Press "Enter" to skip to content

Пендаровски: Поддршка за национален фонд за еколошка безбедност

Мислам дека ја реализиравме главната идеја – кревање на јавната свест за еколошка безбедност. Никогаш досега во историјата на земјата на толку високо политичко ниво не е разговарано за овој проблем. Граѓаните преку невладините организации имаа можност да бараат отчет од оние што се платени за ова да го работат, да кажат што сметаат за досегашните мерки и да сугерираат што треба да се преземе во иднина, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот на безбедност.

На прес-конференцијата во вила Водно, Пендаровски нагласи дека на оваа тема се разговарало повеќе од два часа. Притоа, дијалогот бил конструктивен. Немало расправии, зајадливи коментари или какви било непочитувања на другата страна.

„Проблемите во делот на заштитата на животната средина треба да се решаваат многу подобро и системски. Никој не може да ги реши во еден мандат. Битно е дека првпат на Советот за безбедност се повикуваат невладини организации и се поставува прашањето за еколошка безбедност. Мојата идеа да ги поканам невладините активни во оваа област беше да ги соочат своите аргументи со надлежните во државата за заштита на средината“, рече Пендаровски.