Press "Enter" to skip to content

Пендаровски: Секојдневно имаме судски случаи што предизвикуваат сомнеж

Претседателот Стево Пендаровски вели дека довербата на граѓаните во судскиот систем е во постојана надолна линија. Речиси нема човек во нашата држава што не минал низ судските лавиринти и што не поседува лошо искуство барајќи ја правдата, рече тој денеска на Регионалниот форум за добро владеење и борба против корупцијата.

„Говориме за неселективно и независно судство, кое професионално, правично и непристрасно ќе ги спроведува законите. Од друга страна, речиси секојдневно имаме судски случаи што предизвикуваат сомнежи дали во нашата држава правото важи еднакво за сите или можеби е сведено на политички инструмент, а правдата сè уште се повлекува пред моќта на моќните“, изјави Пендаровски.

Според него, во изминатите 10-15 години во нашата држава високата корупција прераснала во една од најголемите безбедносни закани за иднината на земјата. Пендаровски нагласи дека искрената борба за правна држава подразбира да се истражуваат криминалите на претходната, но и криминалите на актуелната власт и секој што згрешил пред законот, да добие соодветна казна. Истовремено, додаде тој, многу е значајно да не се дозволи преку намерно застарување на предметите да се случи т.н. скриена амнестија на сторителите на дела поврзани со високата корупција.