Институтот за економски анализи „Finance think“ ја коментираат најавата на Владата за зголемување на пензиите од 700 до 900 денари. Според нив, износот што Владата ќе треба да го префрли за зголемување на пензиите е висок и е над законски утврдениот праг. Од таму предупредуваат дека се доведува во ризик доследната имплементација на пензиската реформа.
Од „Finance think“ посочуваат дека „порастот на пензиите над очекуваниот максиум креира дополнителни очекувања кај пензионерите и остава простор да се толкува како предизборен потег.“
„Буџетскиот документ треба да даде соодветен осврт на ова прашање и да дефинира посветеност кон избегнување ад-хок зголемувања и менување на правецот од започнатата пензиска реформа. Во спротивно, стабилизацијата на пензискиот дефицит и ефектите од пензиската реформа ќе забават, па дури и може да преминат во негативни, односно кон повторно рапидно продлабочување не пензискиот дефицит“, велат од „Finance think“.
Денеска на прес конференција премиерот Зоран Заев и министерката за финансии Нина Ангеловска го презентираа буџетот за 2020 година. Заев изјави дека Владата се одлучила за покачување на пензиите, имајќи ги предвид економските параметри односно зголемувањето на просечната и минималната плата.