Press "Enter" to skip to content

Партиски списоци за фотељи наместо систем на заслуги по мерак на шефовите

Премиерот Ковачевски го презема мандатот од Заев со ветување дека во неговата власт ќе нема место за политикантство туку само за системот на вредности и заслуги.  Тоа не се исполни кога се назначуваа повеќе од 40 директори и заменици во само една година. За илустрација, преведувач стана директор на Агенцијата за странски инвестиции, а донатор на ДУИ се смести во Царината како заменик – директор.

Политичкиот договор за влегувањето на Алтернатива во владата кој може да и донесе и до 47 места во извршната власт одново ги стопи ветувањата дека државните институции ќе ги водат најспособните, а не партиските кадри. Партиските списоци за вработување започнаа да се кројат непосредно пред оставката на поранешниот премиер Зоран Заев, но продолжија по преземањето на Владата од Димитар Ковачевски во договор со коалициските партнери од ДУИ и Алтернатива. Недостатокот на критериуми во огласите ги остави институциите во рацете на лица со политичка позадина.

Секој добронамерен и стручен човек е добредојден во нашиот тим, а сите лажни, ниски и политикански акции ќе ги осуетиме и ќе покажеме дека се спротивни на интересите на граѓаните“ – изјави Димитар Ковачевски на 10 февруари, додавајќи дека за него системот на вредности претставува еден од врвните критериуми. 

Политиканските акции не се осуетија, а ни добронамерните и стручни граѓани не се најдоа во тимот. Дел од новите назначувања покажуваат дека предност повторно добиле оние кои веќе ја докажале лојалноста кон моменталната власт, наспроти стручноста. Така, в.д. директорот на Агенцијата за странски инвестиции од редовите на Алтернатива, на пример, не ги исполнува пропишаните критериуми во последниот оглас за таа функција, заменик – директорот на Царинската управа, која е една од клучните институции во државата, донирал пари во партијата ДУИ, додека заменик – министерот за одбрана, исто така член на ДУИ, завршил само физичко образование за кое смета дека најмногу му помага за тешката работа во Министерството.

Според списокот кој го доби ИРЛ од Владата до почетокот на март новата влада назначила 42 директори, в.д директори и заменици и сите се членови или се поврзани со некоја од партиите од владината коалиција. Но, политичкиот пазар за поделба на директорските позиции меѓу коалиционите партнери започна уште пред оставката на Владата предводена од Зоран Заев во декември.

Секој од нив имаше различни предлози и желби за лица кои ќе „газдуваат“ во државните институции. На последната владина седница од 21 декември веќе беа именувани дел од новите директорски места на предлог на Алтернатива – партија која од опозиција премина во власт и ја спаси од пад владата на СДСМ и ДУИ. Пазарењето на Алтернатива и донесе министерски и директорски позиции – според повеќе медиумски извештаи договорени се и до 47 позиции – дел од нив на база на партиско договарање без да се исполнат основните критериуми и квалитети.

В.д директори – злоупотребена процедура за назначување на лица кои заостануваат зад критериумите од огласите 

Од Комисијата за именување чиј претседател е Бојан Маричиќ за ИРЛ велат дека при именување на лица за извршни позиции, особено за функцијата заменик-министер, “претходат разговори и консултација со владините коалициони партнери за да се идентификуваат и прифатат соодветни кадровски предлози кои се пред се стручни и компетентни во областите за кои се именуваат.“

Недостатокот на утврдени критериуми и квалификации пак овозможува високите раководни позиции да им припаднат на оние кои функцијата ја заслужиле со својата лојалност кон партијата и лидерот.

Во голем дел од огласите на Владата за назначување на директорски позиции нема конкретно пропишани критериуми. Доволно е да немате правосилна пресуда во моментот на избор, да имате 240 кредити според ЕКТС, завршено високо образование и најмалку пет години работно искуство. Во владините огласи скоро никогаш не се наведува каква стручност и искуство се бара за позициите.

„Досегашниот начин на избор, именување и назначување на високите раководители се заснова на поделба на раководните позиции помеѓу коалиционите партнери во власта, без критериуми, со што се изложува на ризик севкупното работење засновано на начелото на стручност и заштита на јавниот интерес“- изјави за ИРЛ, Неда Малеска од Центарот за управување со кризи.

Таа посочува дека во ниту еден од 29те материјални закони кои ги уредуваат овие позиции нема утврден принцип заснован на заслуги за селекција на високите раководители. Според Малеска ова е најголемиот проблем, бидејќи критериумите за избор, именување и назначување на директори и заменици директори не се темелат врз системот на заслуги, ниту врз основа на сериозна проценка на стручните и раководните капацитети на кандидатите.

Дополнително, назначувањето на в.д директори продолжи да се користи како редовна пракса и покрај апелите на Антикорупциската комисија да престане да се употребува овој начин кој остава простор за постоење на висок ризик од политички влијанија и влијае на преселување на квалитетниот кадар за чие образование се вложувало во оваа земја.

Списоците кои ИРЛ ги доби од Владата покажуваат дека од досега назначените функциониери, 32 се  в.д директори, осум директори и двајца заменик в.д директори.

Еден од нив е и новиот в.д директор на канцеларија од која што ќе се носат клучни одлуки за Агенцијата за странски инвестиции, Беким Емини. Тој е пример дека дури и кога постојат утврдени критериуми, тие се заобиколуваат или остануваат само на хартија.

Во последниот оглас објавен за ова позиција во 2020 година, е наведено дека кандидатот за директор мора да има пет години работно искуство во областа на инвестиции и извоз и најмалку три години работно искуство на раководно место. Емини не ги исполнува.

Во неговата биографија пишува дека има завршено правен факултет, а пред да биде назначен за функцијата работел во Одделението за инспекциски надзор во Гостивар. И покрај тоа што Емини не ги исполнува критериумите според последниот оглас, тоа не го спречува да биде назначен за в.д директор. Емини во својата биографија навел дека е способен да одговори на административните предизвици.

Дека овие позиции се резервирани и за задоволување на апетитите на помалите коалициски партнери покажува и примерот на Владимир Кроневски, член на претседателството на Демократскиот сојуз. Тој е меѓу новоизбраните в.д директори, кој сега раководи со Службен весник, а претходно бил и заменик директор на Ј.П градски паркинг. Кроневски е инаку дипломиран социјален работник и магистер по менаџмент.

Недостатокот на критериуми – можност за ДУИ да му се оддолжи на Муарем Асани за паричните донации во партијата 

Вратите на државните институции се пошироко отворени за оние кои дале личен придонес во партијата која е на власт преку паричен влог кој ја збогатил партиската класа. Пример за ова е новиот заменик директор на Царинската управа, Муарем Асани кој во текот на својата кариера ротирал низ државните институции. Од својата плата успеал да издвои и околу 3 илјади евра кои во два наврати ги донирал на сметката на ДУИ. Во 2014 година донирал 30 илјади денари, а потоа во 2016 сметката на ДУИ тежела 180 илјади денари повеќе благодарение на Асани. Од Владата велат дека Асани бил единствениот кандидат кој ги исполнувал условите на огласот кој траеше пет дена.

Асани е магистер по право, а досега работел како раководител на даночната единица во ЈП Македонија пат во периодот од 2011 до 2012 година, а бил и советник за финансиски прашања во кабинетот на генералниот директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на РСМ.

Во медиумските известувања во текот на годините за новиот заменик директор и неговите двајца браќа Беќир и Бејтула не може да се прочита ништо што посочува дека станува збор за стручни луѓе на кои треба да им се доверат државни институции. Неговиот брат Беќир Асани на јавноста и е познат од „бомбите“ во 2017 година како извршител на задачите на членови кои високо котираат во партијата ДУИ и претседател на огранокот на партијата во Чаир.

Медиумите известуваа и за настан во кој Беќир нападнал полицајка која со помош на пајак – служба се обидела да го отстрани неговото непрописно паркирано возило, но подоцна полицајката изјави дека самата се удрила. Поранешниот претседател на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани кој на фејсбук статус напиша за овој настан дека правната држава клекнала на колена пред еден „силеџија“ доби заканувачки пораки за него и за неговото семејство од нивниот трет брат Бејтула Асани. Новинските написи кои се појавуваат кога ќе се напише името Муарем Асани не се поразлични од оние за неговите браќа. Медиумите пишуваа дека Асани влегол вооружен во Македонија пат и бил нападнат од страна на обезбедувањето, но тој го негираше настанот.

Заменик министерот за одбрана со завршено физичко образование

Од Владата велат дека одговорност за изборот на заменик – министрите имаат само партиите, но дека се водат по начелото на професионални квалитети, искуство и личен интегритет. Минатиот месец Владата назначи 16 заменик – министри. Некои од нив во своите биографии го наведоа пребарувањето на Гугл како посебна вештина која ја поседуваат.

Професорот Борче Давитковски од правниот факултет смета дека позициите заменик – министер се непотребни во нашето државно уредување. Тој го посочи и примерот со уредувањето во Велика Британија каде што министрите имаат свои помошници со потребно образование за конкретната дејност за која што помагаат.

„Кај нас заменик – министрите ги третираат како политички личности и ги уживаат сите лагодности кои им ги дава системот, кабинет, шофер и сето тоа е спротивно на европските стандарди“ – вели Давитковски

Изборот на заменик – министрите го верификува Собранието преку гласање, но предложените кадри мора да ги исполнуваат условите и критериумите предвидени за овие функции кои во реалноста не се целосно утврдени.

Заменик – министерот за одбрана, Башким Хасани е само еден пример дека не постојат прецизно утврдени критериуми и квалификации за утврдување на стручни познавања во одредена област кои би требало да бидат од клучна важност за лицата на кои им се доверуваат министерствата.

Во разговор со ИРЛ, заменик министерот за одбрана откри дека за работата која ја извршува во министерството зема плата над 63.000 денари. Потврди и дека политичкиот ангажман му помогнал во назначувањето на високите позиции, но му помогнале и неговите познанства.

На прашањето колку му помага неговото физичко образование во извршување на актуелната функција тој одговори дека за човек кој е активен во политиката и работата која му е многу напорна, треба да биде и кондиционо спремен.

„Моето образование ме научи како да избалансирам физичка и психичка стабилност и при ваков напор ми помага да ги завршам секојдневните активности“ – рече Хасани и упати совет до сите кои извршуваат напорни работи преку ден, да не се откажуваат од физичка активност.

Во последниот извештај од Европската комисија една од препораките за нашата земја е да се спроведе Законот за висока раководна служба кој неколку пати е враќан на доработка. Овој закон треба да гарантира дека кадрите ќе бидат избирани според мерит системот и на транспарентен начин.

„Законот се заснова на начелата на рационалност, демократичност и транспарентност“- велат од Министерството за информатичко општество.

Но додека не се спроведе овој закон, шансите во државните фотелји да седнат лица кои не се од партиските кругови се сè помали. Овие позиции и понатаму ќе бидат главен адут за политичкиот пазар меѓу партиите.

Последни стории 

Зоран Заев и Кочо Анѓушев беа позната политичка и бизнисменска двојка додека заедно ја водеа владата со фокус на реформи во економијата. На влегување ветија економска пролет, на излегување ги дочека енергетска катастрофа. Во истата и двајцата видоа шанса, а Законот за енергетика кој го истуркаа додека беа на Илинденска се покажа инспиративен – и едниот и другиот на различен начин ќе ги ползуваат бенефитите од стратешките инвестиции во сончевата енергија. Анѓушев како стратешки партнер на владата со старо нова фирма, а Заев со синот Душко ќе го направи првиот чекор во бизнисот со струја – и тоа не било каква, туку произведена од сонце. Целата сторија прочитајте ја на линкот во продолжение.

Економските реформатори во потера по сонцето

Оваа сторија е дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој вклучува активности за истражување и застапување со цел поддршка на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото. Проектот е поддржан од страна на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED) од Соединетите Американски Држави. За содржината одговорен е ИДСЦС и во никој случај не ги отсликува позициите на Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy – NED).
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.